У.бр.178/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 декември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 131 став 3, 132 став 2, 133 став 3, 134 став 6 и 135 став 4 од Законот за заштита на потрошувачите (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/2004).

2. Манчо Манчев од Кавадарци, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби од Законот за заштита на потрошувачите биле несогласни со Уставот, затоа што со овластувањето на министерот за економија да одлучува по жалба против решенијата на инспекторите со кои на трговецот привремено му се забранува продажба на производите, односно вршење на дејноста, се повредувало начелото на двостепеност во одлучувањето, загарантирано со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со одредбите од член 131 став 3, член 132 став 2, член 131 став 3, член 134 став 6 и член 135 став 4 од Законот се предвидува можност против решенијата на инспекторите со кои привремено се забранува продажба на производите, односно се забранува вршење на дејноста во траење од 90 дена, да се изјави жалба до министерот за економија.

4. Согласно член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организации и други институции што вршат јавни овластувања.

Според Судот, смислата на оваа уставна одредба е да се обезбеди двостепеност во одлучувањето, со тоа што по жалбата треба да одлучува друг повисок орган од органот што одлучувал во прв степен, во што се состои и деволутивното дејство на жалбата.

Законот за заштита на потрошувачите предвидува дека со него се уредува заштитата на правата на потрошувачите, условите и начинот за остварувањето на оваа заштита, условите за трговското работење што се од значење за остварувањето на заштитата на правата на потрошувачите, правата и обврските на здруженијата на потрошувачите, како и надлежностите на органите на државната управа во однос на заштитата на потрошувачите.

Притоа, Законот предвидува право на потрошувачот да биде информиран за условите на продажбата на производите и давањето на услуги; правото на рекламирањето на производите и услугите; општа безбедност на производите и одговорност во врска со тоа; посебни определби за потрошувачките договори; прашања сврзани со давање на јавни услуги на потрошувачите и прашања сврзани со надзорот врз спроведувањето на законот.

Во тој контекст, законодавецот ги овластува инспекторите, доколку утврдат неправилности при спроведувањето на надзорот (ако трговецот јасно, читливо и видливо не бележил на производот и на продажното место не истакне натпис дека се работи за продажба на производи со недостаток или грешка, со несоодветна амбалажа; ако процентот на снижувањето на цената што е објавен во распон, не се однесува најмалку на една петтина на сите производи што се на распродажба; ако трговецот не издаде гаранција за квалитетот на производот; ако производителот не се придржува на обврските од гарантниот лист; ако пушти во промет детска играчка која ја загрозува безбедноста и здравјето на децата; ако трговецот јасно и на видно место во продажниот простор не ги истакне продажните услови; ако го условува купувањето на едни со купување и на други производи и сл.), да донесат решение за привремена забрана на продажба на производите и да определат рок за отстранување на неправилностите.

Доколку во определениот рок, трговецот не ги отстрани неправилностите, инспекторите ќе донесат решение за забрана на вршење на дејноста во траење од 90 дена.

Против овие решенија, законодавецот предвидува можност трговецот да изјави жалба до министерот за економија.

Имајќи го предвид изнесеното, во контекст на одредбата од член 15 од Уставот, Судот оцени дека предвидувањето по жалбите против решенијата на инспекторите со кои на трговецот привремено му се забранува вршење на дејноста во рок од 30, односно 90 дена, да одлучува министерот за економија е во духот на уставната интенција за гаранција на начелото на двостепеност во одлучувањето, во смисла што во втор степен одлучува друг орган на управата кој не учествува во донесувањето на првостепеното решение.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.178/2004
8 декември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова