Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 25 февруари 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија за утврдување на висината на коморскиот упи сен влог (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/2003).
2. Сребран Стоичов од Делчево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со уставните начела на слобода на пазарот и претприемништвото, на забрана на монополското однесување и на правото на работа, односно слободен избор на вработувањето и достапноста на секое работно место на секого под еднакви услови.
Имено, подносителот на иницијативата смета дека воведувањето на ваква нова материјална обврска која била во висина од 6 просечни плати во Република Македонија, во постојните услови на невработеност во земјата, претставувало нереална, неразумна и неуставна постапка на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија. На тој начин, подносителот смета дека коморскиот уписен влог во определениот износ во оспорената одлука претставувал ограничување за вработување на нови адвокатски кадри и истовремено заштита од конкуренција во адвокатската професија и зачувува ње на стекнатата лична и материјална положба на постојниот адвокатски состав. Со вака определената висина на коморскиот уписен влог, подносителот смета дека се ограничувало правото на слободен избор при вработувањето гарантирано со Уставот на Република Македонија, а кое произлегува од фактот дека се живеело во “социјална држава” и дека е недопуштено воведување на вакви неосновано високи давачки без никакво покритие во противуслуги. Токму поради тоа, подносителот смета дека коморскиот уписен влог треба да биде во висина на разумна таксена обврска која се плаќа за слични административни или судски уписи.
3. Судот на седницата утврди дека во Одлуката на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија за утврдување на висината на коморскиот уписен влог (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/2003) е предвидено:
1. “Висината на коморскиот уписен влог изнесува 61.500,00 денари”.
2. “Оваа одлука влегува во сила со денот на нејзиното објавување во ” Службен весник на Република Македонија”.
Судот исто така, утврди дека оспорената Одлука била предмет на оценка на Уставниот суд на Република Македонија по однос на нејзината согласност со одредбите на Уставот и дека Судот донесе решение У.бр.109/2003 од 22 октомври 2003 година со кое ги отфрли иницијативите од други лица, бидејќи оцени дека согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд не е надлежен да ја оценува уставноста на оспорената Одлука. До ваков став Судот дојде откако претходно утврди дека за да има еден акт карактер на пропис, во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, потребно е да содржи определени правни елементи. Актот, предмет на уставно-судска оценка, треба да содржи општи норми на однесување, да ги уредува односите на субјектите во правото на општ начин и со тоа да утврдува права и обврски за неопределен круг на субјекти во правото.
Меѓутоа, во конкретниов случај оспорениот акт не содржи општи норми ниту, пак, утврдува права и обврски, туку истиот само претставува акт за реализација, односно операционализација на член 36 од Законот за адвокатурата (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2002) и член 23 алинеја 14 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, во кои одредби во надлежност на Управниот одбор е предвидено и определување на висината на коморскиот уписен влог.
Сега оспорената одлука не содржи услови за стекнување на својството адвокат, туку само ја определува висината на коморскиот уписен влог, што по својата правна суштина е извршен акт на Управниот одбор на Адвокатската комора кој не уредува нови односи и затоа истата нема нормативен карактер.
4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Согласно член 53 од Уставот на Република Македонија адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а не постојат основи за поинакво одлучување.
5. Со оглед на тоа што во иницијативата повторно се оспорува согласноста на Одлуката по однос на член 32 став 1 од Уставот на Република Македонија, како и член 9 од Уставот за повреда на принципот на еднаквост на граѓаните и се покренуваат исти прашања кои веќе биле предмет на оценка на Судот кој со решението У.бр.109/2003 од 22 октомври 2003 година ги отфрлил иницијативите од други лица за оцена на уставноста на оспорената одлука, а Судот смета дека не постојат основи за поинакво одлучување, поради што се одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.7/2004
25 февруари 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова