204/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 април 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за дел од “Стара железничка станица”, донесена од Советот на општина Центар на 21 ноември 2003 година, бр.07-1965/1 (“Службен гласник на град Скопје” бр.13/2003).

2. Советот на синдикалната организација и вработените во Македонски железници – ЗДЖ “Железничар” од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот детален урбанистички план бил донесен во постапка спротивна на Законот за просторно и урбанистичко планирање, затоа што Планот бил донесен без стручна расправа и без спроведена јавна анкета по истиот.

3. Судот на седницата утврди дека на 21 октомври 2003 година, Одделението за урбанизам на општина Центар со Заклучок бр.18-1769/3 го утврдило нацртот на измени и дополни на Деталниот урбанистички план за дел од “Стара железничка станица” – Скопје.

Истиот ден, градоначалникот на општина Центар донел одлука за организирање јавна анкета бр.08-1769/4.

На 23 и 24 октомври 2003 година, во дневните весници “Дневник” и “Утрински весник” било објавено соопштение за спроведување на јавна анкета граѓаните и правните лица од тој простор се известени дека Нацртот на измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за дел од “Стара железничка станица” – Скопје ќе биде изложен во просториите на Месната заедница “Мито Хаџи Василев – Јасмин” во периодот од 24 октомври до 4 ноември 2003 година, односно во рок од 10 дена од објавувањето на соопштението.

Во периодот додека траела јавната анкета, заинтересираните граѓани доставувале забелешки на Планот.

По завршувањето на јавната анкета, Стручната комисија, формирана од градоначалникот на општина Центар, подготвила Извештај за прифатените, односно неприфатените забелешки на граѓаните по нацрт Планот.

Исто така, Судот утврди дека по Планот била извршена и стручна консултација, од која се гледа дека откако проектантот ги образложил планските решенија и причините поради кои се врши измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за дел од “Стара железничка станица” – Скопје, секој од наведените учесници се изјаснил за преземање на одредени дејствија во рамки на своите надлежности.

4. Во членот 17 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, меѓу другото, е предвидено дека по нацртот на урбанистичкиот план се организира стручна расправа со учество на претставници на органите и организациите од подрачјето опфатено со планот.

Согласно ставот 3 на овој член од Законот по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета.

Согласно ставот 5 на овој член од Законот јавната анкета по деталниот урбанистички план ја организира општината односно градот Скопје.

Во ставот 1 на член 18 од Законот е предвидено дека јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата.

Согласно член 18 став 5 од Законот, извештајот од стручната расправа и јавната анкета по деталниот урбанистички план, со образложение за неприфатените забелешки го изготвува општината односно градот Скопје.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека оспорениот Детален урбанистички план за дел од “Стара железничка станица” бил донесен во законски предвидената постапка во која, меѓу другите дејствија, била организирана и стручна расправа и била спроведена јавна анкета, поради што не може основано да се постави прашањето за законитоста на постапката при неговото донесување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.204/2003
21 април 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова