Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 јули 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за спроведување на вреднувањето на работниците во Стопанска банка АД-Скопје во врска со постапката за определување на бројот и структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални и слични промени, бр.01-3196 од 12 септември 2002 година, донесена од работоводниот орган на Стопанска банка АД-Скопје.
2. Јорде Крагуески од Кичево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одлука била во спротивност со Законот за работните односи, затоа што при нејзиното донесување не биле почитувани одредбите од членовите 125 до 133 од овој закон. Имено, оваа одлука била донесена без претходно работодавецот да донесе одлука и програма за воведување на економски, технолошки, структурални и други промени како што било утврдено во членот 125 од Законот, ниту, пак, согласно член 126 од Законот претходно ги информирал работниците и синдикатот за видот на промените, за бројот и структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос, за мерките што ќе ги преземе за ублажување на последиците и за правата на работниците што треба да им ги обезбеди.
Оваа одлука, исто така, била во спротивност и со членот 162 од Колективниот договор на Стопанска банка, кој бил во сила во времето на донесувањето на одлуката. Во овој член од Колективниот договор било утврдено дека за примена на критериумите од членот 161 што се однесуваат за успешноста во работењето и видот и значењето на работното место, писмено се искажува директорот на соодветниот сектор, односно непосредниот раководител на работникот, а не и директорите на филијалите на Стопанска банка, како што било утврдено во оспорената одлука. Меѓутоа, по донесувањето на оспорената одлука членот 162 од Колективниот договор бил изменет, односно дополнет со додавање и на директорите на непосредните филијали.
Поради наведените причини во иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, а потоа да ја поништи. Притоа во иницијативата не се посочува со кои членови од Уставот оваа одлука не е во согласност.
3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на член 44 од Статутот и членовите 161 и 162 од Колективниот договор на Стопанска банка АД-Скопје.
Во врска со постапката за определување на бројот и структурата на работниците на Стопанска банка АД-Скопје на кои ќе им престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални и слични промени, со точката 1 од оспорената одлука се задолжуваат директорите на секторите во Стопанска банка, извршните директори на дирекциите во секторите на Стопанска банка каде не е именуван директорот на секторот и директорите на филијалите на Стопанска банка, да извршат вреднување на работниците во соодветниот сектор, дирекција, односно филијала со примена на критериумите утврдени во член 161 од Колективниот договор на Стопанска банка.
Во точка 2 од оваа одлука е утврдено дека лицата од точката 1 се должни вреднувањето да го извршат со примена на писмените инструкции кои ќе им бидат доставени од Дирекцијата за административни работи во Секторот за кадри. Во точка 3 од Одлуката е утврдено дека лицата од точка 1 на оваа одлука се должни вреднувањето да го извршат најдоцна до 20 септември 2002 година и веднаш да ги достават листите за извршеното вреднување заедно со предлог-листата со име и презиме на работниците кои остануваат на работа во Стопанска банка и наведување на нивните работни места согласно новата организациона шема на Стопанска банка до Дирекцијата за административни работи во Секторот за кадри. Во точка 4 е утврдено дека Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето.
4. Според членот 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд меѓу другото е надлежен да одлучува и за согласноста на другите прописи со Уставот и законите.
Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето во неа.
Имајќи го предвид основот за донесување на оспорената одлука, како и нејзината содржина, Судот утврди дека таа не е пропис, туку е акт кој што Стопанска банка АД – Скопје го донел во врска со постапката за определување на бројот и структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални и слични промени утврдена во членовите од 125 до 130 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 53/1997, 59/1997, 21/1998, 25/2000, 34/2000, 50/2001, 25/2003 и 40/2003).
Со оглед на тоа што оспорената одлука не претставува пропис во смисла на членот 110 алинеја 2 од Уставот, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува за нејзината согласност со Уставот и со Законот за работните односи и дека поради тоа се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.
Прашањето, пак, дали на работникот работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални и слични промени му престанал под услови и постапка утврдени со Законот за работните односи спаѓа во надлежност на друг суд, до кој незадоволните работници од конечното решение во конкретниот случај можат да бараат заштита на своите права од работен однос.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.114/2004
8 јули 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова