122/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 ноември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 12 став 5 од Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004 и 69/2004).

2. Јанко Бачев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорениот член од Законот се отстапувало од усвоениот уставен и законски концепт и од одделни уставни гаранции за функционирање и кадровско пополнување на државната служба. Имено член 12 став 5 од Законот за државните службеници и давал можност на комисијата за спроведување на постапката за вработување, врз основа на лично убедување незасновано на никакви критериуми да изготвува потесна листа од тројца кандидати за секое работно место, од која врз основа на определеното дискреционо право, генералниот, односно државниот секретар го врши конечниот избор на кандидатот за вработување, исто така врз основа на свое лично убедување, кое нешто пак можело да доведе до арбитрерност, пристрасност, политички влијанија, битно отежнувајќи ги условите за ангажман во својство на државен службеник, што значело дека севкупно ја нарушувал еднаквоста и рамноправноста на граѓаните под еднакви услови да им биде достапно секое работно место. Оспорениот член од Законот ја нарушувал еднаквоста на граѓаните гарантирана со член 9 став 2 од Уставот, го ограничувал правото од член 23 од Уставот според кое секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции и ја повредувал уставната гаранција за достапност на секое работно место под еднакви услови од член 32 став 2 од Уставот, имплицирајќи правна несигурност, различно применување и интерпретирање и со тоа повреда на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 12 став 5 од Законот за државните службеници, Комисијата од член 11 став 3 на овој закон по правило изготвува листа од тројца кандидати за секое работно место, врз основа на која генералниот секретар, државниот секретар, како и функционерот кој раководи со органот од член 3 став 2 на овој закон во кој не се именува генерален, односно државен серкетар ќе го врши изборот.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 23 од Уставот, секој има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според став 5 на овој член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Со Законот за државните службеници (член 1) се уредуваат статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници, како и системот на плати и надоместоци на плати за државните службеници.

Постапката за вработување на државните службеници е утврдена во членовите 11 и 12 од Законот за државните службеници.

Оспорениот член 12 став 5 од овој закон, се однесува на работата на Комисијата за спроведување постапка за вработување на државен службеник која се формира во органот кој го бара вработувањето и оваа комисија по правило изготвува листа од тројца кандидати за секое работно место врз основа на која генералниот секретар, државниот секретар, како и функционерот кој раководи со органот од член 3 став 2 на овој закон во кој не се именува генерален односно државен секретар го врши изборот.

Разгледувајќи го оспорениот член од законот, но и целата глава ИИ од Законот која се однесува на вработувањето на државните службеници, произлегува дека целта на овој закон е развивање на професионална, компетентна и ефикасна државна служба.

Притоа, од особено значење за функционирање на системот на државната служба е постапката за селекција на кандидатите кои треба да ги пополнат работните места во државната служба која треба да биде транспарентна и со јасни правила но и флексибилна за да се исполнат специфичните барања во одделни органи.

Според Законот за државните службеници кандидатите што се пријавиле на јавен оглас и ги исполнуваат условите (општите и посебните, доколку се предвидени за конкретно работно место), полагаат стручен испит во Агенцијата. Испитот не го полагаат кандидатите за работните места во звања: помлад соработник и помлад референт, кои во државната служба влегуваат со статус државни службеници-приправници. Врз основа на резултатите од испитот, Агенцијата подготвува листа од најмалку 5 (пет) најуспешни кандидати, која ја доставува до Комисијата. Ако стручниот испит го положиле помалку од 5 кандидати Агенцијата повторно го објавува огласот и го спроведува испитот. Доколку и по повторување на постапката не се обезбеди листа со најмалку 5 најуспешни кандидати кои го положиле стручниот испит, Агенцијата може да подготви листа и со помалку од 5 кандидати. Врз основа на понудената листа, Комисијата во органот изготвува потесна листа од 3 кандидати за секое работно место, врз основа на која генералниот, државниот секретар како и функционерот кој раководи со органот во кој не се именува генерален, односно државен секретар го врши изборот на лицето, кое ќе се вработи на соодветното работно место. Против одлуката за извршениот избор, незадоволниот кандидат, односно кандидатот кој не е избран има право на жалба до Агенцијата во рок од осум дена од денот кога е писмено известен за извршениот избор. Агенцијата одлучува по жалбата во рок од 15 дена од денот на приемот на жалбата. Жалбата го одлага извршувањето на одлуката за избор на кандидатот за државен службеник, односно се додека истата не се реши нема да се смета дека избраниот кандидат е вработен.

Можноста за поднесување на жалба и примената на начелото на двостепеноста на постапката кое е загарантирано со Устав и во постапката за вработување на државните службеници е од огромно значење за заштитата на правата на незадоволните кандидати и за функционирањето на принципот на еднаков пристап до работните места во државната служба.

Оттука, според мислењето на Судот со конечното одлучување за избор на предложените кандидати од страна на генералниот секретар, државниот секретар, односно функционерот кој раководи со органот од член 3 став 2 на овој закон во кој не се именува генерален, односно државен секретар се запазуваат сите процедурални правила и принципи предвидени согласно Законот за државните службеници.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека со оспорениот член 12 став 5 од Законот не се повредува уставниот принцип за владеење на правото, ниту пак еднаквоста на граѓаните пред Уставот и пред законите, како и достапноста на секому под еднакви услови на секое работно место, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.122/2004
3 ноември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова