119/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 ноември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 144, 145, 167, 168, 169, 170, 171, 177, 178 и 181 од Законот за културно наследство (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/2004).

2. Политичката партија “Демократски сојуз” од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, предмет на уредување со оспорените одредби од Законот биле прашања од сферата на организацијата и работата на органите на државната управа, односно тие предвидувале нов орган на државната управа, со својство на правно лице во состав на Министерството за култура, па поради тоа Законот, согласно членот 95 став 3 од Уставот, требало да биде донесен со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во Собранието, а не како што бил донесен со обично мнозинство на пратеници во Собранието.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за културното наследство во Главата – ВИ која се однесува на “Организација на заштитата на културното наследство”, со членовите 144 и 145 го уредил основањето, статусот и надлежностите на Управата за заштита на културното наследство.

Имено, според одредбата од членот 144, за вршење на управните, стручните и други работи од областа на заштитата на културното наследство се основа Управа за заштита на културното наследство, како орган во состав на Министерството за култура, и со својство на правно лице.

Надлежностите на Управата се определени со членот 145 од Законот.

Во Главата ИЏ од Законот која се однесува на “Инспекцискиот надзор”, со членот 167 е предвидено дека инспекцискиот надзор за спроведување на овој закон и другите прописи од областа на заштитата на културното наследство, со исклучок на инспекцискиот надзор во надлежност на Архивот, го врши Управата преку инспектори за културно наследство, а со одредбите од членот 168 се определени овластувањата на инспекторот. Понатаму, со членовите 169, 170 и 171 од Законот, подробно се определени должностите на инспекторот при вршењето на надзорот, потребата од создавање на услови за непречено вршење на инспекцискиот надзор при што јавните установи за заштита и овластените правни лица чие работење е предмет на надзорот се должни да им овозможат увид на инспекторите во документацијата и да им ги дадат потребните податоци и известувања.

Во преодните одредби од Законот, со членот 177 е определено дека Управата почнува со работа со денот на именувањето на директорот, кој Владата на Република Македонија го именува во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон. Потоа, Управата во рок од шест месеци од влегувањето во сила на овој закон ги презема и ги распоредува работниците на заводите за заштита на спомениците на културата од членот 178 на овој закон и на одделни установи за заштита на движното културно наследство, во согласност со актите на Управата за организација и систематизација на работните места. Исто така, Управата ја презема нивната документација, архива и други средства за делот на надлежностите на Управата.

Реорганизацијата на заводите за заштита на спомениците на културата е предвидено да започне и да се спроведе, на начин определен согласно со одредбите од членот 178, од денот на примената на овој закон.

Според членот 181 од Законот, прописите чие донесување е предвидено со овој закон, ќе се донесат најдоцна во рок од осум месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Судот, исто така утврди дека Собранието на Република Македонија на седница одржана на 19 март 2004 година, го донело Законот за заштита на културното наследство (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/2004), и од присутните 61 пратеник, и сите гласале “за” од кои 18 пратеници припаѓале на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

4. Според членот 95 став 1 од Уставот на Република Македонија, државната управа ја сочинуваат министерствата и други органи на управата и организации утврдени со закон.

Во ставот 2 од овој член од Уставот е утврдено дека се забранува политичко организирање и дејствување во органите на државната управа.

Според ставот 3, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Наведената уставна норма утврдува постапка за донесување на законите кои се однесуваат на организацијата и работата на државната управа која обврзува на поголем степен на согласност во одлучувањето на Собранието во овој сегмент на државната организација.

Системот на органите на државната управа, во смисла на утврдување на нивната организација во која се содржани видовите, бројот и називите на органите на управата, како и нивната работа односно надлежностите на одделни органи и постапката за нивната работа, веќе се утврдени со закон. Имено, со Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), кој е донесен со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во Собранието на Република Македонија, е уреден системот на органите на државната управа, а во тие рамки уредена е и организацијата, надлежноста и начинот на работа на Министерството за култура, при што е определено дека во негов состав е Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците на Република Македонија.

Воедно, според основните одредби на овој закон, органите во состав на министерствата можат да се основаат за вршење на определени управни, стручни и други работи од надлежност на министерството. Органите на државната управа, освен министерствата, можат да се основаат, укинуваат и нивната надлежност да се утврдува со закон. На одделни органи на државната управа, со законот со кој се основаат може да им се определи својство на правно лице.

Поради изнесеново, Судот оцени дека основа на организацијата на државната управа, во наведената смисла, претставува она што е уредено со Законот за организација и работа на органите на државната управа, кој може да се донесува и менува само со двотретинско мнозинство, а се друго, без оглед на тоа што исто така се однесува на органите на управата, не претставува систем и може да се уреди со закон кој не мора да биде донесен со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието на Република Македонија.

Законот за културното наследство кој ги содржи оспорените одредби, е донесен согласно точките 1 и 2 од Амандманот Џ од Уставот.

Имено, при одлучувањето на седницата на Собранието присуствувало мнозинство од вкупниот број пратеници и Законот бил усвоен со мнозинство гласови “за” од присутните пратеници, при што имало и потребно мнозинство гласови од пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Поради тоа, Судот утврди дека Законот е донесен во согласност со Уставот и не може да се доведе во прашање уставноста на оспорените одредби кои регулираат нов орган на управа во состав на Министерството за култура, од аспект на причините во иницијативата со кои тие се оспоруваат.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.119/2004
17 ноември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова