У.бр.207/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 4 февруари 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Пеце Ристевски за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на социјална и политичка припадност.

2. Пеце Ристевски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на социјална и политичка припадност.

Подносителот на барањето, во својот допис до Уставниот суд дава хронолошки приказ на водењето на граѓански постапки и кривична постапка и смета дека судовите погрешно ги применувале законите на негова штета, неправилно ги воделе и недопуштено ги одолговлекувале постапките и како последица на тоа, на барателот му било ускратувано правото на жалба, му била нанесена имотна штета и повреда на сопственичките права, наведувајќи дека со тоа се повредени членовите 15, 30, 51 и 55 од Уставот, како и член 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи и член 1 од првиот Протокол кон Конвенцијата.

Притоа, подносителот на барањето не прецизира кои конечни или правосилни поединечни акти ги напаѓа и не дава никакво образложение ниту, пак, конкретен навод зошто смета дека со наведените акти на судовите му се повредени слободите и правата поради дискриминација по основ на социјална и политичка припадност.

3. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредно право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може од Уставниот суд да бара заштита во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејствие со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Членот 52 од Деловникот на Уставниот суд утврдува дека во барањето од член 51, е потребно да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Со оглед на тоа што во барањето не може да се согледаат причините кои се однесуваат на повреда на слободите и правата поради дискриминација по основ на социјална и политичка припадност, на што барателот само начелно се повикува, туку бара њето се однесува на испитување од страна на Уставниот суд на уставноста и законитоста на актите на судовите и другите правосудни органи кои постапувале по неговите барања, произлегува дека подносителот бара Уставниот суд да постапува како инстанционен суд и да одлучува за уставноста и законитоста на наведените постапки за да утврди дека постои повреда на членовите 15, 30, 51 и 55 од Уставот, како и на членот 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи и членот 1 од првиот Протокол кон Конвенцијата.

Меѓутоа, Уставниот суд не е инстанционо највисок суд и нема надлежност да ја преиспитува работата на судовите во смисла на наводите во барањето, ниту е надлежен да одлучува за заштита на правата утврдени во означените членови од Уставот и Конвенцијата, затоа што тие излегуваат од опфатот на член 110 алинеја 3 од Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека поднесеното барање во суштина не претставува барање за заштита на слободите и правата, туку дека претставува барање Уставниот суд да одлучува за права и интереси на странки по конкретни предмети од надлежност на судовите и за постапката пред судовите, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

4. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.207/2003
4 февруари 2004 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова