Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 1 декември 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 118 од Законот за сопственост и други стварни права (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/2001).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 121 и 122 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Проф. д-р Мирослав Грчев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите на Законот за сопственост и други стварни права означени во точката 1 и 2 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорениот член 118 се нарушувале темелните вредности на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 3 и 6 од Уставот, бидејќи се овозможувало “несовесен градител” свесно да гради со неверодостојна исправа за сопственоста на земјиштето со што и одобрението за градење било фалсификувано. Имено, според Законот за изградба на инвестициони објекти и Законот за градежно земјиште, само сопственикот на земјиштето има право на градба врз основа на одобрение кое можело да му биде издадено во законска процедура.
Како причини за неуставноста на овој член од Законот се наведуваат противречноста или неусогласеноста на овој член со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за изградба на инвестициони објекти. Така, споредувајќи ја оспорената одредба со одредбите од овие два закони, подносителот на иницијативата извлекува заклучок дека бесправното градење на сопствено, а уште повеќе на туѓо земјиште, се санкционира како кривично дело и органите за инспекциски надзор и урбаната полиција во име на законот и уставниот поредок по службена должност ги рушат во вонсудска постапка. Од друга страна, според оспорениот член 118 оштетениот сопственик на земјиштето може да бара заштита пред суд, а судот по исклучок може да одлучи објектот изграден по пат на кршење на позитивните закони да не се руши, со што се кршеле начелата на владеење на правото и на правната заштита на сопственоста.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека и со членот 121 од Законот се повредува уставниот поредок на Република Македонија од причина што со решението дадено во оваа законска одредба на градителот на објектот без одобрение за градба му било обезбедно право на заштита како на сопственик “до легализација или рушење на тој објект”. Ваквото решение, според подносителот, претставува “ретроактивно легализирање на кривично дело или прекршок кој морал да биде санкциониран”. Решението во ставот 2 од истиот член, исто така, било спротивно на уставниот принцип на владеење на правото, бидејќи со истиот се овозможувало по пат на кршење на законот, со загрозување на туѓа сопственост да се стекне имотна корист.
Во членот 122 став 2 и 3 од оспорениот закон било утврдено за доградба односно надградба на зграда во етажна сопственост да одлучува “мнозинството сопственици на посебните делови кои претставуваат повеќе од половина од вредноста на зградата”. Ваквото решение ја нарушувало сопственоста на малцинството сопственици на посебни делови на зградата, бидејќи стекнатата сопственост претставува заедничка сопственост и со тоа неделива сопственост за чија употреба е неопходна согласност на сите сопственици. Токму поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека овој член е спротивен на член 8 алинеја 6 од Уставот на Република Македонија.
Поради сите наведени причини во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 118, 121 и 122 од Законот во однос на член 8 алинеја 3 и 6 од Уставот, а потоа и да ги укине.
4. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 118 од Законот за сопственост и други стварни права е предвидено дека ако градителот, иако имал одобрение за градба, но знаел или можел да знае дека исправата за правото на сопственост на земјиштето не е веродостојна, гради на туѓо земјиште, а сопственикот веднаш се спротивставил на тоа, сопственикот на земјиштето може да бара да му припадне правото на сопственост на градежниот објект или градителот да го сруши изградениот објект и да му го врати земјиштето во првобитна состојба или градителот да му ја исплати прометната цена на земјиштето.
По исклучок од одредбата од став 1 на овој член, судот може да одлучи изградениот градежен објект да не се сруши, ако рушењето на градежниот објект со оглед на околностите на случајот, а посебно на вредноста на објектот, имотните прилики на сопственикот на земјиштето и на градителот, како и на нивното однесување во текот на градбата, не би било општествено оправдано.
Во случаите од став 1 на овој член сопственикот на земјиштето има право и на надоместок на штета.
Ако сопственикот на земјиштето бара да му припадне правото на сопственост на градежниот објект, должен е на градителот да му ја надомести вредноста на објектот во висина на градежната цена на објектот во местото во кое се наоѓа во време на донесувањето на судската одлука.
Правото на избор од став 1 на овој член сопственикот на земјиштето може да го оствари најдоцна во рок од три години од денот на завршувањето на изградбата на градежниот објект. По истекот на овој рок сопственикот може да бара исплата на пазарна цена на земјиштето во време на донесување на судската одлука, а најдоцна за време од десет години од завршената изградба.
Според член 121 од Законот, на градежен објект изграден без одобрение за градење градителот со самата градба не стекнува сопственост, а до легализација или рушење на тој објект врз основа на одлука на надлежен орган ужива соодветна судска заштита која му припаѓа на сопственик, ако со закон поинаку не е определено.
Градителот на објектот од став 1 на овој член кој гради на свое или туѓо земјиште под услови утврдени во овој закон, може да стекне сопственост на таков објект, односно градбата да се легализира, доколку објектот се вклопува во урбанистичкиот план, а градбата се потврди со одобрение за градење од надлежен орган и се запише во јавната книга за запишување на правата на недвижностите.
Ако за земјиштето каде што е изграден градежен објект без одобрение за градење не постои урбанистички план, а надлежниот орган утврди дека поминале десет години од изградбата на објектот и ја потврди градбата со одобрение за градење, градителот стекнува сопственост со упис во јавната книга за запишување на правата на недвижностите, ако со посебен закон поинаку не е предвидено.
Според член 122 од Законот, доградба и надградба на зграда се врши врз основа на детален урбанистички план и урбанистички проект.
Доградба, односно надградба има право да бара сопственик, односно сопственици на постојна зграда. Со доградбата, односно надградбата сопственикот, односно сопствениците стекнуваат право на сопственост и врз доградбата, односно надградбата.
Право на доградба, односно надградба на зграда во етажна сопственост (зграда со два или повеќе станови што им припаѓаат на две или повеќе лица) имаат сопствениците на посебните делови од зградата. За доградбата, односно надградбата одлучува мнозинството сопственици на посебните делови од зградата кои претставуваат повеќе од половината на вредноста на зградата. Ако за доградбата, односно надградбата има повеќе интересенти отколку што е предвидено да се изградат нови делови од зградата и ако за тоа не се постигне согласност меѓу нив, по барање на секој од заинтересираните одлучува судот, водејќи сметка за принципот на правичност.
Ако за доградбата, односно надградбата не се заинтересирани сопствениците на посебните делови од зградата, правото на градење можат да им го отстапат на трети лица со мнозинство гласови на посебните делови од зградата кои вредносно претставуваат повеќе од половина од вредноста на зградата, со тоа што градителот, односно градителите се должни да платат соодветен надоместок за правото на градење врз туѓо земјиште, како и за штетите што можат да бидат предизвикани како резултат на градењето.
5. Според членот 8 од Уставот на Република Македонија темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другите, се принципот на владеењето на правото и правната заштита на сопственоста.
Во членот 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сосптвеност, кое според ставот 2 на истиот член создава права и обврски и треба да служи на поединецот и на заедницата.
Согласно член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.
Во Главата ИВ од Законот за сопственост и други стварни права се уредува прашањето на стекнувањето, заштитата и престанокот на правото на сопственост.
Во членот 112 од Законот се дадени правните основи на стекнување на правото на сопственост според закон, врз основа на правна работа и наследување. Согласно ставот 2 од овој член, правото на сопственост се стекнува и со одлука на државен орган, на начин и под услови определени со закон.
Понатаму, во членот 113 од истиот закон, се утврдени можните начини за стекнување на правото на сопственост според закон и тоа: со создавање нова ствар, со мешање и спојување, со градење на земјиште, со одржување, со одвојување на плодовите, со стекнување сопственост од несопственик, со окупација, со припојување и таложење, со промена на корито на водотек и создавање на острови во други случаи определени со закон.
Што се однесува до стекнувањето на правото на сопственост со градење на земјиште, во Главата ИВ на овој закон се разработени случаите и условите под кои градителот на градежниот објект може да се стекне со право на сопственост и тоа: со градење на сопствено или на туѓо земјиште со согласност или без согласност на сопственикот на земјиштето, а кои децидно се содржани во членовите 116 и 119 од Законот, со градење врз основа на туѓо право на градење според член 120, со градење без одобрение за градба според член 121, со доградба и надградба според член 122 и со пречекорување на меѓа при градење според членот 123 од Законот.
Од цитираните одредби на Законот за сопственост и други стварни права, според мислењето на Судот, произлегува дека законодавецот посебно ги уредил правните основи и услови за стекнување на правото на сопственост. Оттаму, логичен е заклучокот дека можноста за стекнување право на сопственост на несовесниот градител на земјиштето кое не е во негова сопственост или на совесниот сопственик на земјиштето на градежниот објект, а под условите утврдени во член 118 е само еден од законските основи за стекнување право на сопственост.
Со определувањето на посебните услови за стекнување на право на сопственост, со оспорениот член 118 од Законот не може да се доведе во прашање неговата согласност со Уставот, од причина што во ниту еден момент не се ограничува сопственоста, туку напротив се определени начините и дадена е заедничка солуција за решавање на настанатата ситуација. Со оспорената одредба основната цел на законодавецот е заштита на економските и социјални права на граѓанинот.
Имено, тргнувајќи од ваквата интенција на законодавецот, Судот утврди дека можноста на градителот кој, иако имал одобрение за градба, но знаел или можел да знае дека исправата за правото на сопственост на земјиштето не е веродостојна, гради на туѓо земјиште, да ја исплати прометната цена на земјиштето и на тој начин да се стекне со право на сопственост и на земјиштето, како и можноста да сопственикот на земјиштето се стекне со право на сопственост на градежниот објект, но со обврска на градителот да му ја надомести вредноста на објектот во висина на градежната цена на објектот, својата оправданост ја наоѓа во сферата на социјалната сигурност на граѓаните за која Републиката согласно член 35 став 1 од Уставот има уставна обврска да се грижи.
Од наведените причини, Судот оцени дека тврдењето во иницијативата дека со Законот за просторно и урбанистичко планирање и во Законот за изградба на инвестициони објекти бесправното градење се санкционира, не може да најде допирни точки со конкретната проблематика, бидејќи во случајов се работи за стекнување на право на сопственост со градење на земјиште, како еден од законските основи на стекнување на правото на сопственост на градител кој има одобрение за градба. Токму поради тоа и во оспорената законска одредба се дадени условите кои мора да бидат исполнети за да може несовесниот градител да се стекне со правото на сопственост на земјиштето.
Имено, од анализата на законската одредба произлегува дека во истата се изнесени правила за случај кога градителот е несовесен, и тоа: ако градителот знаел дека гради на туѓо земјиште и ако тоа градителот не го знаел, а сопственикот веднаш се спротивставил.
Во двата случаи градителот, сепак, започнал, односно продолжил да го гради градежниот објект на туѓо земјиште, поради што неговата несовесност укажува дека тој имал намера да се стекне со определена корист преку недопуштеното дејствие. Но, токму во насока да се спречи ваквата несовесна намера на градителот, оспорената законска одредба определува, односно нуди правила со кои ги заштитува загрозените интереси на сопственикот на земјиштето. Овде, всушност, се врши узурпација на туѓо земјиште и несовесниот градител се обидува со изградба на објектот да создаде состојба која нема правна основа.
Меѓутоа, за надминување на таквата состојба, Законот предвидува три можни решенија.
Според првото решение сопственикот на земјиштето може да бара да му припадне правото на сопственост на градежниот објект, но со обврска на градителот да му ја надомести вредноста на изградениот објект во висина на просечната градежна цена на тој објект која ја има во местото и времето на донесување на судската одлука, и право градителот да му ја надомести штетата која му ја причинил со градењето на неговото земјиште.
Со второто решение сопственикот на земјиштето може да бара градителот да го сруши градежниот објект и земјиштето да го врати во првобитна состојба, без оглед на тоа дали градежниот објект е веќе завршен или уште е во изградба.
Со последното, трето решение, сопственикот има право да бара да му се исплати прометната цена на земјиштето, при што, иако во Законот изречно не е наведено, произлегува дека станува збор за прометна вредност во времето на донесувањето на судската одлука.
Што се однесува до наводот во иницијативата дека според оспорениот член 118 оштетениот сопственик на земјиштето можел да бара заштита пред суд кој, по исклучок (став 2 од член 118) можел да одлучи изградениот градежен објект изграден со кршење на позитивните закони да не се сруши, со што се нарушувале начелата на владеење на правото и правната заштита на сопственоста, Судот исто така оцени дека подносителот на иницијативата оваа одредба погрешно ја толкува. Имено, во ставот 2 од член 118 од оспорениот Закон, децидно се наведени причините поради кои судот по исклучок од став 1 може да одлучи изградениот градежен објект да не се сруши, а тоа се: вредноста на објектот, имотните прилики на сопственикот на земјиштето и на градителот, како и нивното однесување во текот на градбата. Сите наведени компоненти се од важност за судот да оцени дали рушењето на градежниот објект е, или не е општествено оправдано. Оттука, произлегува логичен заклучок дека законодавецот со ваквото решение ги имал во вид темелните вредности – владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, со тоа што ја имал во вид и општествената оправданост на постапката.
Од причина што оспорените членови 121 и 122 од Законот за сопственост и други стварни права биле предмет на оцена од страна на Уставниот суд, кој со Решение У.бр.203/2002 од 12 март 2003 година и У.бр.184/2003 од 3 ноември 2004 година ја оценувал нивната согласност со Уставот од аспект на членовите 8, 9, 26, 30, 33, 43, 51, 54, 55, 58 и 59 и не повел постапка а во конкретниов случај наоѓа дека не постојат основи за поинакво одлучување, Судот согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, во овој дел иницијативата ја отфрли.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.110/2004
1 декември 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова