Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 23 јуни 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за заштита од елементарни непогоди (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр. 39/1977).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, уставен основ за донесување на оспорениот Закон бил Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1974 година. Меѓутоа, оспорениот Закон според употребените термини, називите и надлежностите на надлежните органи апсолутно не бил во согласност со терминологијата на актуелниот Устав на Република Македонија.
Понатаму, се појаснува дека оспорениот закон бил застарен и апсолутно неприменлив, создавал голема конфузија и нејаснотии, бидејќи дел од неговите одредби сега биле уредени со нова регулатива опфатена во одредбите од Законот за одбрана, Законот за водите, Законот за внатрешни работи и други.
Оттаму, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот Закон не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот за елементарни непогоди, предмет на овој закон е уредување на заштитата на животот и здравјето на луѓето, како и заштитата на општествениот имот на работните луѓе и граѓаните во случај на елементарни непогоди, доколку со друг закон не е одредено поинаку.
Понатаму во основните одредби од Законот се дефинира што значи елементарна непогода, како се остварува заштита од неа (превентивни мерки и мерки за отстранување на настанатите последици), кој има првенство на заштита, кои се принципите на заштитата, како и тоа кои се органите и лицата што имаат право и должност да остваруваат заштита, односно да учествуваат во заштитата.
Во Главата ИИ од Законот се содржани одредби што ги уредуваат должностите на работните луѓе и граѓаните, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници, месните заедници, општествено-политичките организации, општествените организации, здруженијата на граѓаните и граѓанско- правните лица.
Во Главата ИИИ од Законот се разработени правата и должностите на општините и Републиката.
Во Главата ИВ од Законот се содржани одредбите што се однесуваат на плановите за заштита од елементарни непогоди.
Во Главата В од Законот се содржани одредби што се однесуваат на раководењето со заштитата од елементарните непогоди.
Во Главата ВИ од Законот се содржани одредбите што се однесуваат на проценка на штетата, надоместокот и помош во отстранувањето на последиците од елементарните непогоди.
Казнените одредби се во Главата ВИИ од Законот.
Последната Глава ВИИИ од Законот ги содржи преодните и завршни одредби.
4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласност на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Согласно член 167 од Законот за заштита и спасување (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/2004) со денот на влегување во сила на овој закон меѓу другите престанува да важи и Законот за заштита од елементарни непогоди.
Законот за заштита и спасување влезе во сила на 18 јуни 2004 година.
Оттаму, оспорениот закон повеќе не се наоѓа во правниот систем на Република Македонија, што преставува процесна пречка за одлучување по иницијативата и оценување на неговата согласност на Законот со Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.77/2004
23 јуни 2004 год.
С к о п ј е
л.а/
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова