У.бр.38/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 14 јули 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на

– Статутот на Здружението на возачи – Делчево во целина и посебно членовите: 4, 20, 22 и 25, донесен под бр.0101-17/2 на 23 декември 1998 година од Собранието на Здружението на возачи – Делчево;

– Одлуката за избор на членови на Собранието на Здружението на возачи – Делчево, содржана во Записник составен на 19 декември 2002 година од Изборната комисија на Здружението;

– Одлуката за избор на членови на Извршниот одбор на Здружението на возачи – Делчево, содржана во Записникот бр.0202/41 од 20 декември 2002 година;

– Одлуката за истовремено вршење на функциите претседател на Собранието и претседател на Извршниот одбор на Здружението на возачи – Делчево, содржана во Записникот бр.0202/42 од 20 декември 2002 година и

– Одлуката бр.0201-13/6 од 21 февруари 2004 година на Здружението на возачи – Делчево за купување на објектот “Сервис” во Делчево.

2. Митко Антовски од Делчево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Статутот на Здружението на возачи – Делчево и одделни негови одредби, што поблиску нумерички не се означуваат, не биле во согласност со членовите 21, 22, 23 и 24 од Законот за здруженија на граѓани и фондации (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/1998).

Имено, статутарните одредби што се однесувале на членување во здружението, предвидувале Собранието да го сочинуваат само оние членови кои потпишале пристапница и уплатиле 1.000 денари на име членарина. Оттаму, зачленетите возачи биле “измислен собир на возачите”, а тој “собир” избирал свои претставници во Собранието, претседател на Собранието и Извршниот одбор на Здружението. Исто така, како незаконита се посочува одредбата од Статутот што предвидувала претседателот на Извршниот одбор воедно да биде и претседател на Собранието, како и донесената Одлука членовите на Извршниот одбор воедно да бидат и членови на Собранието.

Понатаму, како спротивна на член 2 од Законот за здруженија на граѓани и фондации се посочува и донесена Одлука за купување на објект со дворно место од “Автоцентар”- Скопје од причина што Здружението било непрофитабилна организација, а потреба за купување на наведениот објект немало бидејќи Здружението било формирано по сите европски стандарди.

Инаку, подносителот на иницијативата не ги означува децидно одредбите од Статутот за кои смета дека се во спротивност со Законот. Воедно бара и поништување на донесени одлуки што се однесуваат на конституирање на Здружението и избор на неговите органи без притоа поконкретно да ги идентификува оспорените одлуки, со барање Судот да ги прибави истите по службена должност.

3. Судот на седницата утврди дека Статутот на Здружение на возачите Делчево бр.0101-17/2 е донесен на седница на Собранието на Здружението на возачи – Делчево одржана на 23 декември 1998 година.

Според член 4 од Статутот, член на Здружението на возачите-Делчево може да биде секој полнолетен граѓанин-државјанин на Република Македонија, кој доброволно ќе пристапи на Здружението. Зачленувањето во Здружението на возачите – Делчево се врши со пристапница. Здружението на возачите – Делчево на своите членови им издава членска книшка. Членовите на Здружението на возачите – Делчево плаќаат годишно членарина во износ од 1.000 ден. веднаш по зачленувањето. Здружението на возачите Делчево за своите членови води регистар на членство, кои еднаш годишно се ажурираат.

Според член 20 од Статутот, Собранието на Здружението на возачите – Делчево брои 11 члена, кои се избираат од Собир на членови, со просто мнозинство на предлог на кандидационата комисија. Кадидационата комисија ја формира Собранието на Здружението на возачите непосредно пред избор на новиот состав на Собранието. Собранието се состанува по потреба, а најмалку еднаш годишно. За претставник во Собранието на Сојузот на возачите на Македонија се предлага претставник од Собрани- ето на возачи Делчево.

Собранието на Здружението на возачите од редовите на своите претстав- ници избира Извршен одбор кој е извршен орган на Собранието на редовни и вонредни Собранија.

Според член 25 од Статутот, извршниот одбор на Здружението на возачите Делчево има 5 (пет) члена. Мандатот на членовите на Извршниот одбор трае 4 (четири) години. Извршниот одбор од своите редови избира претседател со мандат од 4 (четири) години. Претседателот на Извршниот одбор истовремено е и пртеседател на Собранието на Здружението на возачите – Делчево и тој го претставува Здружението на возачите – Делчево.

Записникот составен на 19 декември 2002 година од Изборната комисија на Здружението ја содржи Одлуката за избор на поименично наведени 11 членови на Собранието на Здружението на возачи – Делчево. Посебна формална одлука не е донесена.

Записникот бр.0202/41 од 20 декември 2002 година ја содржи Одлуката за избор на поименично наведени 5 членови на Извршниот одбор на Здружението на возачи – Делчево. Посебна формална одлука не е донесена.

Записникот бр.0202/42 од 20 декември 2002 година ја содржи Одлуката за истовремено вршење на функциите претседател на Собранието и претседател на Извршниот одбор на Здружението на возачи – Делчево од страна на Владимир Мерзликин. Посебна формална одлука не е донесена.

Според содржината на Одлука бр.0201-13/6 од 21 февруари 2004 година, донесена од Здружението на возачите – Делчево, Здружението одлучило да го купи објектот “Сервис” со земјиште, што се наоѓа во Делчево од понудувачот АД “Автоцентар” Скопје за 6.000.000,оо денари.

4. Согласно член 110 алинеја 7 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Согласно член 1 од Статутот, Здружението на возачи – Делчево е здружение на граѓани-возачи, формирано со слободно здружување на граѓаните заради оствару- вање и усогласување на своите интереси и заради вршење на дејности и активности со цел подобрување на сообраќајната култура, безбедноста на сообраќајот на патиштата, техничката исправност на моторните возила и други прашања од заеднички интерес.

Тргнувајќи од наводите во иницијативата со кои се оспорува Статутот во целина, и посебно оспорените одредби, Судот врз основа на определената надлежност во цитираната уставна одредба не е надлежен да одлучува за законитоста на статутите на здруженијата на граѓаните.

5. Согласно член 110 алеинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Тргнувајќи од содржината на оспорените одлуки според Судот, оспорените акти немаат карактер на пропис, тие по својата правна природа се интерни, поединечни акти донесени за потребите на конкретно Здружение на граѓани во Делчево. Актите се донесени во врска со неговото внатрешно делување и не уредуваат права и обврски за неопределен круг на субјекти во правото, поради што Судот не е надлежен да одлучува за нивната законитост.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.38/2004
14 јули 2004 година
С к о п ј е
л.а/

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова