У.бр.71/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 јули 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за заштита на законитоста со преиспитување на примената на законите и другите прописи во постапувањето и одлучувањето на надлежните судови и јавното обвинителство.

2. Ѓорѓе Јордановски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за заштита на законитоста со преиспитување на постапките и одлуките на надлежните судови и јавното обвинителство по конкретни предмети во кои, според наводите во иницијативата, тој не можел да ги оствари правните интереси поради незаконитото работење и одлучување на тие органи.

Врз основа на овие наводи во иницијативата се бара заштита на законитоста во однос на оспорените акти: Известување КОЗ број 13/2003 од 16 февруари 2004 година на Јавното обвинителство на Република Македонија; Решение КС број 372/2003 од 15 декември 2003 година, донесено од Апелациониот суд-Скопје; Решение К.пов.број 5/2003 од 6 ноември 2003 година донесено од Основниот суд во Велес; и се бара преиспитување на донесените акти на Основното јавно обвинителство во Велес по предметот КИ.број 74/2003.

3. Согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Според алинеја 3 на овој член, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Со оглед на тоа, Уставниот суд не одлучува за примената на законите и другите прописи од страна на надлежните органи ниту овој Суд има надлежност на инстанционо повисок суд да ја оценува законитоста на постапките и одлуките на судовите и другите органи по конкретни предмети на граѓаните.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Поаѓајќи од означената уставна одредба и барањето со иницијативата, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува по иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.71/2004
8 јули 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова