Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 10 ноември 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 5 алинеја 3 од Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2002 и 46/2004).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорената законска одредба се ограничувале слободите и правата на граѓаните бидејќи таа предвидувала забрана за лицата кои се наоѓале на извршување казна затвор за сторено кривично дело да бидат избрани за пратеници во Собранието на Република Макеоднија, а такво ограничување не било предвидено со Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, со одредбата од членот 5 предвидел дека право да биде избран за пратеник има секој државјанин на Република Македонија кој:
– наполнил 18 години живот;
– има деловна способност и
– не се наоѓа на издржување на казна затвор за сторено кривично дело.
4. Во делот на одредбите од Уставот на Република Македонија кои се однесуваат на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, со членот 9 е определено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и дека граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.
Според членот 22 од Уставот избирачкото право е утврдено како право на секој граѓанин со наполнети 18 години живот. Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање.
Според ставот 3 од овој член од Уставот, избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.
Согласно членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Имајќи ги предвид изнесените уставни одредби произлегува дека Уставот, посебно во овој дел од нормите, не прави разлика меѓу активното избирачко право, односно правото на граѓанинот да избира и пасивното избирачко право, односно правото на граѓанинот да биде избран. Избирачкото право е определено како едно од најбитните политички права кое кореспондира со останатите демократски определби утврдени со Уставот, посебно во делот на организацијата и функционирањето на државната власт.
Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт во Републиката.
Според членот 61 став 2 од Уставот, организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот, а според членот 62 став 5, начинот и условите за избор на пратениците се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Со Уставот меѓу другото е утврдено дека Собранието го сочинуваат од 120 до 140 пратеници кои се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање, тие не можат да бидат отповикани и се избираат за време од четири години. Пратениците согласно членот 64 од Уставот, уживаат имунитет и пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието, ниту може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршењето на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Собранието, исто така, може да одлучи да се примени имунитет над пратеникот и кога тој самиот не се повикал на него, ако е тоа потребно заради вршење на функцијата пратеник. За време на мандатот пратениците не подлежат на обврска во вооружените сили.
Според членот 65 од Уставот, мандатот на пратеникот ќе му престане кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Со одредбата од ставот 4 на овој член од Уставот е предвидено дека на пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци.
Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Според членот 66 од Уставот, Собранието е во постојано заседание и работи на седници кои ги свикува претседателот на Собранието.
Собранието, во рамките на своите надлежности определени во членот 68 од Уставот, има уставотворна и законодавна функција, односно ги донесува и изменува Уставот и законите, ги утврдува јавните давачки, донесува републички буџет и завршна сметка на буџетот, ратификува меѓународни договори, донесува одлука за менување на граници на Републиката, распишува референдум, избира Влада на Република Македонија, избира судии на Уставниот суд на Република Македонија, врши избор и разрешување на судии, дава амнестија и врши други работи утврдени со Уставот.
Поаѓајќи од фактот што функционирањето на Собранието се изразува исклучиво низ степенот на остварувањето на надлежностите, соодветно на тоа произлегува и потребата од непречено непосредно делување на секој пратеник посебно во рамките на Собранието како институционализирана демократска и политичка форма заради реализација на јавните функции во негова надлежност. Исто така, заради остварувањето на целината на јавните функции на Собранието, му се гарантирани уставните права на пратеникот како поединец.
Оттука, уставно определените посебни права и обврски на пратениците (имунитет, не подлежат на обрска во вооружените сили итн.) се облик на обезбедување и остварување на јавните и одговорни собраниски функции во услови, кои пред се, фактички би му овозможиле на пратеникот да биде присутен и лично и непосредно да ги врши активностите.
Демократската процедура на одлучување во Собранието се остварува со гласањето на пратениците кое подразбира можност на секој пратеник поединечно да гласа и да ги врши активностите кои произлегуваат од пратеничката функција.
Со Уставот е поставен општиот принцип за донесување на одлуките и тоа под услов на постоење на одреден “кворум” на пратеници во Собранието.
Со Амандманот Џ, со кој е заменет членот 69 од Уставот, е предвидено дека Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.
За законите кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Спорот во врска со примената на оваа одредба го решава Комитетот за односи меѓу заедниците.
Со Уставот се определени прашањата за кои Собранието одлучува со квалифицирано мнозинство на пратениците, односно двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
Имајќи го предвид изнесеното, произлегува дека одлучувањето, како битен дел од вршењето на пратеничката функција, не е произволен акт или акт на поедини групи, туку најзначајна демократска процедура во работењето на Собранието која може да се доведе во прашање ако помеѓу избраните пратеници на Собранието има лица кои не можат да придонесат за создавање на кворум и да присуствуваат во Собранието, за да одлучуваат и да ја вршат непосредно пратеничката функција.
Оттука, Судот оцени дека оспорената законска одредба, според која полнолетно и деловно способно лице кое е државјанин на Република Македонија може да има право да биде избрано за пратеник под услов да не се наоѓа на издржување на казна затвор за сторено кривично дело, е во согласност со Уставот, со оглед на тоа што ваквата законска определба ги следи наведените уставни принципи кои се однесуваат на вршењето на пратеничката функција во структурата на овластувањата на Собранието.
Имајќи предвид дека Уставот со одредбата од членот 62 став 5 определил со закон да се уредат начинот и условите за избор на пратеници, а во случајов со оспорената законска одредба е предвиден услов кој не е во спротивност со определбите на Уставот, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на оспорената одредба од Законот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.137/2004
10 ноември 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова