19/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 ноември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за работа и распределба на работното време во ЗК “Пелагонија” АД Битола, бр.02-674/4 од 20 декември 2002 година, донесена од Одборот на директори на ЗК “Пелагонија” АД Битола.

2. Васко Стојков од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука со која распределбата на работното време била утврдена според системот 20 работни дена и 10 слободни дена е во спротивност со одредбите на Законот за работните односи со кои се регулира полното работно време и правото на одмори на работниците. Оваа одлука била во спротивност и со Меѓунродниот пакт за економски и социјални права, кој е составен дел на нашиот правен систем.

Во иницијативата се укажува дека работните места на кои се однесувала оваа одлука биле од таков карактер каде што еден сточарски работник бил одговорен за еден булук овци – околу 500, за кои се грижел по 24 часа во текот на денот, а работните места се наоѓале во планина. Овој начин на организирање на работното време не бил од времен карактер, туку се применувал во текот на целата година.

Со оглед на тоа што пред Основниот суд Битола била во тек постапката за поништување на решенијата за отказ на работниот однос на неколку работници, во иницијативата се предлага Судот, до донесување на конечната одлука да ги запре постапките по предметите што се водат пред тој суд, а потоа да ја поништи оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на членот 40 став 3 точка 8 од Статутот на ЗК “Пелагонија” АД Битола, а во врска со членот 41 став 3 од Колективниот договор на вработените во ова акционерско друштво.

Според точката 1 од оваа одлука, за ПЕ Фарма Ергела – овчарство и ПЕ Фарма Старо Село – овчарство во ЗК “Пелагонија” АД Битола се утврдува прераспределба на работа и работно време за 2003 година.

Според точката 2 од оваа одлука, во ПЕ од точката 1 се утврдува работа и работно време според системот 20 работни дена и 10 слободни дена за работните места сточарски работник и бригадир.

Според точката 3 од оваа одлука, се овластува директорот на сточарство и раководителот на овчарство непосредно да ја спроведат оваа одлука, односно непосредно да ја организираат работата и работната сила и тоа во зависност од потребите на ПЕ – овчарство.

Според точката 4 оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се применува од 1 јануари 2003 година.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 37 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 14/1995, 53/1997, 21/1998, 25/2000, 50/2001, 25/2003 и 40/2003) прераспределбата на работното време може да се изврши кога тоа го бара природата на дејноста, односно на работите и задачите, организацијата на работата, подоброто користење на трудот, порационалното користење на работното време и извршувањето на определни работи и задачи во утврдените рокови. Во случаите од ставот 1 на овој член, прераспределбата на работното време се врши така што вкупното работно време на работникот во просек да не биде подолго од 40 часа во работната недела во текот на годината.

Според членот 38 од Законот, распоредот на работното време во рамките на вкупното годишно работно време се утврдува со одлука на работодавецот, во согласност со колективен договор.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата, меѓу другото, и ако не е надлежен да одлучува за барањето во иницијативата.

Тргнувајќи од означените одредби на Уставот на Република Македонија, Законот за работните односи и Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, а имајќи предвид дека оспорената одлука по својот карактер и содржина не претставува пропис во смисла на членот 110 од Уставот, туку е интерен акт на акционерско друштво во кој согласно наведените членови од Законот за работните односи се утврдува прераспределба, односно распоред на работното време во одделни подрачни единици во текот на 2003 година, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува за барањето во иницијативата, поради што согласно член 28 од Деловникот ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.19/2004
3 ноември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова