108/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 11 февруари 2004 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 29 став 3 во делот “или ако се осудени за кривично или друго дело што ги прави недостојни за вршењето на функцијата” од Законот за радиодифузната дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/1997 и 70/2003).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.108/2003 од 17 декември 2003 година, поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел на член 29 став 3 од Законот означен во точката 1 на оваа одлука затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека според член 29 став 3 од Законот за радиодифузната дејност, мандатот на членовите на Советот за времето за кое се избрани може да им престане ако се осудени за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење најмалку од шест месеци, или ако се осудени за кривично или друго дело што ги прави недостојни за вршењето на функцијата, како и за неоправдано отсуство од работата на Советот повеќе од шест месеци.
5. Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е утврден принципот на владеењето на правото.
Според членот 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според став 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласнот со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Во членот 54 став 1 од Уставот, е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, како и содржината на оспорената законска одредба, Судот утврди дека во конкретниот случај станува збор за ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда за кривично и друго казниво дело која настапува по сила на закон.
Затоа, при оценувањето на уставноста на оспорената законска одредба како првенствен критериум се имаа предвид двата принципи на казнено-правниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се, прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Тоа, со други зборови значи дека согласно наведените уставни одредби казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречена казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изрично утврдено со Уставот, согласно член 54 став 1 од Уставот.
Оттука, ако се има предвид дека со оспорената законска одредба се врши ограничување на правото на член на Советот за радиодифузијата да ја врши оваа функција до истекот на мандатот за кој е избран само поради тоа што е осуден за кривично или друго дело, за Судот не е спорно дека ова ограничување не е последица што произлегува од извршувањето на правосилно изречената кривична или друга санкција, односно казна, туку претставува дополнителна последица што граѓаните ја трпат по основ на осудуваноста, а која настапува по сила на Законот. Ваквото ограничување не само што нема уставна, туку нема ни законска основа.
Освен што се врши ограничување на правата на граѓаните без за тоа да има уставна основа, во оспорената законска одредба не се конкретно утврдени ниту кривичните и другите казниви дела, ни изречената казна за нив, што го прават членот на Советот за радиодифузија недостоен за вршење на оваа функција. Овој недостаток на оспорената одредба, според мислењето на Судот, дозволува потполна дискреција при одлучувањето за ова прашање при што поединецот не е заштитен од самоволно попречување да ја врши функцијата – член на Советот дури и во случаи кога кривичното или другото казниво дело не е во никаква врска со оваа функција. Затоа, Судот смета дека формулацијата на оспорената законска одредба е недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото.
Поради тоа, Судот оцени дека оспорениот дел на член 29 став 3 од Законот не е во согласност со напред наведените членови од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.108/2003
11 февруари 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова