117/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 4 февруари 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 4 став 1 и член 44 од Правилникот за заштита на авторските права и распределба на авторските надоместоци (“Службен весник на Република Македонија” бр.1/2000).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на членот 40 став 1 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.
3. Славе Димитров од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорените одредби од Правилникот биле несогласни со член 148 став 1 од Законот за авторското право и за сродните права (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/1996, 3/1998 и 98/2002), затоа што овој закон предвидувал здружението да го остварува авторското право врз основа на договор со авторот, а според оспорените одредби авторските права се остварувале, односно се штителе со пријавување на делата или врз основа на дадено полномошно од страна на авторите и носителите на авторските права.
Поточно, подносителот на иницијативата смета дека авторското право треба да се реализира со договор, како што предвидува Законот, а не со полномошно дадено од авторот на делото, како што предвидува оспорениот правилник.
Оспорените одредби, како такви, биле несогласни и со членот 51 од Уставот според кој законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, како и тоа дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Одредбите од членовите 40 и 44 од Правилникот не се оспоруваат од аспект на нивната содржина, туку од аспект на нивната примена во практиката. Имено, Здружението за заштита на авторските музички права при повторното изведување на делото не ги презентирало податоците за авторот на делото (кои претходно при првото изведување авторот ги доставил), поради што делото добивало награда од само 1 поен.
4. Судот на седницата утврди дека согласно член 4 став 1 од Правилникот, здружението за заштита на авторски музички права ги штити авторските права на авторите и носителите на авторски права кои со пријавување на своите дела или врз основа на полномошно му ја доверуваат заштитата на своите права.
Во членот 40 став 1 од Правилникот е предвидено дека јавно издадените дела со текст или без текст изведени во репартиционата класа 100) Радио се поентираат како: 101) Дела кои не се пријавени, односно за кои не постои документаиција за секоја минута по 1 поен.
Според член 44 став 1 од Правилникот ако податоците од пријавата на делото што ги дал авторот не се во согласност со податоците во програмите (траење, изведувачки состави и сл.) распределбата на надоместокот се врши врз основа на податоците од програмите што се сметаат како веродостојни (програмите на радио, ТВ). Ако за изведеното дело нема податоци за изведувачкиот состав ниту во пријавата за композиторот, ни во програмата, делото ќе се поентира според траењето, по почетната група на категоријата во која е распоредено.
5. Согласно член 148 од Законот за авторските права и други сродни права здружението го остварува авторското право врз основа на договор со авторот.
Согласно ставот 2 на овој член од Законот, договорот од став 1 ги содржи особено: овластувањето за остварување на правата, видот на делото, правото што се остварува, времетраењето на договорот и посебните права во случај на неостварување на договорот.
Од овие законски одредби произлегува дека авторот го остварува авторското право преку здружението, врз основа на договор кој треба да содржи овластување од авторот, видот на делото, идентификација на правото што се остварува и времетрањето на договорот.
Од изнесеното се гледа дека за реализирање на авторското право, законодавецот употребува општ поим “договор”.
Страните се тие кои ќе го определат видот на договорот со кој ќе ги регулираат своите односи. Во тој контекст, во оспорениот Правилник е прецизирано дека остварувањето на авторското право ќе се врши “со пријавување на своите дела или врз полномошно”, што значи преку договор за полномоштво.
Имено, полномоштвото (кое спаѓа во договорите за услуга) претставува договор со кој едно лице – властодавач овластува друго лице – полномошник во негово име и за негова сметка да врши или изврши одредени дејствија, а полномошникот се обврзува тие дејствија да ги изврши со надомест или бесплатно. Полномоштвото, значи е еден вид застапништво, и тоа волево застапништво, за разлика од законското, статутарното или судското застапништво кои настануваат врз основа на закон, статут на одредено правно лице или со одлука на суд.
Од наведеното произлегува дека во конкретниот случај се работи за законско застапништво (настанува по сила на закон), кога властодавачот – авторот на определено дело го пријавува во ЗАМП (“со пријавување своите дела”), или за договор за полномоштво кога авторот склучува договор во писмена форма со ЗАМП (“врз полномошно”). Со овие договори авторот го овластува полномошникот – ЗАМП, во негово име, од корисникот на неговите дела да ги прибира и нему (за негова сметка) да му ги доставува прибраните тантиеми на законски објавените несценски дела. Притоа, полномошникот се обврзува тие дејствија да ги изврши со надомест, односно за провизија од 30% што ги издвојува од прибраните средства од корисникот на делото.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека одредбата од членот 4 став 1 од Правилникот, која предвидува авторското право да се остварува преку полномошно е согласна со членот 148 став 1 од Законот за авторското право и сродните права, односно дека не може основано да се постави прашањето за нејзината законитост од овој аспект.
Во однос на согласноста на оваа одредба од Правилникот со член 51 од Уставот според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите, подносителот на иницијативата ниту во неа, ни во дополнителната иницијатива не ги наведе причините поради кои ја оспорува уставноста на овие членови од Правилникот, а Судот исто така смета дека оспорената одредба од член 4 став 1 нема допирна точка со наведениот член од Уставот.
Што се однесува до законитоста на оспорената одредба од членот 44 од Правилникот, според која ако податоците од пријавата на делото што ги дал авторот не се во согласност со податоците од програмите (траење, изведувачки состав и сл.), распределбата на надоместокот ќе се врши врз основа на податоците од програмите што се сметаат за веродостојни (програмите на радио, ТВ) и според кои доколку за изведеното дело нема податоци за изведувачкиот состав ниту во пријавата на композиторот, ни во програмата, делото ќе се поентира според траењето, по почетната група на категоријата во која е распоредено, Судот оцени дека оваа норма регулира прашања во врска со начинот и висината на распределбата на авторскиот надоместок, односно регулира прашања не од суштинска, туку од техничка природа, поради што не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со Законот.
6. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа дека Судот со решение У.бр.112/2001 од 20 февруари 2002 година, меѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 40 од Правилникот, а нема основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 2 од ова решение.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.117/2003
4 февруари 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова