Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 ноември 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 136 став 5 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2002, 98/2002, 25/2003 и 71/ 2003).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата оспорената одредба не била во согласност со член 50 став 2 од Уставот на Република Македонија и гарантираната судска заштита на законитоста на поединечните акти на држав-ната управа и другите институции што вршат јавни овластувања. Имено, според подносителот на иницијативата, врз основа на оваа уставна одредба било можно да се води управен спор против сите дисциплински мерки што се изрекувале во постапката за утврдува-ње на дисциплинска одговорност, а тоа право произлегувало и од членот 229 од оспорениот закон. Оттаму, секое воено лице имало право да бара пред суд да се утврди дека повредата на воената дисциплина не ја сторило и дека изречената мерка не ја заслужило. Поради тоа, оспоре-ната одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 50 став 2 и член 96 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 136 став 1 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, против реше-нието со кое е изречена дисциплинска мерка, односно соопштување на одлуката запишана во книгата за дневен извештај на единицата, военото лице има право на приговор.
Според став 2 од истата одредба, приговорот од став 1 на овој член се поднесува во рок од осум дена од денот на врачувањето, односно соопштувањето на одлуката со која е изречена дисциплинската мерка.
Според став 3 од истата одредба, по приговорот поднесен против решението за утврдување дисциплинска одговорност одлучува непосредно претпоставениот старешина на старешината кој ја изрекол дисциплинската мерка.
Според став 4 од истата одредба, по приговорот поднесен против решението донесено од началникот на Генералштабот на Армијата одлучува министерот за одбрана, а против решението донесено од министерот за одбрана, одлучува второстепена комисија од член 34 став 3 на овој закон.
Според оспорениот став 5 од истата одредба, решението донесено по приговорот е конечно.
4. Согласно член 50 став 2 од Уставот на Република Македонија, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
Според член 2 став 1 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, под служба во Армијата се смета вршење воени должности во Армијата.
Во членот 3 од Законот е определено дека служба во Армијата вршат воени и цивилни лица. Воени лица во смисла на овој закон се: воени старешини-офицери и подофицери, професионални војници, војници на служење воен рок, питомци на Воената Академија, лица на стручно оспособување и усовршување за офицери и подофицери и воените обврзници во резервниот состав на Армијата додека се повикани да извршуваат права и должности од областа на одбраната во врска со извршување на воената обврска. Цивилни лица во смисла на овој закон се лица на служба во Армијата поставени на должности согласно со актот за формација на Армијата.
Во членовите 121 до 137 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија се уредени прашањата за дисциплинската одговорност на сите опфатени лица во членот 3 од Законот, без разлика во која форма ја вршат службата во Армијата.
Според содржината на оспорената одредба и нејзината поставеност во Законот истата преставува генерална, заедничка одредба за членовите 121 до 137 од Законот и со неа е предвидено својство на конечност за сите можни решенија донесени по повод подесен приговор.
Со вака дадената законска формулација, само се определува дека по донесувањето на одлука од страна на второстепениот орган, дисциплинската постапка завршува и натамошна заштита во дисциплинската постапка, пред орган во Министерството за одбрана не е можна, меѓутоа одредбата не содржи забрана за остварување на судска заштита. Според Судот, законодавецот и не можел да даде натамошна разработка на одредбата од причини што видот на спорот што ќе може да го води заинтересираното лице во крајна линија зависи од неговиот статус и видот на сторената дисциплинска повреда. Притоа треба да се има предвид дека статус на вработени лица имаат само: професионален војник, воен старешина и цивилно лице на служба во Армијата.
Врз основа на изнесената правна и фактичка состојба Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со членот 50 став 2 од Уставот на Република Македонија.
5. Што се однесува до наводите за сторената повреда на член 8 став 1 алинеја 3, член 92 и член 96 од Уставот, Судот оцени дека нема процесни претпоставки да се впушта во анализа на уставноста на оспорената одредба по однос на наведените уставни одредби од причина што во иницијативата само се наведуваат уставните одредби, без да се наведат причини за оспорување.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр. 22/2004
17 ноември 2004 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова