83/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 октомври 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2003).

2. Здружението на граѓани “Мировна акција” од Прилеп преку овластените лица Боро Китановски и Горан Талевски од Прилеп на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 3 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со измените на Законот за одбрана се атакувало врз Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија од 12 септември 2002 година со која е укинат став 1 на член 10 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001).

Понатаму, се наведува дека при примената на член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана во практиката воениот обврзник имал право да изрази приговор на совеста во секое време освен во периодот од добивањето на поканата до моментот на неговото упатување на служење во Армијата на Република Македонија.

Примената на овој член предизвикувала и непотребни усложнувања и забуна во постапката во одделенијата за одбрана каде се обраќале воените обврзници кои бараат алтернативна – цивилна служба на воениот рок.

Имено, ним им се укажувало дека не можат да аплицираат за цивилна служба се до моментот додека не бидат упатени на служење на воениот рок во касарна или, пак, им се објаснувало дека доколку ги исполнуваат условите за одложување на служење на воениот рок, да побараат негово одложување, а потоа доброволно да се пријават за служење на воениот рок во цивилна служба.

Бидејќи членот 3 од Законот утврдувал дека барање за цивилна служба на воениот рок може да се поднесе “до денот на приемот на поканата за упатување на отслужување на воениот рок” се создавал логички парадокс – на што се однесува приговорот на совеста ако тој не може да се поднесе во моментот на приемот на поканата за отслужување на воениот рок?

Врз основа на сето изнесено, подносителите на иницијативата сметаат дека оспорената одредба создавала основа за дискриминација во рамките на една категорија на воените обврзници – регрути. Имено, регрутот може да аплицира за цивилна служба само во периодот од стекнување на статус регрут до моментот на добивање на поканата за служење на воениот рок. Од тој момент се до моментот кога се здобива со статус војник ова право му било ускратено.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 став 1 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001 и 5/2003) одбраната на Република Македонија се организира како систем за одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката.

Според став 5 на наведениот член одбраната на Републиката се остварува во согласност со Уставот на Република Македонија, законите, Стратегијата за одбрана на Републиката, други документи и меѓународни договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија.

Според член 2 од Законот, покрај другите права и должности, граѓаните во остварувањето на одбраната ја извршуваат и воената обврска.

Воената обврска се состои од регрутна обврска, обврска на служење воен рок и обврска на служење во резервен состав (член 4 од Законот).

Според член 7 од Законот, служењето на воениот рок трае шест месеци.

Во членот 8 од Законот е предвидено дека по исклучок од член 7 на овој закон регрутот кој од верски или морални убедувања (приговор на совеста) не сака да служи воен рок во Армијата со оружје, може да служи воен рок во Армијата без оружје или да служи воен рок во цивилна служба.

Служењето на воениот рок во случаите од став 1 на овој член трае 10 месеци.

Судот, понатаму утврди дека во оспорениот член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана со кој се менува членот 10 став 1 од Законот за одбрана од 2001 година, кој всушност е укинат со Одлуката на Уставниот суд, е предвидено дека “Регрутот кој сака да служи воен рок согласно со членот 8 од овој закон, поднесува писмено барање до Министерството за одбрана, до денот на приемот на поканата за упатување на отслужување на воениот рок, во кое ги наведува причините и начинот на кој сака да го служи воениот рок”.

Во членот 62 став 2 од Законот е предвидено дека “Поканата за служење на воен рок се доставува до регрутот најдоцна 30 дена пред денот на упатување на отслужување на воениот рок”.

Судот, исто така, утврди дека во членовите 80-а и 87-а од Законот е регулирано прашањето на истакнување приговор на совеста на војник и воен обврзник во резервниот состав на Армијата и постапката на остварување на тоа право.

4. Уставот на Република Македонија материјата од областа на одбраната ја регулира во посебена Глава ВИИ под наслов “Одбрана на Републиката, воена и вонредна состојба (член 122 до 128).

Меѓутоа, уставотворецот поаѓајќи од фактот што одбраната на земјата е од суштествено значење за политичкиот систем на земјата со што се штити територијалниот интегритет и независноста, не се задржал само на овие одредби.

Имено, низ целиот уставен текст има низа одредби кои гледани во целина го сочинуваат уставниот концепт на одбраната, а кои се однесуваат на положбата на граѓаните во системот на одбраната, дефинирање на ингеренциите на државните органи и положбата и улогата на армијата во одбраната.

Согласно Законот Армијата се организира, подготвува и оспособува за водење на вооружена борба и борбени и други дејствија за остварување на својата уставна функција за одбрана на Републиката.

Армијата се организира во единици, команди, штабови и установи. Видовите се делат на копнена војска и противвоздушна одбрана и воено воздухопловство, а тие се состојат од родови и служби.

Врз основа на ваквата организациона и формациска поставеност се врши пополнување на армијата со регрути, професионални војници, воени старешини и цивилни лица на служба во армијата, како и со материјални средства.

Поаѓајќи од вака поставениот уставен концепт на одбраната со Законот за одбрана кој се донесува со двотретинско мнозинство, покрај другото, се уредува и прашањето на правото и обврската на граѓаните во одбраната на земјата.

Имено, покрај другите права и должности во остварувањето на одбраната граѓаните се должни да ја извршат воената обврска која се извршува во армијата како вооружена сила.

Имајќи предвид дека остварувањето на одредено право и должност утврдено со Уставот, односно правото и должноста на извршување на воената обврска не може да го доведе во прашање остварувањето на некоја слобода исто така утврдена во Уставот, односно не може да се доведе во прашање остварувањето на слободата на уверувањето, законодавецот го уредил прашањето за остварување на правото на приговорот на совеста кое произлегува од уставно гарантираната слобода на уверувањето, совеста и мислата и ја уредил постапката за остварување на ова право за сите категории на воени обврзници (регрути, воени обврзници и воени обврзници во резерва).

Притоа, имајќи во вид дека во таа постапка надлежниот орган во определен рок треба да утврди дека за воениот обврзник – регрут е неприфатливо служењето на воен рок со оружје, според мислењето на Судот, предвидувањето на правото на истакнување на приговорот на совеста до моментот на добивање на покана за служење на воениот рок, не значи ограничување на слободата на уверувањето, совеста и мислата.

Имено, со оспорената одредба не се ограничува правото на истакнување на приговорот, туку тоа право, за определен временски период, кој не може да биде подолг од 30 дена (а тоа е рокот определен со закон во кој регрутот од добивање на поканата за упатување на отслужување на воениот рок до самото упатување и започнување на служење на воен рок) само се одлага.

Притоа, тоа одлагање произлегува од потребите на организирањето и планирањето на задачите и обврските во одбраната и се наметнува како нужност во периодот на премин од еден во друг статус, односно на премин на лицето со статус на регрут во воен обврзник.

Оттука, интенцијата на законодаевецот не била да го ограничи правото и слободата на изразување на правото на приговор на совеста на воениот обврзник, војник и воен обврзник во резерва на што упатуваат и одредбите од член 80-а и 87-а од Законот. Според овие одредби војникот и во текот на служењето на воениот рок во армијата со оружје и на воениот обврзник во резерва кој не сака својата обврска да ја врши со оружје, пред надлежен орган и во утврдена постапка може да го оствари уставното право на слобода на уверувањето.

Имено, наведените законски решенија поаѓаат од фактот што воената обврска е континуирана и се остварува во долг период од животот и фактот што човековото убедување трпи соодветни модификации и промени во текот на времето.

Со оглед на наведеното Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со слободата на уверувањето, совеста и мислата утврдена во Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.83/2004
6 октомври 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова