102/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 11 февруари 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за плати, надоместоци и други лични примања на Акционерското друштво за осигурување и реосигурување “КЈУБИ Македонија” – Скопје, донесен од Управниот одбор под бр.0202-2024 на 30 април 2003 година.
2. Синдикатот на работниците од финансиските организации на Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение. Во иницијативата прво се наведува дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија се уредуваат со закон и колективен договор и дека според Законот за работните односи, работникот правото на плата го остварува во согласност со условите и критериумите утврдени со закон и колективен договор. Надоврзувајќи се на ова, подносителот на иницијативата понатаму наведува дека работодавецот, а во конкретниот случај тоа е АД “КЈУБИ Македонија”, немал уставно и законско право да ги уредува правата од работен однос со еднострани акти, поради што и оспорениот прав илник, како таков акт, не бил во согласност со Уставот и со закон.
Подносителот на иницијативата предлага Судот, до донесување на конечната одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на сите поединечни акти, односно решенија донесени врз основа на оспорениот правилник, со оглед на сериозните штетни последици што можеле да настанат од неговата примена, а во врска со остварување на правото на плата на вработените во ова акционерско друштво.
3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од оспорениот правилник, со овој правилник всушност членовите 15 до 32 од основниот текст на Правилникот се заменуваат со нови, а се однесуваат за утврдување на платите и другите примања на агентите, на тим менаџерот и регионалниот менаџер за продажба на осигурувањето.
Така, според изменетиот член 15 од оспорениот правилник, работниците во продажба на осигурувањето – агенти, платата ја остваруваат по основ на наплатена премија. Според членот 16 став 2, пак, платата на агентот се утврдува согласно земената провизија од наплатената премија во текот на месецот за кој се врши исплата на платата, а провизијата согласно ставот 3 на истиот член од Правилникот се пресметува со примена на утврдените провизиски стапки и врз основа на елементи за дефинирање на примена на истите, а кои се донесуваат од страна на Управниот одбор и се составен дел на овој правилник.
4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата, меѓу другото, и во случај ако утврди дека не е надлежен да одлучува по барањето во истата.
Имајќи ја предвид содржината на оспорениот правилник, Судот утврди дека овој правилник по својата правна природа и дејство не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, туку е интерен акт со кој се утврдуваат параметрите за вреднување на работните места, односно одделните работи и работни задачи предвидени во актот за систематизација, согласно условите и критериумите утврдени со закон и колективен договор, а според кои работодавецот најмалку еднаш месечно ја пресметува и исплатува платата на секој работник поединечно.
5. Врз основа на наведеното, Судот утврди дека не е надлежен за оценување на согласноста на оспорениот правилник со Уставот и со Законот за работните односи, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.102/2003
11 февруари 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова