Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 април 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 77 став 3 од Законот за високото образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.64/2000 и 49/2003).
2. Сашо Врбовски, адвокат од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 77 став 3 од законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорениот член не бил во согласност со Уставот затоа што со давањето на можноста на деканот односно директорот на факултетот односно високата стручна школа да го запре извршувањето на општиот акт и одлуката на органите на факултетот односно високата стручна школа се проширувала надлежноста на Уставниот суд утврдена во член 110 и 112 од Уставот. Понатаму, според наводите од иницијативата оспорениот член не бил во согласност со принципот на владеење на правото со оглед на тоа што во Законот не бил предвиден орган кој ќе ја оценува суспензијата односно актот на деканот за запирање од извршување на одлуката на органите на високообразовната институција што во практиката предизвикувало бројни злоупотреби од страна на деканот.
3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот став 3 на член 77 од Законот е предвидено: “Деканот, односно директорот е одговорен за законитоста и статутарноста на работата на органите на факултеот, односно високата стручна школа и има право и должност да го запре извршувањето на општиот акт и одлука на овие органи за кој смета дека е спротивен на законот, статутот и општ акт на факултетот односно високата стручна школа. Запирањето на општиот акт и одлуката престанува, доколку деканот, односно директорот во рок од еден месец од денот на запирање не поведе постапка пред Уставниот суд на Република Македонија за оценување на неговата уставност и законитост.
4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.
Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата, меѓу другото, и ако не е надлежен да одлучува по барањето.
5. Имајќи ги предвид наведените одредби од Уставот со кои е утврдена надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија содржина на оспорениот член и наводот во иницијативата според кој со давањето на можноста на деканот односно директорот да го запре извршувањето на општиот акт и одлуката на органите на факултетот односно високата стручна школа се проширува надлежноста на Уставниот суд, Судот смета дека оспорениот член 77 став 3 значи упатување за искористување на уставно пропишаниот механизам за контрола на уставноста и законитоста и е ирелевантен за надлежноста на Уставниот суд.
Во врска со наводите од иницијативата со кој се бара Судот да ја оцени уставноста на членот 77 став 3 од Законот не затоа што содржи норма која е несогласна со Уставот, туку затоа што не содржи норма за која подносителот на иницијативата смета дека треба да биде содржана, Судот оцени дека барањето излегува надвор од рамките на неговата надлежност утврдена со Уставот.
Во однос на наводот од иницијативата според кој во практиката оспорената одредба предизвикувала бројни злоупотреби од страна на деканот на факултетот, односно директорот на високата стручна школа, Судот оцени дека согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува за примената на законите и другите прописи.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.135/2003
15 април 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова