Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 ноември 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на точка 9 став 1 од потточката 9.3.14 “спортско-рекреативни центри” од Генералниот урбанистички план на град Скопје, донесен од Советот на градот Скопје со Одлука бр.09-1567/1 од 26 јуни 2002 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.8/2002).
2. Имер Селмани од Сарај на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорениот дел од Генералниот урбанистички план на град Скопје, градот преземал дејствија за урбанистичко уредување на територија која не припаѓа под надлежност на градот Скопје, а тоа биле спортско-рекретивниот центар Сарај и Езерото Матка и дека истите биле територија на општина Сарај за која согласно Законот за просторно и урбанистичко уредување и Законот за територијална поделба на Република Македонија право на просторот и усвојување на урбанистички план за територијата на општина Сарај исклучиво има Советот на општина Сарај.
Со оспорениот Генерален урбанистички план, се наведува понатаму во иницијативата, градот Скопје си ја проширил надлежноста во делот на урбанистичко уредување на територија која законски влегувала во границите на општина Сарај, а кое нешто било утврдено со Законот за територијална поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа од 1996 година.
Оспорениот Генерален урбанистички план според подносителот на иницијативата бил спротивен на членовите 115 и 116 од Уставот на Република Македонија, Законот за територијална поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа, како и на членовите 1, 2, 3, 9, 22 став 1 точка 1 и 50 став 1 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002).
3. Судот на седницата утврди дека во точката 9 градско зеленило, спорт и рекреација, став 1 од потточката 9.3.14 спортско-рекреативни центри од Генералниот урбанистички план на град Скопје е предвидено дека спортско-рекреативните центри се наоѓаат главно надвор од опфатот на планот, но со оглед на што дека се во функција на градот, истите се третирани во планскиот период. Такви се спортско-рекреативните центри: Сарај, езерото Матка, Хиподром, Камник и езерото Треска.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е утврдено и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата.
Согласно член 115 став 1 од Уставот на Република Македонија во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Согласно ставот 2 од истиот член од Уставот општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.
Според член 116 од Уставот на Република Македонија територијалната поделба на Републиката и подрачјата на општините се утврдуваат со закон.
Согласно член 9 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) општината има свое подрачје и име, утврдени со закон.
Согласно член 22 став 1 алинеја 1 од Законот за локалната самоуправа, општините меѓу другото, се надлежни и за вршење на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште.
Согласно член 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, генерален урбанистички план се донесува за подрачје на населено место, стопански комплекс и за други подрачја предвидени за градба.
Генералниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните единици и блокови и за инфраструктурата. Синтезниот графички приказ содржи: граница на урбаното подрачје, намена на земјиштето на урбаните блокови, решенија на генерални водови и објекти на сообраќајна и друга инфраструктура. Билансните показатели содржат: податоци за површините и намените, показатели за инфраструктурата и параметри за уредување на просторот на урбаните блокови согласно со соодветните стандарди и нормативи. Генералниот урбанистички план, како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со просторниот план.
Документацијата на генералниот урбанистички план за постојната состојба и проекциите претставува документациона основа на планот, која заедно со нацртот на планот се доставува на стручна ревизија според членот 19 од овој закон.
Според член 22 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко уредување (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) градот Скопје донесува генерален урбанистички план на град Скопје.
Според наводите од иницијативата подносителот го оспорува текстуалниот дел на генералниот урбанистички план од причини што “Спортско рекреативните центри Сарај” и езерото “Матка” според Законот за територијална поделба (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/1996) припаѓале на општина Сарај, а градот Скопје си ја проширил надлежноста во делот на урбанистичкото уредување на територијата која законски влегувала во границите на општината Сарај.
Судот утврди дека Законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија е донесен од Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 11 август 2004 година и е објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.55/2004 година. Овој закон влегол во сила на 17 август 2004 година.
Согласно член 10 точка в) од овој закон општини во град Скопје се: Општина Аеродром; Општина Бутел; Општина Гази Баба; Општина Ѓорче Петров; Општина Карпош; Општина Кисела Вода; Општина Сарај; Општина Центар; Општина Чаир и Општина Шуто Оризари, сите со седиште во градот Скопје.
Според член 7 од Законот за градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2004) подрачјето на градот Скопје, го сочинуваат подрачјата на општините: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари, во границите утврдени со овој закон.
Од наведените законски одредби произлегува дека општината Сарај влегува во составот на општините на градот Скопје.
Според член 10 точка 4 од Законот за градот Скопје меѓу другите надлежности, односно работи од јавен интерес од локално значење на градот Скопје е утврдено и одржувањето и користењето на градските паркови, парк – шумите на подрачјето на градот Скопје, водните и спортско – рекреативни зони, утврдени со Генералниот урбанистички план и други заштитени подрачја во согласност со закон.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од наводите во иницијативата произлегува дека од Уставниот суд на Република Македонија се бара да го поништи делот од текстот на Генералниот урбанистички план на град Скопје и тоа поднасловот “спортско – рекреативни центри”, затоа што истиот според планот припаѓал под надлежност на општина Сарај и затоа што бил во спротивност со Законот за територијална поделба.
Имајќи го предвид фактот дека со иницијативата не се бара оценување на законитоста на постапката за донесување на оспорениот Генерален урбанистички план, туку од Уставниот суд се бара да го поништи делот од текстот на Генералниот урбанистички план означен во рефератот, Судот утврди дека согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на урбанистичките планови помеѓу градот Скопје и општините.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.29/2004
17 ноември 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова