Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 јуни 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 6 став 2 од Деловникот за работа на Комисијата на Агенцијата за државни службеници за решавање во втор степен по жалби и приговори на државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2001).
2. Стамен Филипов од Скопје, за поведување постапка на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Деловникот била целосно преземена од Законот за работните односи со што законската одредба се релативизирала во деловничка.
3. Судот на седницата утврди дека согласно член 6 став 2 од Деловникот синдикатот може да учествува во постапката пред Комисијата која одлучува по жалбата, односно приговорот по барање на државниот службеник или да даде согласност да го застапува во остварувањето на неговите права.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Со оглед на тоа што со оспорениот деловник се уредуваат правилата на работење на Комисијата за решавање во втор степен по жалби и приговори на државните службеници од државните органи, за повреда на правата од работниот однос, односно содржи норми од техничка природа, Судот оцени дека тој не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, поради што согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.96/2004
16 јуни 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова