Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 јуни 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 15 точка 1 од Законот за здравственото осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 25/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002 и 31/2003).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 15 точка 1 од законот означен во точката 1 од ова решение.
Со оглед на тоа што во членот 15 став 1 од Законот остварувањето на правото на надоместок на плата се условувало со уплатување на придонесот за задолжителното здравствено осигурување (редовно или со задоцнување од најмалку 60 дена) подносителот на иницијативата смета дека оваа законска одредба не е во согласност со членот 1 став 1, членот 8 став 1 алинеи 3 и 8, член 9, член 34, член 35 став 1, член 39 став 1 и член 42 став 1 од Уставот на Република Македонија.
Како причини за оспорување на уставноста на оваа законска одредба подносителот во иницијативата посебно наведува дека Република Македонија според Уставот е социјална држава и дека не е возможно да се зборува за правна, праведна и демократска држава без да се води сметка за двете основни начела на социјалната држава – социјалната правда и солидарноста кои се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Понатаму наведува дека со оспорената одредба не се заштитува ниту мајчинството, што е посебна обврска на Републиката утврдена во членот 42 став 1 од Уставот.
Од тие причини предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената законска одредба, а до донесување на конечната одлука, да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што се донесени односно преземени врз основа на таа одредба.
3. Судот на седницата утврди дека според членот 15 од Законот осигурениците од членовите 13 и 14 од овој закон можат да го остварат правото на надоместок на плата ако ги исполнуваат и следните услови:
1) придонесот за задолжителното здравствено осигурување редовно да е уплатуван или со задоцнување од најмногу 60 дена (оспорена точка);
2) оцената за привремена спреченост за работа ја дал избраниот лекар, односно лекарската комисија;
4. Според член 1 став 1 од Уставот, Република Македонија, освен што е суверена, самостојна и демократска, таа е и социјална држава.
Во член 8 алинеите 3 и 8 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени начелото на владеењето на правото и начелата на хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.
Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.
Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.
Според членот 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.
Со членот 39 став 1 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.
Во членот 42 став 1 од Уставот е утврдено дека Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.
Согласно наведените уставни одредби, системот на здравственото осигурување во Република Македонија, како дел од социјалното осигурување, кое во Уставот е утврдено како едно од основните слободи и права на човекот и граѓанинот, е уреден со Законот за здравственото осигурување, чија одредба се оспорува со оваа иницијатива.
Според овој закон здравственото осигурување се востановува како задолжително и доброволно. Задолжителното осигурување се востановува за сите граѓани на Република Македонија заради обезбедување на здравствени услуги и парични надоместоци врз начелата на сеопфатност, солидарност, еднаквост и ефективно користење на средствата под услови утврдени со овој закон (член 2 став 2 од Законот).
Во согласност со начелата на задолжителност и сеопфатност, во членот 5 став 1 од Законот таксативно се утврдени лицата – осигуреници кои подлежат на задолжителното здравствено осигурување, а во ставот 2 на овој член е утврдена можност граѓаните кои не се опфатени со задолжително здравствено осигурување доброволно да пристапат кон него. Освен на овие лица, според членот 6 од Законот, задолжителното здравствено осигурување се обезбедува и на членовите на нивните семејства, ако тие лично не се осигурени по некој основ од членот 5 на овој закон.
Покрај правото на здравствени услуги, во рамките на воспоставеното задолжително здравствено осигурување според членот 12 од Законот на осигурениците им се обезбедува и право на парични надоместоци и тоа: 1) право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест и повреда и за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство и 2) право на надоместок на патни трошоци.
Условите за остварување на правото на надоместок на плата се утврдени во членот 15 од Законот и во таа смисла според оспорената точка 1 од овој член еден од тие услови е придонесот за задолжително здравствено осигурување да е редовно уплатуван или со задоцнување од најмалку 60 дена.
Обврската за плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување е утврдена во членот 38 од Законот и на неа подлежат сите осигуреници од членот 5 од Законот кои задолжително се осигуруваат.
Според членот 52 став 1 на Законот, за осигурениците за кои Фондот ќе утврди дека придонесот не е редовно уплатуван или уплатата задоцнувала повеќе од 60 дена, правата од задолжителното здравствено осигурување на осигурените лица се ускратуваат, освен правото на итна медицинска помош.
Од овие и другите одредби на Законот произлегува дека со задолжително здравствено осигурување по разни основи е опфатен најширок круг на граѓани со тоа што за граѓаните кои не се опфатени со ова осигурување е утврдена можност тие доброволно да пристапт кон задолжителното здравствено осигурување. На овој начин, според мислењето на Судот, со Законот за здравствено осигурување скоро на секој граѓанин на Република Македонија, во случаите и под услови утврдени со овој закон, му се обезбедува остварување на уставно утврденото право на социјална сигурност и социјално, односно здравствено осигурување, како и правото на здравствена заштита, кои се израз на социјалниот карактер на Република Македонија.
Во функција на остварување на наведените уставни права е и правото на надоместок на плата, за кое станува збор во оспорената законска одредба. Имено, со утврдување на ова право законодавецот, освен здравствена заштита, со овој закон обезбедил и социјална, односно материјална сигурност на осигуреникот, а со тоа и на неговото семејство, во случај кога тој поради болест или повреда не е во состојба да заработува. Меѓутоа, од оспорената и другите наведени законски одредби произлегува дека остварувањето на ова, како и на сите права од задолжителното здравствено осигурување е условено со редовно плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување, со толеранција на задоцнување од најмногу 60 дена. Овој услов произлегува од задолжителноста на здравственото осигурување за сите граѓани опфатени во членот 5 од Законот и е во согласност со начелата на солидарност и еднаквост, врз основа на кои се заснова задолжителното здравствено осигурување.
Начелото на солидарност според Законот во суштина претставува заемен однос помеѓу сите осигуреници во задолжителното здравствено осигурување кој се остварува преку обврската за континуирано плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување во одреден процент според висината на нивната плата, односно утврдената основица и користењето на основните здравствени услуги и други права утврдени во Законот, во случаи кога на осигурениците тоа им е потребно, односно кога ги исполнуваат условите за тоа. Вака сфатено начелото на солидарноста, според Судот, може да се протега само помеѓу осигурениците кои ја измируваат законската обврска за плаќање на придонесот, а не и осигурениците кои воопшто или редовно или подолго време не го плаќаат. Ова од причини што оваа обврска според Законот се однесува на сите осигуреници и што од нејзиното исполнување зависи обезбедувањето на материјалната основа, односно средства за остварување на правата од задолжителното здравствено осигурување. Во спротивно, секое изедначување на правата на осигурениците без оглед дали тие ја исполниле или не обврската за плаќање на придонесот би било во несогласност со начелото на солидарност, а би се довело во прашање и функционирањето на системот на здравственото осигурување, односно остварувањето на правата од ова осигурување.
Имајќи го предвид наведеното, како и фактот дека редовното уплатување на придонесот за задолжителното здравствено осигурување или со задоцнување од најмногу 60 дена, што како еден од условите за остварување право на надоместок на плата утврден во оспорената одредба еднакво се однесува за сите осигуреници кои можат да го остваруваат тоа право, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со одредбите од Уставот во однос на кои се оспорува нејзината уставност.
Во однос на наводите во иницијативата дека со оспорената одредба од Законот не се заштитувало мајчинството, што е и посебна причина за оспорување на нејзината согласност со членот 42 став 1 од Уставот, Судот смета дека се неосновани, затоа што во членот 14 од Законот како посебен случај во кој осигурениците под условите утврдени во членот 15 од Законот може да го остваруваат правото на надоместок на плата е утврдено отсуството од работа поради бременост, раѓање и мајчинство. Освен ова право, врз основа на бременоста, раѓањето и мајчинството со овој и други закони се предвидени и други права (пример: право на бесплатна здравствена заштита, право на надоместок на плата во случаи на отсутво од работа поради нега на дете до определена возраст и сл.), така што погрешно би било преку една одредба од Законот да се согледува посебната заштита на мајчинството што ја обезбедува Републиката.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.66/2004
16 јуни 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова