У.бр.101/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 септември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Орданчо Пецов од Неготино за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Орданчо Пецов од Неготино на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата.

Според подносителот на барањето како конечни акти со кои му биле повредени слободите и правата се наведуваат: Решение бр.04 – 1489/1 од 17 јануари 2002 година на Министерството за финансии за распоредување до стекнување статус на државен службеник на име Орданчо Пецов, Решение бр.04-10961/1 од 26 април 2004 година на Министерството за финансии за плата на државниот службеник Орданчо Пецов, и Решение бр.04-12657/1 од 10 мај 2004 година на Министерството за финансии за престанок на вработувањето заради структурални промени на име Орданчо Пецов.

Подносителот на барањето најнапред наведува поголем број на одредби од Уставот и Европската конвенција за заштита на правата на човекот и основните слободи со означување на слободите и правата што се гарантираат во тие одредби и наведува дека истите му биле повредувани во континуитет од пет години работен стаж кај работодавецот.

Потоа се наведува дека при донесувањето на незаконитите решенија било постапено спротивно на поголем број одредби од Уставот, Законот за работните односи, Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност, како и одредбите од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа во Република Македонија.

Неговите права биле повредени на начин што не му била дадена можност да присуствува во постапката пред надлежниот орган и да биде застапуван од преставник на Синдикатот. Потоа, не му била дадена можност да се изјасни за фактите и околно- стите што биле од важност за донесување на решенијата, односно истите биле донесени без посебна “испитна” постапка која била задолжителна. За прво и второозначениот акт наведува дека никогаш не станале правосилни од причини што по неговите жалби против решенијата поднесени на 18 февруари 2002 година и 19 мај 2004 година се уште не било постепено. Наведува, исто така, дека при донесувањето на третоозначениот акт, подносителот на барањето не бил информиран за организационите и структуралните промени кај работодавецот и за последиците од престанокот на работниот однос, а во таа постапка не се почитувале критериумите преку кои се утврдувал приоритетот за задржување на работното место.

Во барањето се наведува дека од страна на работодавецот му било забра- нето да го искористи правото на годишен одмор за 2003 и 2004 година, дека не му било утврдено право на 0,5% додаток на плата за секоја година работен стаж, дека не му се исплаќал регрес за годишен одмор и дневници за службени патувања. Од тие причини бара да му се исплатат: разликата во плата од “шефовско” до “раководителско” работно место, материјалната и нематеријална штета што ја претрпел тој и неговото семејство, трошоците за набавка на средства за работа, за направените службени телефонски разговори, за купување на приемни книги, стручна литература и други трошоци, се со засметување на законска и казнена камата.

Подносителот на барањето предлага Судот да ги поништи наведените акти.

3. Судот на седницата утврди дека Орданчо Пецов од Неготино засновал работен однос во Министерството за финании ПЕ Неготино на 1 април 1999 година.

Министерството за финансии донело Решение бр.04-1019/2 од 25 март 1999 година за засновање на работен однос и за назначување на Орданчо Пецов за шеф на Отсекот за имотно-правни работи во Неготино.

Со Решението бр.04-1489/1 од 17 јануари 2002 година Министерството за финансии го распоредува на работно место со звање соработник во Одделението за имотно-правни работи во Неготино до положувањето на преодниот испит за проверка на знаењето и стекнувањето статус на државен службеник. Од образложението на решени- ето произлегува дека до распоредувањето дошло заради покажани незадоволителни резултати во дотогашната работа и несоодветен однос со странките и вработените.

Жалба против решението е поднесена на 18 февруари 2002 година, а доказ за конечност на решението не е приложен.

Од извадокот на Правилникот за систематизација на работните места во Министерството за финансии бр.01-844/1 од 9 април 2004 година, произлегува дека во Оддлението за управна постапка- Неготино бил предвиден еден извршител на работното место раководител на Одделението.

Со Решението бр.04-10961/1 од 26 април 2004 година на Министерството за финанисии на Орданчо Пецов му се утврдуваат бодови на основната плата и додатокот на плата за звање. Утврдувањето на бодовите е направено според донесениот Закон за изменување и дополнување на Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/2004).

Жалба против решението е поднесена на 19 мај 2004 година, а доказ за конечност на решението не е приложен.

Според Решението бр.04-12657/1 од 10 мај 2004 година на Министерството за финансии на Орданчо Пецов му престанува вработувањето сметано од 1 јули 2004 година, поради структурни промени. Од образложението на решението произлегува дека Владата на Република Македонија на седницата одржана на 10 февруари 2004 година донела Заклучок за согледување на можностите за намалување на јавната аднинист- рација како една од мерките за реализација на реформите во јавната администрација.

Од копијата на доставницата за прием на наведеното решение произлегува дека Орданчо Пецов на 21 мај 2004 година одбил да потпише дека го прима означениот акт. Според Министерството за финансии постапката по изјавената жалба е во тек.

Од Програмата за рационализација на вработените во Министерството за финансии донесена на 30 мај 2003 година произлегува дека во Министерството било предвидено од вкупно 690 вработени бројот на вработените да се намали за 147 или 21,30%.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија секој граѓанин што смета дека со поединечен акт му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд на Република Македонија во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во член 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од член 51 е потребно да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.

Во конкретниот случај во претходната постапка на Судот не му беа презентирани докази дека оспорените акти се конечни.

Меѓутоа, тргнувајќи од околноста што во Законот за работните односи е предвидено работникот да може да бара судска заштита и во случаите кога органот не донел одлука по поднесениот приговор во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето, произлегува дека оспорените акти по сила на Законот станале конечни по протекот на законскиот рок за произнесување на работодавецот по поднесеното барање.

Од Европската конвенција за заштита на правата на човекот и основните слободи Орданчо Пецов, како слободи и права за кои смета дека му се повредени ги наведува: право на почитување на приватниот и семејниот живот; слобода на уверува- њето, совест и религија; слобода на изразување; право на ефективен лек; забрана на дискриминација; забрана на злоупотреба на правата; заштита на сопственоста и општа забрана на дискриминација. Од Уставот на Република Македонија му биле повредени следните слободи и права: еднаквост на граѓаните; неприкосновеност на физичкиот и моралниот интегритет на секој човек; гаранција на правото на жалба; право на учество во вршење на јавни функции; право на поднесување на претставки до државните органи; почитување и заштита на приватноста, личниот и семејниот живот и на угледот и достоинството на секој граѓанин; правото на сопственост; правото на работа, вработу- вање, достапоноста на секое работно место, заработувачка, право на платен дневен, неделен и годишен одмор и неможноста овие права некој да ги ограничи ниту одземе; заштита на семејството и заштита на слободите и правата утврдени со Уставот.

Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд утврдена во цитираниот член 110 алинеја 3 од Уставот, а врз основа на наводите од барањето произлегува дека од сите набројани слободи и права Судот е надлежен да ги штити: слобода на уверувањето, совест и религија; слобода на изразување и забраната на дискриминација, како што ги означува подносителот на барањето. Меѓутоа, за остварување на заштита на слободите и правата пред Уставниот суд не е доволно само да се набројат повредените слободи и права, туку со наводите од барањето треба да се наведат и причините поради кои се бара заштитата, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како што е определено во член 52 од Деловникот на Уставниот суд.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека со наводите од барањето, изнесените факти и прибавените докази подносителот на барањето не ја прави веројатна повредата на слободата на уверувањето и совеста, како и на слободата на јавното изразување на мислата. Ова од причини што барањето воопшто не содржи наводи во таква насока. Од друга страна, Судот може да даде заштита на правото на недискрими- нација на граѓаните, но по точно определен основ: пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. Од наводите во барањето, изнесените факти и приба- вените докази не произлегува дека може да стане збор за дискриминација на подноси- телот на барањето по било кој од наведените основи.

Останатите набројани слободи и права не спаѓаат во корпусот на слободи и права за кои може да се бара заштита пред Уставниот суд, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот.

Што се однесува до наводите дека конечните акти не биле во согласност со набројаните одредби од Уставот, Законот за работните односи, Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност, како и со одредбите од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа во Република Македонија, според Судот оспорените акти немаат карактер на пропис, туку на поединечни акти.

Имено, согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Оттаму, не се исполнети условите од цитираната одредба за оцена на согласност на оспорените поединечни акти со Уставот и законите.

На крај, поднесеното барањето во најголем дел, според изнесените наводи, има карактеристика на тужба за остварување на права од работен однос, како и за остварување на оштетно побарување, по која не е надлежен да постапува Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.101/2004
9 септември 2004 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова