У.бр.205/2003-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 1 декември 2004 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 51 став 2 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.97/2002).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Лорија Ваневска, адвокат од Скопје со Решение У.бр.205/2003 од 6 октомври 2004 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 51 став 2 од Статутот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 51 став 2 од Статутот, за дебатни, стручни и научни истапувања согласност дава Управниот одбор на Адвокатската комора.

4. Во членот 8 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другите, се утврдени основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и принципот на владеењето на правото.

Во делот на граѓанските и политичките слободи и права, Уставот во членот 16 став 1 и 2, меѓу другото, ја гарантира слободата на јавното изразување на мислата и слободата на јавниот настап.

Понатаму, како релевантен член од Уставот кој што се имаше предвид при оценување на уставноста на оваа одредба од Статутот е членот 54 во кој што, меѓу другото, е утврдено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1) и дека ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува и на слободата на јавното изразување на мислата за која станува збор во конкретниот случај (став 4).

Од наведените одредби од Уставот произлегува дека остварувањето на уставно гарантираните слободи на јавно изразување на мислата и јавниот настап не може да се ограничи во ниеден случај, што значи дека овие две слободи Уставот ги определува како апсолутни, без ограничување.

Инаку, смислата на слободата на јавно изразување на мислата и слободата на јавниот настап е секој да може јавно да ги искаже сопствените погледи и мислења за било кое прашање, настан или појава и тоа на сите места кои за тоа се определени и можни, како на пример на организирани советувања, симпозиуми, научни и стручни собири, јавни трибини и слично или преку определени средства за јавно информирање. Слободата на јавно изразување на мислата и на јавниот настап, исто така, не претпоставуваат обврска претходно да се пријави говорот, односно настапот, ниту значи дека некој од некого е должен да бара претходно одобрение за тоа.

Меѓутоа, ваквата апсолутност и неограниченост на овие две слободи не значи дека е дозволено тие да бидат и злоупотребени на пример, во смисла на нарушување на јавниот ред и мир, повреда на достоинството и интегритетот на личноста, како и доведување во прашање на слободите и правата на другите граѓани.

Имајќи го предвид наведеното Судот утврди дека одредбата од ставот 2 на членот 51 од Статутот не е во согласност со Уставот на Република Македонија, затоа што со самото предвидување дека за дебатни, стручни и научни настапувања на адвокатот согласност дава Управниот одбор однапред се попречува, односно ограничува остварувањето на неговата слобода на јавно изразување на мислата и на јавен настап, гарантирани со членот 16 став 1 и 2 од Уставот. Ова дотолку повеќе што настапувањето на адвокатите на стручни и научни дебати не може да се подведе под вршење на адвокатска дејност во смисла на Законот за адвокатурата, па затоа ваквото нивно настапување не може да се ограничува ниту со закон, ни со Статутот на Адвокатската комора.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Ова одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.205/2003
1 декември 2004 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова