Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 27 октомври 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 16 точките 3 и 6 од Законот за заштита и спасување (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/2004).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Законот биле несогласни со Уставот на Република Македонија, затоа што при постоење на поделба на власта на законо-давна, извршна и судска, Владата на Република Македонија не била овластена да донесува одлуки за обезбедување на материјалните резерви за потребите за заштита и спасување, ниту да одлучува за висината на надоместокот за настанатата штета предизвикана од природни непогоди, епидемии, епизотии, епифитотии и други несреќи, затоа што тоа спаѓало во надлежност на Собранието на Република Македонија.
3. Судот на седница утврди дека согласно член 16 точка 3 од Законот во остварувањето на заштитата и спасувањето, Владата на Републи-ка Македонија донесува одлука за обезбедување на материјалните резерви за потребите за заш-тита и спасување.
Судот, исто така, утврди дека согласно член 16 точка 6 од Законот во остварувањето на заштитата и спасувањето, Владата на Република Македонија одлучува за висината на надоместокот за настанатата штета предизвикана од природни непогоди, епидемии, епизотии, епифитотии и други несреќи.
4. Согласно член 68 алинеја 11 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија одлучува за резервите на Републиката.
Согласно оваа уставна одредба Собранието го донесува Буџетот на Република Македонија и Законот за извршувањето на Буџетот на Република Македонија.
Според членот 22 став 1 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија средствата утврдени во Раздел 090012, Програма 12, ставка 428 потставка 428111 – Постојана резерва, можат да се користат за учество во финансирањето на мерките за сузбивање на епидемии, заразни болести и елементарни непогоди.
За користење на средствата од ставот 1 на овој член, на предлог на министерот за финансии одлучува Владата на Репуб-лика Македонија.
Согласно членот 23 на овој закон средствата утврдени во раздел 090.02, Програма 12, ставка 428 потставка 428112 – Тековни резерви, се користат за потребите за кои не се планирани средства, односно не се планирани средства во доволен износ во Буџетот.
Во ставот 2 на овој член од Законот е предвидено дека за користење на средствата од ставот 1 на овој член, на предлог на министерот за финансии одлучува Владата на Република Македо-нија.
Од содржината на наведените уставни и законски одредби произлегува дека:
– Собранието на Република Македонија одлучува за ре-зервите на Републиката.
– Собранието на Република Македонија, како законода-вец, со Законот за извршување на Буџетот предвидел постојаните и тековните резерви да можат да се користат за учество во финанси-рањето на мерките за сузбивање на епидемии, заразни болести и елементарни непогоди и за потребите за кои не се планирани сред-ства, односно не се планирани средства во доволен износ и
– за користење на овие средства, на предлог на мини-стерот за финансии, одлучува Владата на Република Македонија.
Од изнесеното произлегува дека Владата е овластена да доне-сува одлука за обезбедување на материјалните резерви за потребите за заштита и спасување и да одлучува за висината на надоместокот за настанатата штета предизвикана од природни непогоди, епидемии и сл.; дека Собранието на Република Македонија донесува републички буџет и завршна сметка, а со Законот за извршување на буџетот ја овластува Владата на Република Македонија да донесува одлуки во врска со користењето на средствата во сузбивањето на епидемии, заразни болести и елементарни непогоди, како и за кори-стењето на тековните резерви за потребите за кои не се планирани средства, односно не се планирани средства во доволен износ.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.154/2004
27 октомври 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова