40/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 23 јуни 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 30-ѓ став 1 алинеја 4 од Законот за угостителската и туристичката дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.23/1995, 33/2000, 25/2002, 48/2002 и 38/2003).

2. Весна Цветкова од Скопје, Туристичката агенција “ИСИДОР ТУРС” – Битола од Битола и Зоранчо Велкоски од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување покстапка за оценување на уставноста на членот 30-ѓ став 1 алинеја 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативите поради тоа што со оспорената законска одредба било предвидено за добивање на лиценца “А” вршителот на туристичката дејност да има најмалку двајца вработени со завршено високо образование кои познаваат најмалку еден светски јазик, произлегува дека со закон се наложувало во приватниот сектор со какво образование и во колкав број да бидат вработените, што е во спротивност со начелото на слободата на пазарот и претприемништвото утврдено во членот 55 од Уставот.

Во иницијативите исто така се наведува дека со оглед на тоа што со оспорената одредба од Законот не било определено високото образование конкретно од областа на туризмот за двајцата вработени кај вршителот на туристичката дејност, целите на законот не биле за подобрување на квалитетот на услугите туку заради селектирање и намалување на бројот на туристичките агенции кои се во приватниот сектор во услови на пазарно стопанство и овозможување монополска положба на дел од нив. Подносителите на иницијативите Весна Цветкова од Скопје и Туристичката агенција “ИСИДОР ТУРС” – Битола, воедно бараат Судот да изрече времена мерка за запирање од извршување на оспорената одредба од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за угостителската и туристичката дејност во членот 30-ѓ став 1 предвидел дека за добивање лиценца “А” вршителот на туристичката дејност треба да достави доказ дека ги исполнува наведените услови меѓу кои во алинеја 4 е предвиден доказот да има најмалку двајца вработени со завршено високо образование кои познаваат најмалку еден светски јазик.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 6 од Уставот на Република Македонија слободата на пазарот и претприемништвото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според ставот 2, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката, која отвара широки можности за реализација на стопанството и приватната иницијатива во сите области од стопанскиот систем. Меѓутоа, слободата на пазарот и претприемништвото не може да се сфати како работа само на субјектите на пазарот бидејќи и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога како регулатор на економските текови во стопанството.

Принципот на еднаквост на пазарните субјекти претставува еднаква правна положба на субјектите во вршењето на својата дејност. Имено, еднаквоста треба да постои меѓу оние субјекти кои вршат идентична или слична дејност. Во овој контекст државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополската положба и однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарот, конкуренцијата од една страна и обезбедувањето еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност од друга страна.

Според членот 1 од Законот за угостителската и туристичката дејност, предмет на уредување со овој закон се условите и начинот за вршење на угостителската и туристичката дејност. Во рамките на уредувањето на прашањата од оваа област, со одредбите од Законот е уредено меѓу другото дека угостителската и туристичката дејност можат да ја вршат домашни и странски правни и физички лица запишани во трговскиот регистар и врз основа на одобрение (лиценца), потоа, уредени се минимално-техничките услови и условите за категоризација на објектите на туристичката понуда и категоризација на угостителските објекти и постапката за решавање на правата и обврските на стопанските субјекти кои ќе ги вршат овие дејности, која е во надлежност на Министерството за економија. Посебно во делот на одредбите од Законот кои се однесуваат на туристичката дејност, со членот 30 е определено дека вршителите на туристичката дејност можат да вршат посредување во туристичкиот промет, во свое име и за своја сметка, во свое име и за туѓа сметка и да застапуваат други фирми во вршењето на посредување во туристичкиот промет.

Според членот 30-а од овој закон, лиценцата за вршење на туристичката дејност може да биде: лиценца “А”, лиценца “Б” и лиценца “В”.

Понатаму, со одредбите од Законот се утврдени правата и обврските на вршителите на туристичката дејност во зависност од категориите на лиценците. Со членот 30-б од Законот е определено дека вршителот на туристичката дејност, како имател на лиценца “А”, може да врши организирање на туристички патувања во земјата и во странство и други услуги во смисла на членот 3 од овој закон, а заради организирање на туристички патувања во земјата и во странство е должен да ги осигура патниците, односно корисниците на аранжманите во соодветно друштво за осигурување.

Следствено на определбите во законот за начинот на остварувањето и содржините кои ги опфаќа вршењето на туристичката дејност од страна на вршителите со лиценца “А”, со членот 30-ѓ од Законот се пропишани условите за добивање на лиценца “А”, која има рок на важење 2 години и ја издава Министерството за економија каде се води регистар за издадените лиценци.

Според ставот 1 од членот 30-ѓ од Законот, за добивање лиценца “А”, вршителот на туристичката дејност треба да достави доказ дека ги исполнува следниве услови:

– дека склучил годишен договор со осигурително друштво за осигурување од одговорност од дејност во износ од 25.000 ЕВРА во денарска противвредност;
– дека од вкупно продадените аранжмани има продадено најмалку 10% домашни аранжмани во странство, за кое што приложува доказ до овластена ревизорска куќа;
– мора да обезбеди туристички придружник и туристички водич при секоја реализација на патување во земјата и во странство и
– дека има најмалку двајца вработени со завршено високо образование кои познаваат најмалку еден светски јазик.

Имајќи го предвид изнесеното Судот утврди дека постоењето на уставниот основ за законско уредување на правата и обврските во сферата на дејностите во стопанството е основ и за уредување на условите и начинот на вршењето на угостителската и туристичката дејност. Со оглед на тоа што во тие рамки со Законот е уреден правниот режим на вршењето на предметната дејност, условот кој е определен со оспорената законска одредба е еден од елементите содржани во утврдениот правен режим кој се однесува за сите стопански субјекти кои во вршењето на туристичката дејност можат да се стекнат со лиценца “А”.

Законодавецот, исто така, со оспорената одредба од Законот не ги лимитирал можностите во однос на видот на завршеното високо образование само на една област од високото образование, што е од тој аспект поповолно за стопанските субјекти кои ја вршат наведената дејност со лиценца “А”. Воедно, со определбата во оспорената законска одредба вршителите на туристичката дејност со лиценца “А” да имаат најмалку двајца вработени со завршено високо образование кои познаваат најмалку еден светски јазик, не се попречува покрај овие вработени и други лица кои не ги исполнуваат наведените услови да бидат вработени кај вршителот на оваа дејност со лиценца “А”.

Поради изнесеното Судот оцени дека оспорената законска одредба не е во несогласност со членот 55 од Уставот со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.40/2003
23 јуни 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова