Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 ноември 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за избор на Владата на Република Македонија бр.07-2394/1 од 2 јуни 2004 година, објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.35 од 7 јуни 2004 година.
2. Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата изборот на Сиљан Аврамовски за министер за внатрешни работи со оспорената одлука, претставувал директно прекршување на член 97 од Уставот на Република Македонија каде е предвидено дека лицето кое раководи со Министерството за внатрешни работи мора да биде цивилно лице кое непосредно пред изборот било цивил најмалку три години. Во врска ова, подносителот на иницијативата смета дека Сиљан Аврамовски со оглед на фактот што од 2000-2003 година бил помошник на Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, а од 2003 до јуни 2004 година бил директор на Управата за безбедност и контраразузнавање не ги исполнува условите од член 97 од Уставот. Со тоа и оспорената одлука не била во согласност со член 97 од Уставот. Имено, Управата за безбедност и контраразузнавање согласно член 2 од Законот за внатрешни работи, претставувала орган во состав на Министерството за внатрешни работи, а раководните работници согласно член 24 од истиот Закон се сметале за овластени службени лица.
Од овие причини, подносителот на иницијативата смета дека Сиљан Аврамовски немал својство на цивилно лице и со неговиот избор за министер за внатрешни работи директно се прекршувал член 97 од Уставот на Република Макеоднија, поради што предлага поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорената одлука и нејзино поништување.
3. Судот на седницата утврди дека со Одлуката за избор на Владата на Република Македонија бр.07-2394/1 од 2 јуни 2004 година објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр. 35 од 7 јуни 2004 година за претседател на Владата на Република Македонија е избран Хари Костов, а меѓу министрите поименично наведени кои ќе раководат со одделните министерства, е избран Сиљан Аврамовски за министер кој ќе раководи со Министерството за внатрешни работи. Во точката 4 од оваа одлука е наведено дека истата влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Тргнувајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, Судот утврди дека во конкретниов случај оспорената одлука има карактер на поединечен акт, односно нема карактер на пропис во смисла на уставната одредба поради што и истата не може да биде предмет на уставносудска оцена.
Имено, од содржината на оспорената одлука произлегува дека со неа не се регулираат никакви односи, туку поименично се наведуваат избраните од Собранието на Република Македонија членови на Владата на Република Македонија, кое нешто, според Судот, е право на Собранието на Република Македонија, а согласно член 68 став 1 точка 13 од Уставот на Република Македонија.
Судот оцени дека оспорената Одлука по својот карактер и содржина претставува поединечен акт, со кој не се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин, истиот не е пропис.
5. Со оглед на оцената дека оспорената Одлука нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот, а согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.127/2004
3 ноември 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова