16/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 мај 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Програмата на Демократската партија на Албанците од 1997 година.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот акт не бил во согласност со член 1 став 2, член 3, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 20 став 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Подносителот на иницијативата наведува дека во Програмата на Демократската партија на Албанците од 1997 година глобално бил разработен федеративниот модел за македонската држава односно правото на самоопредлување Македонија како двоетничка држава и со која била подржуван концептот за институционализација на албанското малцинство во Македонија како “поддржава” во рамките на Република Македонија, со право на самоопределување и право на отцепување. Според подносителот на иницијативата, од анализата на оспорената Програма се доаѓало до заклучок дека таа била насочена кон рушење на територијалниот интегритет на државата кое било во спротивност со точката 5 од Завршниот документ на Виенскиот состанок од 1986 и 1989 година на претставниците на државните учеснички на КЕБС во Европа. Исто така, подносителот, наведува дека во Програмата биле содржани цели и определби кои директно и експлицитно повикувале на насилно уривање на уставниот поредок на Републиката, односно поттикнувале разгорување на национална и верска омраза и нетрпеливост.

Од овие причини предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на Програмата на Демократската Партија на Албанците од 1997 година.

3. Судот на седницата утврди дека со уписот во судскиот регистер на ден 4 јули 2002 година, во Судот е доставена и Програма на Демократската партија на Албанците од 5 мај 2002 година, во која се дадени општите програмски определби на Демократската партија на Албанците.

4. Согласно член 110 алинеја 7 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд на Република Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Согласно член 20 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓани и политички партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.

Од цитираните уставни одредби произлегува дека Уставниот суд ја оценува уставноста на политичките програми само на регистрираните политички партии.

Во Законот за политичките партии (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/1994) е утврдена постапката за основање, регистрација и престанок на политичките партии.

Според член 10 од овој закон политичката партија може да започне со работа со денот на уписот во судскиот регистар на политичките партии. Политичката партија стекнува својство на правно лице со денот на уписот во судскиот регистар.

Според член 11 од овој закон политичката партија се запишува во судскиот регистар. Судскиот регистар го води Окружниот суд во Скопје.

Според член 12 од овој закон политичката партија е должна во рок од 30 дена од денот на основањето да поднесе барање за запишување во судскиот регистар. Со барањето за запишување во судскиот регистар се поднесува: записник за работата на основачкото собрание, програма и статут и одлука за основање.

Според член 40 од овој закон одредбите кои се однесуваат на надлежноста за регистрација на политичките партии на Окружниот суд во Скопје, по донесување на Законот за судовите, го врши судот кој ги презема надлежностите на Окружниот суд во Скопје.

Според член 32 став 3 од Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/1995, 64/2003) за водење судски регистар се надлежни: Основниот суд во Битола за подрачјето на Апелациониот суд во Битола, Основниот суд Скопје И – Скопје за подрачјето на Апелациониот суд во Скопје и Основниот суд во Штип за подрачјето на Апелациониот суд во Штип.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, како и од утврдената фактичка состојба во претходната постапка, се утврдува дека оспорената Програма на Демократската партија на Албанците е од 1997 година, односно од период кога Демократската партија на Албанците не била регистрирана во судскиот регистар.

Имено, од писменото известување на Основниот суд Скопје И – Скопје – Регистар на политички партии од 25 ноември 2003 година, кој согласно цитираната законска одредба од Законот за судовите е надлежен за водење судски регистар, произлегува фактот дека Демократската партија на Албанците во Регистарот на политичките партии што се води во овој суд е запишана под Рег.бр.121 од 4 јули 2002 година. Токму од овој момент, односно од денот на уписот во судскиот регистар (4 јули 2002 година), Демократската партија на Албанците се стекнува со својство на правно лице (член 10 став 2 од Законот за политичките партии). Оттука, јасно произлегува дека до денот на уписот во судскиот регистер, Демократската партија на Албанците нема својство на правно лице и истата не може да започне со работа.

Од причина што со сега поднесената иницијатива се спори Програмата на Демократската партија на Албанците од 1997 година, кога истата немала својство на правно лице, односно се уште не бил извршен упис во судскиот регистар, во конкретниов случај постојат процесни пречки да Уставниот суд да ја оценува согласноста на оспорената програма со Уставот. Имено, во смисла на член 110 алинеја 7 од Уставот, Уставниот суд одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии, но само на оние кои се донесени во постапка предвидена со закон и претставуваат програми на политички партии кои имаат стекнато својство на правно лице.

5. Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, бидејќи оспорениот акт датира од 1997 година, кога Демократската партија на Албанците немала својство на правно лице, Уставниот суд на Република Македонија иницијативата ја отфрли.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.16/2004
19 мај 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова