Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 31 март 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план “Игман” Кавадарци бр.07-1088/9 од 29 август 2003 година, донесена од Советот на општина Кавадарци.
2. Трајко Илиев од Кавадарци, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одлуката, означена во точката 1 на ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорената одлука била несогласна со членот 21-а од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), затоа што при изработувањето на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план не биле применувани урбанистичките нормативи и стандарди за планирање на просторот, предвидени во истоимениот правилник.
3. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.
Согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот исто така ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Тргнувајќи од содржината на наведените одредби, Судот утврди дека не е надлежен да ја оценува примената на урбанистичките планови во практиката, ниту да оценува дали при нивното донесување надлежниот орган се придржувал на урбанистичките нормативи и стандарди за планирање на просторот.
Со оглед на тоа што подносителот на иницијативата ја оспорува законитоста на Одлуката од причини што при нејзиното донесување не била почитувана одредбата од член 21-а став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање според која при изработување на просторен и урбанистички план задолжително се применуваат урбанистичките нормативи и стандарди за планирање на просторот, утврдени во истоимениот Правилник, Судот утврди дека не е надлежен да ја оценува примената на овие урбанистички нормативи при изработувањето на деталните урбанистички планови.
4. Со оглед на тоа што со иницијативата не се оспорува законитоста на постапката за донесување на оспорената одлука, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.197/2003
31 март 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова