Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 10 и 11 март 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на
а) Абдула Јусуфоски од Охрид за заштита на слободите и правата повредени со пресуда на Апелациониот суд во Битола ГЖ.бр.2381/2003 од 21 октомври 2003 година;
б) ЗЗ “Монтер” од Охрид кое не претставува правен субјект во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
2. Абдула Јусуфоски од Охрид, преку Марјан Попески адвокат од Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата повредени со пресуда на Апелациониот суд во Битола ГЖ.бр.2381/2003 од 21 октомври 2003 година.
Меѓутоа, иако подносителот на барањето се повикува на заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, тој бара пресудата на Апелациониот суд да се укине и да се врати на повторно судење од причина што судовите различно постапувале за идентични предмети, како и да се признае право на правно лице да бара заштита на слободи и права.
3. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејствие му е повредно право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејствие со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Членот 52 од Деловникот на Уставниот суд утврдува дека во барањето од член 51 е потребно да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Од наводите содржани во барањето, како и од појаснувањето на барањето произлегува дека во суштина барањето не се однесува на заштита на слободите и правата на што барателот само начелно се повикува, туку барањето се однесува на испитување од страна на Уставниот суд на уставноста и законитоста на акт на суд од аспект на различно пресудување по предмети со исти тужбени барања, односно подносителот бара Уставниот суд да постапува како инстанционен суд и да одлучува за уставноста и законитоста на пресудата на Апелациониот суд во Битола за да утврди дека постои повреда на членовите 8, 9 и 15 од Уставот, како и членовите 6 и 13 од Европската конве нција за заштита на човековите права и основни слободи.
Врз основа на изнесеното, произлегува дека поднесеното барање не претставува барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, кои во согласност со член 110 алинеја 3 од Уставот, ги штити Уставниот суд, туку дека претставува барање Уставниот суд да одлучува за права и интереси на странка по конкретен предмет од надлежност на судовите, поради што Судот оцени дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
Во однос на наводите за нееднаква примена на законите од страна на судовите и за пресудување во конкретниот случај, на подносителот на барањето му стојат на располагање други правни средства во соодветна судска постапка согласно член 101 од Уставот, а не пред Уставниот суд. Исто така, во однос на барањето за признавање на правото на правно лице да бара заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот и член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија јасно произлегува дека Уставниот суд ги штити слободите и правата само на човекот и граѓанинот.
4. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.13/2004
10 и 11 март 2004 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова