79/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 14 јули 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 227 став 1 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2002, 98/2002, 25/2003 и 71/2003).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 227 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Законот била во несогласност со членот 8 став 1 алинеја 4, член 79 став 2, член 96 и член 122 од Уставот на Република Македонија. Ова поради тоа што според членот 18 став 1 точка 11 од Законот за одбрана, претседателот на Република Македонија разрешува генерали, а според член 26 точка 18 од истиот закон, Генерал-штабот на Армијата разрешува професионални војници и воени старешини заклучно со чин капетан. Според тоа, министерот за одбрана или од него овластено лице не можел да донесува решение за престанок на работниот однос на професионалните војници и воени старешини заклучно со чин капетан и генерали.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 227 став 1 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, решение за престанок на работниот однос на професионален војник и воен старешина донесува министерот за одбрана или од него овластено лице.

Разгледувајќи ја иницијативата Судот утврди дека со Решение У.бр.148/2002 од 15 и 29 јануари 2003 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на одредбата од членот 227 став 1 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а не постојат основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што Судот не повел постапка за оценување на уставноста на оспорената законска одредба, а нема основи за поинакво одлучување по однос на наводите во оваа иницијатива, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.79/2004
14 јули 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова