165/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 септември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 31 став 2 од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија”; бр.20/ 1998, 31/2000, 42/ 2003).

2. Томислав Спасев од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законската одредба означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба не била во согласност со членот 30 од Уставот на Република Македонија, од причина што со актот за определување јавен интерес над имот предмет на денационализација се вршело ограничување на сопственоста, но не на начин како што било предвидено во оваа уставна одредба, т.е. со праведен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност, туку надомест утврден со Уредба на Владата на Република Македонија. Според него, овој надоместок не можел да биде предмет на уредување со подзаконски акт донесен од Владата, затоа што со оспорената одредба се повредувале имотните права на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 31 став 1 од Законот за денационализација, надомест се дава за имот кој не се враќа, како и кога имотот не се враќа затоа што престанал да постои. Според оспорениот став 2 од овој член, надомест во смисла на став 1 од овој член се определува според состојбата на имотот во моментот на одземањето, согласно со Уредбата за процена на вредноста и утврдување надомест за денационализиран имот што ја донесува Владата на Република Македонија.

4. Правната заштита на сопственоста, утврдена во членот 8 став 1 алинеја 6 од Уставот на Република Македонија, претставува една од темелите вредности на уставниот поредок.

Согласно членот 30 од Уставот на Република Македонија, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и заедницата.

Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Според член 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија, Владата на Република Македонија донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Со Законот за денационализација се определуваат условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање надомест за имот одземен во корист на државата. Денационализацијата преставува мерка на државата, изразена преку законски акт со која се враќа во сопственост некој претходно одземен имот, одно- сно се враќа правото на сопственост во првобитна состојба, при што доколку враќањето е невозможно (поради тоа што на тој имот во меѓувреме бил утврден јавен интерес или тој воопшто не може да се врати поради тоа што престанал да постои), државата обезбедува надомест.

Оспорената одредба од Законот ги регулира ситуациите кога предмет на денационализација е имот кој не се враќа, како и кога не може да се врати поради тоа што престанал да постои. Во таков случај Законот предвидел дека на сопственикот му следува право на надомест. Ставот 2 од членот 31 од Законот утврдува на кој начин ќе се определи висината на овој надоместок: “надомест се определува според состојбата на имотот во моментот на одземањето, согласно со Уредбата за процена на вредноста и утврдување надомест за денационализиран имот што ја донесува Владата на Република Македонија”. Тоа значи дека во случаи кога одземениот имот не се враќа или не може да се врати поради тоа што престанал да постои, сопственикот има право на надомест кој се определува според состојбата на имотот во моментот на одземањето, при што Уредбата на Владата на Република Македонија е правниот инструмент кој ја утврдува методологијата на кој начин ќе се изврши проценка на вредноста на имотот во моментот на одземањето. Тоа значи дека критериум на законодавецот при утврдување на висината на надоместокот кој се дава како компензација за одземениот имот што не може да се врати не е пазарната вредност на имотот, туку вредноста утврдена според состојбата во која се наоѓал пред метниот имот во моментот на одземањето.

Од друга страна пак, одредбата од членот 30 од Уставот на Република Македонија ги регулира ситуациите на одземање (експропријација), односно ограничу- вање на сопственоста и наметнува обврска на државата ваквото ограничување да го компензира со праведен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност на предметниот имот. Според мислењето на Судот, во случајот на денационализацијата се работи за обратен процес. Тука државата не одзема, ниту ограничува имот, односно сопственост над некој имот. Напротив, предмет на денационализацијата е враќање во сопственост. Оттука, според мислењето на Судот, одредбата од членот 30 од Уставот воопшто не може да се доведе во корелација со прашањето на денационализација, затоа што таа се однесува на праведен надоместок во случаи на експропријација или ограничување на сопственоста. Во случајот на денационализацијата не станува збор за одземање или ограничување на сопственоста, туку напротив, за враќање на сопстве- носта врз имот од причини на историски промени на политичкиот систем во Република Македонија. Во тој контекст, определувањето надоместок за имот кој не може физички да се врати, според неговата вредност во времето на одземањето, дури и кога тој не би соодветствувал на претпоставената пазарна вредност на тој имот, не може да се смета за арбитрерно и произволно, туку е израз на волјата на законодавецот да ги обештети поранешните сопственици, дури и во случај кога нивниот имот престанал да постои. Оттука, о властувањето на Владата на Република Македонија со уредба да изврши процена и да го утврди надоместокот за денационализираниот имот според критериумот утврден во законот, е во функција на извршување на Законот и претставува овласту- вање кое произлегува од членот 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорената одредба од Законот за денационализација со членот 30 и членот 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова – Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.165/2003
9 септември 2004 год.
С к о п ј е
сп/л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова