Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 јуни 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 11 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/1998 и 44/ 2002).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од законот означена во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека според член 53 од Уставот, адвока-турата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон. Тоа значело дека во Уставот не се предвиду-вале други видови правна помош, односно оспорениот законски член бил неспоив со Уставот. Оттука, подносителот на иницијативата смета дека судот не можел да ја преземе улогата на адвокатурата и неуката странка да ја предупредува и поучува кои парнични дејствија да ги преземе заради заштита на своите права што и припаѓаат според Законот за парничната постапка. Со ваквото предупредување на странката се доведувала во прашање и непристрасноста на судот во одлучувањето. Притоа, ако правото и должноста на поука на неуката странка се проширело и на полномошникот кој не е адвокат (член 83 став 1 од ЗПП), проблемот за непристрасност на судот се усложнувал до таа мерка што не може да се контролира. Според подносителот на иницијативата, странката која се застапувала сама или која имала полномошник кој не бил адвокат го имала за свој советник судијата, а странката која била застапувана од адвокат немала на тоа право. Сознанието за поука на спротивната странка, од самите странки не можело никако поинаку да се разбере освен како пристрасно одлучување, што било многу опасно за совреме-ната правна држава. Со оспорената одредба се доведувале во прашање и целите и функциите на судството предвидени во членот 98 став 2 од Уставот и член 3 од Законот за судовите, бидејќи судовите требало да судат, а не да даваат правна помош на неуката странка. Според тоа, со оспорената одредба се повредувале членовите 8 став 1 алинеја 3, 9, 51, 53 и 98 став 2 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 11 од Законот за парничната постапка, странката која од незнаење не ги користи правата што и припаѓаат според овој закон, судот ќе ја предупреди кои парнични дејствија може да ги преземе.
4. Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија согласно член 8 алинеја 3 од Уставот.
Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Членот 98 став 5 од Уставот утврдува дека видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Со Законот за парничната постапка се определуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува во споровите од личните и семејните односи, од работните односи, како и од имотните и другите граѓански правни односи на физичките и правните лица, освен ако некои од наведените спорови со посебен закон се ставени во надлежност на друг државен орган.
Според оспорениот член 11 од овој закон, странката која од незнаење не ги користи правата што и припаѓаат според овој закон, судот ќе ја предупреди кои парнични дејствија може да ги преземе.
Предупредувањето на странката од страна на судот, која од незнаење не ги користи правата што и припаѓаат, произлегува и од членот 50 став 3 од Уставот според кој граѓанинот има право да биде запознат со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита.
Оспорената одредба, всушност, преставува општа (начелна) одредба која е разработена во други конкретни одредби од Законот.
Од изнесеното произлегува дека предупредувањето на судот во смисла на оспорениот член 11 од Законот за парничната постапка не може да се сфати како давање правна помош од страна на судот.
Во врска со тврдењето во иницијативата дека правна помош може да обезбедува само адвокатурата, Уставниот суд повеќе пати расправал и има изградено став дека во рамките на уставното овластување законодавецот има право со закон да утврди под кои услови и во кои случаи адвокатите ја обезбедуваат правната помош, а истовремено да утврди во кои случаи и под кои услови оваа помош може да ја обезбедуваат и други лица односно субјекти.
Меѓутоа, очигледно е дека во конкретниот случај не станува збор за давање правна помош.
Имено, имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, Судот оцени дака со членот 11 од Законот за парничната постапка не се доведуваат во прашање уставните определби за владеење на правото и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите како и дека не се повредува уставно утврдената положба на адвокатурата, бидејќи можноста што ја дава законот, судот да ја предупреди странката на нејзините права е исклучиво во функција на заштита на правата на странката што и припаѓаат според овој закон.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.50/2004
30 јуни 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова