Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 18 февруари 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 88 став 2, поднасловот “Дисциплински мерки” и член 89, поднасловот “1.Јавна опомена” и член 90 и поднасловот “2. Парична казна” и членовите 91 и 92 од Колективниот договор за шумарството и дрвната индустрија на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.46/1994).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на поднасловот “Одговорност за повреда на работните обврски” и член 88 став 1 од колективниот договор означен во точката 1 од ова решение.
3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од колективниот договор означени во точките 1 и 2 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека оспорените поднаслови и одредби од овој колективен договор не соодветствувале со одредбите на членовите 109 до 124 од Законот за работните односи, ниту, пак, со членовите 59 до 67 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, затоа што во нив повеќе немало дисциплинска одговорност, ниту дисциплински мерки парична казна, јавна опомена и престанок на работниот однос, туку имало само престанок на работниот однос со отказ, кој може да се замени и со парична казна, согласно член 116 од Законот за работните односи.
Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека со оспорените поднаслови и одредби од означениот колективен договор се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот, како и напред наведените членови од Законот за работните односи и Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека во Колективниот договор за шумарството и дрвната индустрија, оспорените поднаслови и членови се утврдени во рамките на делот IX насловен како “Општи обврски на работниците”.
Поднасловот “Одговорност за повреда на работните обврски” го опфаќа членот 88 во чиј став 1 е утврдено дека неодговорното однесување повлекува и одговорност на работникот за сторената повреда на работните обврски утврдени со закон, колективен договор и колективен договор на ниво на работодавец. Во ставот 2 на овој член е утврдено дека дисциплинската одговорност на работникот се утврдува со овој колективен договор и колективниот договор на ниво на работодавец.
Поднасловот “Дисциплински мерки” ги опфаќа членовите 89, 90, 91 и 92. Во членот 89 е предвидено дека за повреда на работните и други обврски на работнкот може да му се изрече една од следните дисциплински мерки: јавна опомена, парична казна и престанок на работен однос. Мерките од став 1 на овој член може да му се изречат на секој работник без оглед на посебните овластувања или одговорности што ги има тој работник, освен за генералниот директор.
Во членот 91 кој се однесува на јавната опомена, како една од можните дисциплински мерки предвидени во членот 89, е утврдено дека оваа мерка може да се изрече за лесни повреди на работните обврски утврдени со колективниот договор на ниво на претпријатие. Заклучок за објавување на конечната одлука донесува органот кој ја изрекол мерката јавна опомена.
Според членот 91, паричната казна може да се изрече за секоја повреда на работните обврски. Според членот 92 став 1 паричната казна може да се изрече најмногу во висина од 15% од аконтацијата на месечната плата на работникот во траење од еден до шест месеци. Според ставот 2 на овој член аконтацијата на платата на работникот остварена во месецот во кој е изречена одлуката се зема како основа за утврдување на висината на паричната казна.
5. Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е утврдено начелото – владеење на правото.
Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на работниците и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Согласно изречното уставно овластување, содржано во наведениот член од Уставот, со Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 80/1993, 14/1995, 53/1997, 21/1998, 25/2000, 3/2001, 50/2001, 25/2003 и 40/2003), на општ начин е уредено остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос. Освен тоа, правата, обврските и одговорностите на работниците од работен однос, како и начинот на нивното остварување и други прашања од интерес за работниците и работодавците од стопанството и нестопанството (јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност) се уредени и во општите колективни договори склучени на ниво на Републиката.
Определени права, обврски и одговорности од работниот однос на специфичен начин се уредени и со други закони и со колективни договори склучени на ниво на гранка, каков што е и колек-тивниот договор чии одредби се оспоруваат со оваа иницијатива, како и со колективен договор на ниво на работодавец.
Од аспект на причините поради кои се оспоруваат наведените одредби од Колективниот договор од особено значење е членот 4 од Законот за работните односи. Според овој член од Законот, работникот е должен да ги исполнува обврските што произлегуваат од работниот однос, а за повреда на работните обврски и причинетата штета работникот одговара лично според одредбите на закон и колективен договор.
Од овој аспект, исто така, значајни се и одредбите на членовите од 106 до 133 од Законот за работните односи, во кои се утврдуваат основите и условите за престанок на работниот однос, меѓу кои е утврден и престанок на работниот однос со отказ од страна на работодавецот. Така, според членот 111 од Законот, работниот однос на работникот со отказ од страна на работодавецот престанува ако работникот е неспособен да ги извршува работните задачи утврдени со закон, колективен договор и договор за работа или ако ја крши работната дисциплина и работниот ред.
Притоа, во Законот за работните односи освен што во членот 114 се утврдени условите под кои работниот однос на работникот може да му престане со отказ во случај кога работодавецот не е задоволен од извршување на работните обврски, и што во член 115 се утврдуваат случаите на кршење на работната дисциплина и неисполнување на обврските поради кои работниот однос на работникот, исто така, може да му престане со отказ од страна на работодавецот, не се содржани посебни одредби за тоа кој орган во име на работодавецот и во која постапка ќе ја утврди неспособноста, односно неисполнувањето на работните обврски на работникот и кршењето на работната дисциплина и работниот ред, какви што се на пример, во член 99, за утврдувањето на штетата што работникот по своја вина ја направил на работодвецот, за која е утврдена материјална одговорност.
Во оваа смисла, Законот за работните односи единствено содржи решение дека одлуката за престанок на работниот однос на раководни работници со отказ, на предлог на работоводниот орган донесува органот на управување, односно работодавецот (член 118) и дека за престанок на работниот однос со отказ на работник со над 25 години работен стаж или со најмалку 20 години непрекината работа кај ист работодавец одлучува органот на управување.
За разлика од Законот, Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија (“Службен весниик на Република Македонија” бр.29/1994 и 87/2001) содржи поконкретни одредби за наведените прашања. Имено, според членот 61 став 1 од овој колективен договор, работниот однос на работникот може да му престане со отказ поради кршење на работната дисциплина или поради неисполнување на обврските од работата доколку кршењето на работната дисциплина или неисполнувањето на обврските од работа е утврдено од страна на работодавецот, односно работоводниот орган или од него определено лице. Според ставот 2 на овој член, на работникот му се овозможува да се изјасни за наводите изнесени како причина за престанок на работниот однос. Освен тоа, во членовите 63 и 64 од овој колективен договор, се утврдени и роковите во кој работодавецот може да ја донесе одлуката за престанок на работниот однос, што, исто така, не е уредено со Законот за работните односи.
Од сето напред наведено, меѓу другото, може да се констатира дека одговорноста на работникот за повреда на работните обврски што произлегуваат од работниот однос начелно е утврдена во членот 4 од Законот за работните односи, а во другите одредби се утврдува дека поради неисполнување на овие обврски, на работникот може да му престане работниот однос со отказ од страна на работодавецот под условите утврдени со закон и колективен договор. Случаите на кршење на работните обврски, како и кршењето на работната дисциплина и работниот ред, поради кои на работникот може да му престане работниот однос со отказ на работодавецот, освен оние што се утврдени во Законот за работните односи, согласно овој закон може да се утврдуваат и со друг закон и со колективен договор.
Разгледувајќи го оспорениот поднаслов “Одговорност за повреда на работните обврски” и членот 88 став 1 од Колективниот договор во контекст на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на овие одредби со Уставот и со Законот за работните односи, бидејќи одговорноста на работникот е законски утврдена можност, а повредите на работните обврски поради кои на работникот може да му престане работниот однос со отказ, и согласно Уставот и согласно Законот за работните односи, освен со закон, може да се утврдуваат и со колективен договор, на што се упатува и во овие оспорени одредби од Колективниот договор.
Во однос на оспорениот став 2 на член 88 од овој колективен договор, пред Судот основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со Законот за работните односи и тоа не само од причините поради кои се оспорува со иницијативата, туку и од други причини.
Имено, според мислењето на Судот, ставот 2 на член 88 од Колективниот договор и формално и суштински е спорен од уста-вен и законски аспект. Формално, затоа што во Законот за работните односи личната одговорност на работникот за повреда на работните обврски не е утврдена, односно дефинирана како “дисциплинска”, а суштински, затоа што во овој став на член 88 се упатува дека оваа одговорност на работникот се утврдува со овој колективен договор и колективниот договор на ниво на работодавецот, а не и со закон и колективен договор на ниво на Републиката, како што произлегува од Уставот и Законот за работните односи во кој е разработена уставната определба за колективните договори. Ова и од причина што ваквата формулација на ставот 2 на членот 88 од Колективниот договор може да биде основа за утврдување на решенија кои не само што не се во функција на доуредување на одговорноста на работниците согласно Законот и Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, туку и спротивни на нив. Потврда за тоа се веќе наредните членови 89 до 92 од овој колективен договор, кои, исто така, се оспоруваат со оваа иницијатива, а кои немаат основа ниту во Законот за работните односи, ни во Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија.
Имено, со оглед на тоа што во оспорените членови 89 до 92 од Колективниот договор се утврдуваат дисциплински мерки (јавна опомена, парична казна, престанок на работниот однос) кои што можат да му се изречат на работникот за повреда на работните и други обврски, Судот утврди дека и за овие членови, како и за посебно оспорените поднаслови: “Дисциплински мерки”, “1. Јавна опомена” и “2. Парична казна”, основано може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и со Законот за работните односи, кој што, за разлика од претходниот Закон за работните односи, не познава систем на дисциплински мерки за повреда на работната дисциплина. Според концепцијата на Законот за работните односи, одговорноста на работникот за кршење на работната дисциплина или за неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор и договор за работа се “санкционира” само со престанок на работниот однос со отказ од страна на работодавецот (кој согласно член 116 од Законот отказот може да го замени со парична казна), а не и со изрекување на дисциплински мерки, како што се утврдува во наведените членови од овој колективен договор.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски,Махмут Јусуфи,Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, со тоа што решението под точката 1 го донесе со мнозинство гласови, а решението под точката 2 едногласно.
У.бр.62/2003
18 февруари 2004 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова