Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 ноември 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на
2. Здружението за култура на живеење, унапредување и хуманизација на просторот “Урбис” – Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата со Одлука на Владата за оттуѓување на градежното земјиште на локалитетот “Француски гробишта” се повредувале членот 8 алинеја 11, членот 56 и членот 118 од Уставот на Република Македонија, член 8 став 3, членовите 9, 10, 11, 17, 18, 19, 20, 22, 23 и 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999 и 53/2001). Според наводите во иницијативата оспорениот акт, исто така, не бил во согласнот со Европската конвенција за пределот (Фиренца, 20 октомври 2000 година, “Службен весник на Република Македонија” бр.44/2003), Конвенцијата за заштита на архитектонското наследство на Европа (Гранада, 3 октомври 1985 година), Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство (Париз, 16 ноември 1972 година) и Европската конвенција за заштита на археолошкото наследство (ревидирана) (Валета, 16 јануари 1992 година).
Од содржината на иницијативата, произлегува дека подносителот најнапред укажува на околноста дека зачувувањето на тврдината Кале и поширокиот простор околу него претставувало императив од национален интерес. Остатоците од средновековната тврдина кои доминирале со просторните и неизградени платоа и падини на ридот Градиште, претставувале споменик на културата и истите се подредувале под поимот “Културен пејзаж”, кој законски се заштитува од можни узурпации, на кое Република Македонија била обврзана бидејќи е потписник на меѓународни конвенции и резолуции, односно документи кои што ваквите отворени простори како културни добра ги предвидувале под режимот на културното наследство од највисок ранг.
Според наводите во иницијативата секоја држава според УНЕСКО и Советот на Европа имала должност да обезбеди сигурна трансмисија на културното наследство во неговата автентична состојба за идните генерации. Токму поради тоа, подносителот смета дека со градењето на дипломатско претставништво би се повредиле правата на идните генерации да го поседуваат и уживаат наследството што го оставила историјата и претходните генерации. Ова дотолку повеќе што според подносителот, тој простор поради изградбата на странска амбасада, добива статус на екстериторијалност за што се применуваат други стандарди според меѓународните конвенции за дипломатско-конзуларните работи и односи што ја исклучувало домицилната држава од јурисдикција и го суспендира пристапот на граѓаните на предметниот простор.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека ридот Градиште како целина, заедно со северниот и јужниот дел, како симболична историска силуета на градот Скопје, претставувала сосема друга споменичка категорија – “Културен пејзаж”, кој како современ појмовен и типолошки образец во заштитата на културно историското наследство бил дефиниран со актите од страна на УНЕСКО, а потоа проширен и на ниво на Советот на Европа, ИКОМОС, ИКРОМ и други тела. Со овие документи била извршена категоризација на културните пејзажи во три нивоа, од кои највисока категорија е асоцијативниот културен пејзаж, во која, според подносителот, се вбројува сега спорниот локалитет ридот Градиште. Оттука, оспорениот акт не бил во согласност со членот 56 од Уставот на Република Македонија.
Во иницијативата, исто така, се наведува дека оспорената одлука не била во согласност со член 118 од Уставот, бидејќи со истата се повредени Европската конвенција за пределот, Конвенцијата за заштита на архитектонското наследство на Европа, Европската конвенција за заштита на археолошкото наследство и Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство, чии потписник е Република Македонија и како такви се составен дел на внатрешниот правен поредок на Република Македонија. Според подносителот, зоната која ги опфаќала Скопското Кале и ридот Градиште, биле токму таков предел, за кој државата морала да обезбеди посебни мерки на заштита, а не негово оттуѓување со режим на екстериторијалност поради наводниот Договор за оттуѓување на градежното земјиште на локалитетот “Француски гробишта” во непосредна близина на Касарната “Илинден” во Скопје за изградба на нова Амбасада на САД во Република Македонија.
Со иницијативата, исто така, се побива оспорената одлука и поради нејзина несогласност со одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање, наведувајќи дека со актуелниот Генерален урбанистички план на град Скопје, на ридот Градиште не била предвидена изградба на дипломатски претставништва. Оттука, никаква одлука за оттуѓување на градежното земјиште на спорниот локалитет, токму на северниот дел на ридот Градиште, не е во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Според подносителот на иницијативата, “одлуката за отуѓување” односно доделување на градежно земјиште на спорниот локалитет, за кој не постои Детален урбанистички план донесен од општината во согласност со Генералниот урбанистички план на град Скопје, и за кој со Генерален урбанистички план постои друга намена од онаа за која земјиштето е предадено односно отуѓено, е спорна и значи екстериторијалност, надвор од јурисдикцијата на Република Македонија.
Согласно изнесеното се бара Уставниот суд на Република Македонија, заради разјаснување на фактичката и правната состојба да одржи подготвителна седница на која ќе бидат повикани учесниците во постапката и стручни органи и научни и стручни работници децидно наведени во иницијативата, како и да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, а потоа и нејзино укинување или поништување. Истовремено, од Судот се бара, доколку има основа да се оцени уставноста и законитоста на “Договорот склучен врз основа на Одлуката”, како и Судот да изрече времена мерка.
3. Судот на седницата утврди дека од целокупната писмена документација доставена од Владата на Република Македонија со писмо бр.23-1556/2 од 6 октомври 2004 година, до Уставниот суд на Република Македонија, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека Владата донела одлука со основ и содржина како се наведува во иницијативата. Имено, по извршениот увид во доставената документација Судот утврди дека Владата е во фаза на преземање на претходни, подготвителни дејствија, но конечна одлука не е донесена.
4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Од анализата на цитираната уставна одредба произлегува дека Уставниот суд меѓу другото е надлежен да одлучува за согласноста на подзаконските прописи и колективни договори со Уставот и законите.
Меѓутоа, од извршениот увид во доставената документација, Судот утврди дека Владата на Република Македонија нема донесено акт, односно пропис со содржина наведена во иницијативата, односно “Одлука за отуѓување на градежно земјиште на спорниот локалитет”, како што се тврди во иницијативата. Оттука, со оглед на фактот утврден во текот на претходната постапка дека Владата на Република Македонија нема донесено пропис, односно акт за кој се бара уставно судска оцена со сега поднесената иницијатива, во конкретниов случај, не постојат процесни претпоставки за уставно судска расправа, поради што иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, се отфрла.
При донесување на својата одлука Судот, исто така, го имаше во вид и барањето во иницијативата предмет на оцена да биде и Договорот склучен врз основа на одлуката. Меѓутоа, од увидот во приложената документација произлегува дека во истата е содржан Договор за условна продажба, склучен на 13 декември 2003 година во кој како странки се јавуваат САД и Владата на Република Македонија преку нејзиното Министерство за транспорт и врски, во кој предмет на продажба е парцелата од приближно единаесет (11,1) ари (4,44 хектари) со надворешниот габарит што се протега меѓу Ул. “Самуилова” на свероисток и Ул. “Лазар Личеноски” на југозапад, што се наоѓа во близина на Француските гробишта во Скопје.
Меѓутоа, според оцена на Судот ниту Договорот може да биде предмет на уставно судска оценка, од причина што истиот нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот, односно не уредува односи на општ начин и за неопределени субјекти, туку напротив договорот по својата форма претставува облигационо правен однос со кој се регулираат права и обврски на две договорни страни и се однесува интер партес, поради што Уставниот суд не е надлежен да одлучува по него. Ова дотолку повеќе што овој договор има карактер на преддоговор и има темпорален карактер, односно истиот е валиден се до донесување на главен, договор.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.62/2004
24 ноември 2004 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова