Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 септември 2004 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за платите, надоместоците и другите материјални трошоци на градоначалникот и функционерите избрани од Советот на општина Ѓорче Петров бр.08-46/1 донесена од Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања на Советот на општина Ѓорче Петров на седницата одржана на 22 јануари 2001 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.3/2001).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Јовица Јовевски од Скопје со Решение У.бр.112/2004 од 8 јули 2004 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.
4. Судот на седницата утврди дека со Одлуката се предвидува градоначалникот на општината и функционерите што ги избрал Советот на општината (претседавач на советот и секретар на општината) да имаат статус на функционери и како такви да имаат плата, надоместоци на плата и други трошоци во месечен износ како функционери избрани од советот.
Притоа со Одлуката се предвидува градоначалникот и функционерите што ги избира Советот на општината да остваруваат плата и по престанување на функцијата за време од една година; надоместоци на определени материјални трошоци (дневници за службени патувања во земјата и странство); надоместоци на трошоци за користење на автомобил во лична сопственост; надоместок за користење на годишен одмор; испратнина при заминување во пензија; трошоци за погреб и сл.
Со последниот член 15 од Одлуката е предвидено таа да влезе во сила со денот на донесувањето, а да се применува од 1 јануари 2001 година.
5. Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.
Согласно член 52 став 8 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), платата и надоместоците на градоначалникот како и надоместокот на член на советот кој го заменува градоначалникот се уредуваат со закон.
Што се однесува до платите и другите надоместоци на пратениците на Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, овие прашања се уредени со истоимениот закон (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/1990, 38/1991 и 29/1997). Имено, согласно член 1 од овој закон овие носители на функции имаат право на плата во месечен износ, а согласно член 27 од Законот, имаат право на надоместоци на определени материјални трошоци за: дневница за службено патување во земјата и странство; надоместок поради одвоен живот од семејството; надоместок за користење на годишен одмор и испратнина при заминување во пензија.
Согласно член 17-в од Законот за платите и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, коефициентите за утврдување на платите на градоначалниците на општините и за градоначалникот на град Скопје изнесува од 2,70 до 3,70 и се определува според бројот на жителите на општините.
Согласно член 19 став 1 од овој закон пратеник кој за време на вршењето на пратеничката функција остварувал личен доход или надоместок во месечен износ, може да остварува личен доход по престанувањето на функцијата за време до една година. Оваа одредба соодветно се применува и на другите избрани и именувани лица во Републиката.
Со оглед на тоа што прашањата во врска со платата и другите материјални трошоци на градоначалникот се уредени со наведениот закон, Судот утврди дека општината нема законски основ со своја одлука да ги уредува овие прашања.
Што се однесува до прашањето за статусот на секретарот на општината, согласно член 58 став 1 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), вработените во општинската администрација кои вршат стручни, нормативноправни, управнонадзорни работи и решаваат управни работи имаат статус на државен службеник.
Согласно ставот 2 на член 58 од овој закон, за вработувањето, правата и должностите, системот на плати и надоместоците на плати, одговорноста, оценувањето и престанокот на работниот однос на вработените од ставот 1 на овој член се применуваат одредбите од Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003 и 40/2003).
Согласно член 33 став 1 од Законот за државните службеници, државниот службеник има право на плата и надоместоци на плата под услови и критериуми утврдени со овој закон.
Со оглед на тоа што со новиот Закон за локална самоуправа не е предвидена функцијата секретар на совет на општина, произлегува дека секретарот не спаѓа во избрани, односно именувани функционери, туку е со статус на државен службеник на кого соодветно се применуваат одредбите од Законот за државни службеници. Според членот 100 од преодните и завршните одредби од Законот за локалната самоуправа, секретарите продолжуваат да ги вршат работите и да ја примаат платата која ја примале до завршување на мандатот за кој се избрани.
Според Судот, единицата на локалната самоуправа не може самостојно да ја утврдува висината на платата и надоместокот на плата и на секретарот на советот на општината,како што тоа е направено во оспорената одредба.
Од наведените причини Судот утврди дека оспорената одлука е несогласна со означените уставни и законски одредби.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.112/2004
9 септември 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова