155/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 5 мај 2004 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за определување на месечен паушал на членовите на Советот на општина Блатец, донесена од Советот на општина Блатец под бр.07-144/1 од 26 август 2003 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата на Бранко Јанкулов, градоначалник на општина Блатец, со Решение У.бр.155/2003 од 24 март 2004 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и закон.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на членот 45 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), Советот на општина Блатец на седница одржана на 26 август 2003 година ја донел Одлуката под бр.07-144/1 за определување месечен паушал на членовите на Советот на општина Блатец.

Според членот 1 од оваа одлука, на членовите на Советот на општина Блатец им се определува месечен паушал во висина од 2000,00 денари, а според членот 2, Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на општина Блатец”.

5. Согласно одредбите од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), како органи на општината се предвидени советот и градоначалникот. Советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината и членовите на советот се избираат на избори со тајно гласање на граѓаните, за време од четири години.

Според членот 45 од овој Закон, членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.

Со членот 100 од овој закон е предвидено дека до донесувањето на законот од членот 45, членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Од наведените законски одредби Судот утврди дека со Законот за локална самоуправа се предвидува право на членовите на советот да примаат надоместокок за присуство на седница ограничувајќи го горниот лимит најмногу до 30% од просечната нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, и го предвидува правото на советниците на надоместок на патни и дневни трошоци, кои до донесувањето на посебниот закон ќе им се исплатува според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Имајќи ја предвид содржината на оспорената одлука и изнесените одредби од Законот за локална самоуправа, произлегува дека членовите на Советот на општина Блатец имаат право на надоместок за присуство на седница и надоместок на патни и дневни трошоци, а не месечен паушален надоместок, поради што Судот утврди дека оспорената Одлука не е во согласност со законот.

Воедно, Судот утврди дека поради тоа што со оспорената Одлука е предвидено таа да влезе во сила со денот на донесувањето, а не по објавувањето во Службен гласник на општината, одлуката не е во согласност и со членот 52 став 1 од Уставот, според кој законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.155/2003
5 мај 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова