Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 јуни 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 10 во делот “и истекува важноста на легитимацијата за туристички водич” од Програмата за полагање стручен испит за туристички водич (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/2003).
2. Бранко Босилков од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот од актот 10 од законот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека оспорениот дел од членот 10 од Програмата имал повратно дејство, што било спротивно на уставниот принцип на владеење на правото бидејќи се создавала правна несигурност кај граѓаните.
Во иницијативата се наведува дека со оспорениот дел од членот 10 од Програмата се загрозувала социјалната сигурност на имателите на легитимации за туристички водичи кои ги стекнале на легален начин.
3. Судот на седницата утврди дека според член 10 од Програмата за полагање стручен испит за туристички водич, со денот на влегувањето во сила на оваа програма престанува да важи Програмата за полагање стручен испит за туристички водич (“Службен весник на Република Македонија” бр.16/1984) и истекува важноста на легитимацијата за туристички водич.
4. Судот, исто така, утврди дека во “Службен весник на Република Македонија” бр.40/2004 од 21 јуни 2004 година, е објавен нов текст на Програмата за полагање стручен испит за туристички водич.
Според членот 10 од оваа Програма, со денот на влегувањето во сила на оваа програма престанува да важи Програмата за полагање стручен испит за туристички водич (“Службен весник на Република Македонија” од 1984 година). Во содржината на овој член е изоставен текстот “и истекува важноста на легитимацијата за туристички водич”, кој е оспорен со поднесената иницијатива.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оглед на тоа што оспорениот дел од членот 10 од Програмата не е повеќе дел од правниот поредок на Република Македонија, Судот цени дека постојат процесни пречки за одлучување поради што иницијативата треба да се отфрли.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.4/2004
30 јуни 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова