Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 јуни 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одобрението за градење број 10 УП И-305 од 20 ноември 1997 година, донесено од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина.
2. Данило Панковски, Душан Панковски, Ѓорѓе Спасовски и Т.Д. “Виор” ДООЕЛ Скопје, од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата Владата на Република Македонија донела Одлука бр.23-2910/1 од 4 ноември 1996 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.61/1996), за определување услови за градба на производна хала за преработка на месо со сопствена лабораторија на подрачјето на општина Гази Баба – Скопје, во која покрај тоа што било определено земјиштето за изградба на стопанскиот објект, подносителите на иницијативата биле утврдени како инвеститори за реализација на наведената стопанска намена. Тие по налог на решение за услови за градба издадено од министерството надлежно за работите на урбанизмот и градежништво и по налог на решение за пренамена од земјоделско во градежно земјиште издадено од министерството надлежно за работите на земјоделство, шумарство и водостопанство, во периодот од 1996 и 1997 година, ги уплатиле потребните парични средства во корист на државата.
Предметното земјиште било евидентирано на име на инвеститорите во катастарската евиденција.
Меѓутоа, покрај изнесените факти, Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина донело Одобрение за градење број 10 УП-И-305 од 20 ноември 1997 година во корист на трето лице, односно на ТД “Никас Скоп” ДОО-Скопје, кое е предмет на оспорување со поднесената иницијатива.
Според наводите во иницијативата, поради тоа што оспореното одобрение за градење било во спротивност со Одлуката на Владата на Република Македонија број 23-2910/1 од 4 ноември 1996 година и претставувало акт на надлежен државен орган со кој се повредувало загарантираното право на сопственост во членот 30 од Уставот на Република Македонија, се предлага Судот да поведе постапка за оценка на неговата уставност.
Воедно во иницијативата се наведуваат податоци за водената управна постапка по жалба и управниот спор пред Врховниот суд на Република Македонија во врска со оспореното одобрение за градба, од што произлегува дека надлежните управни органи не постапувале и не одлучувале според укажувањата во Пресудата на Врховниот суд У.бр.1422/2000, па со оглед на тоа подносителите на иницијативата за оспорениот акт бараат оценка на уставноста.
3. Судот на седницата утврди дека Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, донело Одобрение за градење број 10 УП-И-305 од 20 ноември 1997 година, со кое се одобрува на инвеститорот ТД “Никас Скоп” д.о.о. од Скопје да го изгради инвестициониот објект – Производна хала за преработка на месо со сопствена лабораторија на КП.бр.1534 и 1535/2 КО “Илинден” во место викано “Трница”.
Во Одобрението за градење, исто така, е определен рокот за градба и правата и обврските на инвеститорот и изведувачот. Во образложението на наведеното одобрение за градење дадени се причините за одлученото во диспозитивот и утврдена е правна поука на странките.
Врз основа на изнесеното неспорно е дека оспорениот акт ги има сите елементи на конкретен управен акт донесен од орган на управа.
4. Согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Со оглед на тоа што оспорениот акт е конкретен управен акт и не претставува пропис или општ акт подобен за уставно судска оценка, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.63/2004
30 јуни 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова