Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 јули 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 12 во делот
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 12 во делот: “најдоцна до 31.03.2004 година” од Уредбата за начинот и постапката за отуѓување на градежното изградено земјиште сопственост на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/2003, 59/2003 и 84/2003).
Според наводите во иницијативата, со членот 13 став 1 и 4 од Законот за градежното земјиште, кој бил основ за донесување на оспорениот дел од одредбата, Владата на Република Македонија немала законско овластување да го определи крајниот рок во кој градежното изградено земјиште се отуѓува. Оттаму, делот од одредбата се оспорува бидејќи според подносителот на иницијативата роковите можеле да се определуваат само со закон, но не и со подзаконски пропис.
Како пример за законско определување на роковите се посочува на содржината на членот 66 став 4 од Законот за градежното земјиште, според кој било предвидено трансформацијата на правото на користење на градежното земјиште да се спроведе во рок од десет години од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Оттаму, оспорениот дел од одредбата не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3 и 4, членот 51, 88 и 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија и членот 13 став 4 од Законот за градежното земјиште, поради што се предлага поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста.
3. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 12 од Уредбата за начинот и постапката за отуѓување на градежното изградено земјиште сопственост на Република Македонија, кој беше во сила во време на поднесување на иницијативата, градежното изградено земјиште предмет на оваа уредба се отуѓува по цена согласно членот 5 став 1 на оваа уредба најдоцна до 31 март 2004 година од денот на влегувањето во сила на оваа уредба.
Судот, исто така утврди дека пред поднесувањето на иницијативата, оспорениот дел од одредбата бил предмет на изменување на начин што во основниот текст на Уредбата најнапред било предвидено отуѓувањето на земјиштето по цена утврдена согласно член 5 став 1 од оваа уредба да се направи најдоцна во рок од 6 месеци од денот на влегувањето во сила на оваа уредба, за потоа рокот да биде продолжен до 31 декември 2003 година.
По поднесувањето на иницијативата, оспорениот дел од одредбата бил изменет со член 1 од Уредбата за изменување на Уредбата за начинот и постапката за отуѓување на градежно изградено земјиште сопственост на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/2004), на начин што во членот 12, зборовите: “до 31.03.2004 година” се заменуваат со зборовите: “до 30.06.2004 година”. Измена на рокот е направена и со член 1 од Уредбата за изменување на Уредбата за начинот и постапката за отуѓување на градежно изградено земјиште сопственост на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.43/2004), на начин што во членот 12, зборовите: “до 30.06.2004 година” се заменуваат со зборовите: “до 30.09.2004 година”.
Со оглед на тоа што подносителот на иницијативата не го оспорува делот од одредбата по однос на конкретно предвидениот датум, туку генерално ја оспорува суштината на одредбата по однос на овластувањето на Владата на Република Македонија при уредувањето на начинот и постапката за отуѓување на земјиштето да утврди и рокови, измените на Уредбата направени по поднесувањето на иницијативата не се процесна пречка за впуштање на Судот во мериторна оценка, иако датумот во оспорениот дел од одредбата формално правно не егзистира повеќе во правниот систем на државата.
4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт и своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Согласно член 91 алинеја 5 од Уставот, Владата на Република Македонија, меѓу другото, донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Според содржината на член 36 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000 и 12/2003), со уредба Владата го уредува извршувањето на законите, утврдува начела за внатрешна организација на министерствата и другите органи на државната управа и уредува други односи во согласност со Уставот и со законите.
Во член 13 став 1 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/2001), градежното земјиште во сопственост на Република Македонија може да се отуѓи, да се даде под концесија и под закуп. Во ставот 4 од истата одредба е определено дека начинот и постапката на отуѓувањето на земјиштето од став 1 на овој член преку јавно наддавање и со непосредна спогодба, давањето под закуп, висината на посебните трошоци на постапките за отуѓување и давањето под закуп, како и висината на надоместокот ги пропишува Владата на Република Македонија.
Тргнувајќи од наводите во иницијативата за подносителот на иницијативата не е спорно законското овластување на Владата на Република Македонија со Уредба да го уреди начинот и постапката за отуѓување на градежното изградено земјиште сопственост на Република Македонија. Меѓутоа, тој смета дека определувањето на крајниот рок за продажба на земјиштето не може да се направи со уредба туку со закон.
Според Судот определувањето на краен рок, односно временското ограничу- вање за отуѓување на наведеното земјиште под определените услови во Уредбата има законска основа во членот 13 став 1 и 4 од Законот.
Имено, под поимот постапка воопшто се подразбира вкупност на дејствија што учесниците во конкретна постапка ги преземаат со цел да реализираат одредени односи во правото, а преземањето на дејствијата во определен рок или нивното пропуш- тање може да доведе до остварување или губење на предвидените права. Меѓутоа, во конкретниот случај, со оспорениот дел од одредбата не се уредува конкретна судска или управна постапка, ниту се уредуваат рокови за преземање на дејствија во тие постапки. Се работи за постапување на овластен надлежен орган насочено кон реализација на понудата на државата за отуѓување на градежното изградено земјиште во нејзина сопственост, споведување на процесот на трансформација на правото на користење во право на сопственост и за таа цел определување на точен временски период во кој таквата понуда може да биде реализирана. Според тоа државата, односно Владата на Република Македонија преку даденото законско овластување, со оспорениот дел од одредбата го утврдуваат крајниот рок за продажба на земјиштето по цена утврдена во соодветниот Преглед што претставува разработка на законската одредба во функција на нејзино извршување.
Направените измени и дополнувања на Уредбата укажуваат на фактот дека државата во повеќе наврати го менувала утврдениот датум за отуѓување на земјиштето според непроменети цени на земјиштето. Според тоа, оспорениот дел од одредбата не утврдува рокови за преземање на одредени дејствија во конкретна постапка, туку утврдува точно дефиниран временски период за важење на конкретна понуда на државата за отуѓување на земјиштето како елемент на договорот за отуѓување – купопродажба, како еден од видовите облигациони договори. Значи не станува збор за рок во кој е предвидено преземање на конкретно процесно дејствие.
Од друга страна, посочувањето на содржината на членот 66 став 4 од Законот, каде е предвидено трансформацијата на правото на користење на градежното земјиште да се спроведе во рок од десет години од денот на влегувањето во сила на овој закон, според Судот е несоодветно со целта на оспорениот дел од одредбата. Имено, во законската одредба законодавецот определил временска рамка во која очекува да биде реализирана трансформацијата на правото и тука станува збор за период во кој треба да се спроведе постапката на трансформација на правото на користење во право на сопственост. Во оспорениот дел е дадена понуда за продажба на земјиштето под одредени услови со определување на крајниот временски период во кој така определе- ните услови ќе важат. Протекот на определениот рок за отуѓување на земјиштето не значи само по себе дека неговата трансформација нема да продолжи по истекот на тој рок, под истите или под други услови.
Оттука, Владата на Република Македонија, како носител на извршната власт, со оспорениот дел од одредбата врши права и должности утврдени во Уставот и членот 13 став 1 и 4 од Законот за градежното земјиште, насочени кон уредување на начинот и постапката за продажба на земјиштето со определување на крајниот временски период за прифаќање на конкретната понуда на државата за отуѓување на градежното изградено земјиште во нејзина сопственост. Поради тоа оспорениот дел од одредбата, според Судот, не може да се стави под сомнение по однос на неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4 и член 88 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова–Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.46/2004
8 јули 2004 година
С к о п ј е
мл/л.а
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова