141/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 ноември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Насоките за постапување по Одлука на Владата за рационализација на јавната администрација, донесена од министерот за образование и наука бр.07-1242/3 на 30 март 2004 година.

2. Ратка Наумовска од с. Нерези Струга на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената одлука Министерството за образование и наука создало една правна неодржлива состојба односно настојува да создаде право подведено под терминот рационализација.

Имено, со оспорената одлука надвор од Уставот и Законот за работни односи се пропишува нов модел на престанок на работ-ниот однос на работниците вработени во областа на администра-цијата во образованието, односно на оние работници кои се вршители на работите од областа на училишните кујни и сметководството.

3. Судот на седницата утврди дека на 30 март 2004 година, министерот за образование и наука донел Насоки за постапување по Одлука на Владата за рационализација на јавната администрација бр.07-1242/3 и истите биле доставени до подрачните единици на Министерството за образование и наука.

Во наведените насоки е предвидено дека имајќи ги во предвид заложбите за намалување на јавните давачки, Владата на Република Македонија на седницата одржана на 10 февруари 2003 година одлучила да изврши рационализација на јавната администрација преку прогласување на технолошки вишок од 4% во јавните институции и претпријатија. Постапувајќи по оваа владина одлука, Министерството за образование и наука подготвило Програма и Оперативен план за рационализација во образованието и науката. Генерален став на Министерството било дека овие интервенции никако не смеат да му наштетат на квалитетот на наставниот процес, а би ги опфатиле оние дејности кои не се од суштински карактер за образованието.

Оттаму, било потребно да се пристапи кон измена на систематизацијата на работните места во училиштата во која би се изоставиле вработените од училишната кујна и службениците кои се занимаваат со книговодствно – сметководствена дејност. Тоа не би требало да значи и автоматско отпуштање на овие вработени. Имено, прво требало да отпочне постапка за избор на понудувач на услуги кој би ги превзел овие вработени, а по изборот на најдобар понудувач, да се пристапи кон изготвување Спогодба за превзе-мање на вработените. Доколку таква спогодба не биде прифатена, на дотогашните вработени ќе им се исплати надомест во висина од една нето плата за секои три години работен стаж, но не повеќе од 8 плати.

Во случај некој од овие вработени да исполнува еден од условите за пензионирање, истите да бидат пензионирани заклучно со 30 април 2004 година.

Судот, исто така, утврди дека во прилог на оспорените насоки доставени до подрачните единици им било доставено и Упатство за дивестирање на несуштинските дејности во училиштата.

Во Упатството се утврдени кои се активности согласно Законот за работни односи, Законот за јавни набавки и Законот за правата и обврските и одговорнотите на органите на државната власт во поглед на средствата во државна сопственост што ќе ги користат и располагаат, треба да бидат преземени од училиштата со цел за спроведување на рационализација на јавната администрација.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако утврди дека не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата.

Од увидот во содржината на насоките како и мислењето на Министерството за образование и наука може да се заклучи дека истите се дадени со цел да се обезбеди единствена примена на Законот за работни односи, Законот за јавни набавки во процесот на рационализација на јавната администрација во областа на образованието и науката.

Со оглед на наведеното, Судот смета дека оспорените насоки немаат нормативна содржина, односно нивната цел не е да се уредуваат некакви односи ниту да се утврдуваат нови обврски кои не се утврдени со закон, туку се со цел единствена примена на постојните прописи, поради што тие не можат да се третираат како пропис подобен за уставносудска оценка.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.141/2004
3 ноември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова