Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 март 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 19 алинеја 4 и член 32 став 2 од Законот за републички судски совет (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1992, 50/1999 и 43/2003).
2. Вера Терзиева Тројачанец, од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата алинејата 4 на член 19 од Законот била несогласна со Уставот затоа што ги проширувала правните основи за разрешување на судија, што биле таксативно утврдени во ставот 3 на член 99 од Уставот.
Ставот 2 на член 32 од Законот не кореспондирал со уставното овластување што го имал Републичкиот судски совет според членот 105 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, според кој Републичкиот судски совет ја оценува стручноста и совесноста на судиите во вршењето на нивната функција.
3. Судот на седницата утврди дека согласно член 19 алинеја 4 од Законот за републички судски совет, Советот утврдува предлог за разрешување од судиската функција и на Собранието на Република Македонија му предлага разрешување на судијата ако на истиот по втор пат му е изречена дисциплинска мерка опомена (укор) или привремено запирање на плата до 15% од месечната плата на судијата, во траење од еден до шест месеци.
Исто така, Судот утврди дека согласно член 32 став 2 од Законот Републичкиот судски совет ја оценува стручноста и совесноста на судиите без да се впушта во оценка на одлуките што ги донел повисокиот суд во одлучувањето по вложени редовни и вонредни правни средства.
4. Согласно член 105 од Уставот на Република Македонија, Републичкиот судски совет, меѓу другото, одлучува за дисциплинската одговорност на судиите.
Од содржината на оваа одредба се гледа дека Уставот употребува општ поим “дисциплинска одговорност” без притоа да прецизира за кој вид повреда станува збор.
Со други зборови, Уставот му препушта на законодавецот да го разработи прашањето за дисциплинската одговорност на судиите во смисла да определи кое дејствие на судијата претставува потешка повреда на работната дисциплина, па во тој контекст да предвиди и дека повторувањето на дисциплинската мерка укор, односно писмена опомена или привремено запирање на дел од плата кој не може да биде поголем од 15%од месечната плата на судијата, во траење од еден до шест месеци, да се смета како потешка повреда на работната дисциплина.
Гледано од овој аспект, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената одредба на член 19 алинеа 4 од Законот.
Ова од причина што поаѓајќи од моралниот лик на судијата и фактот дека дисциплинската мерка всушност му се изрекува заради повреда на работната дисциплина, со цел воспитно да се влијае врз него во иднина да не повторува таква повреда, Судот оцени дека со нејзиното повторување судијата покажува дека нема чувство за изречената дисциплинска мерка и дека постои можност истата да ја повторува и понатаму.
Според Судот предвидувањето на разрешување на судијата од вршење на неговата функција, после повторно изречената писмена опомена или повторното запирање на дел од плата, е критериум за потешка дисциплинска повреда, која го прави неподобен за вршење на судиската функција.
Во однос на прашањето дали Републичкиот судски совет може да ја оценува стручноста и совесноста на судиите без да се впушта во оцена на одлуките што ги донел повисокиот суд во одлучувањето по вложени редовни и вонредни правни средства, Судот оцени дека оваа одредба од Законот е согласна со Уставот на Република Македонија.
Имено, ако се има предвид одредбата од членот 34 став 1 на овој закон според кој Републичкиот судски совет во вршењето на работите од членовите 32 и 33 на овој закон, односно при оценувањето на стручноста и совесноста на судиите прибавува податоци од Министерството за правда за постигнатите резултати, бројот на решените предмети, квалитетот и ажурноста во работата на судиите во соодветниот суд и ставот 2 на овој член од Законот, според кој на барање на Републичкиот судски совет, судовите се должни да му достават податоци за постигнатите резултати во работата на судовите на начин определен со Деловникот за работа на Републичкиот судски совет, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот не го попречува Советот во оценување на стручноста и совесноста на судиите без да се впушти во оценување на одлуките што ги донел повисокиот суд.
Според Судот со оспорената одредба Републичкиот судски совет се спречува да ја оценува исправноста на одлуките на повисоките судови против пресудите на судиите чија работа се оценува и на тој начин се исклучува можноста да се појави како инстанца во контрола на одлуките на судот.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на член 32 став 2 од Законот за Републички судски совет.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Решението за неповедување постапка за уставноста на член 19 алинеја 4 од Законот Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
7. Решението за неповедување постапка за оценување уставноста на член 32 став 2 од Законот, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.123/2003
17 март 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова