У.бр.136/2003

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 4 февруари 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 11 став 1 од Законот за поттикнување на вработувањето (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/2003).
2. Роска Јованова од Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 11 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорениот член од Законот не бил во согласност со Уставот на Република Македонија, затоа што со формулацијата ” ;доколку достави доказ од надлежен регистарски орган дека пред отпочнување на вршењето на дејноста не бил регистриран за вршење на дејност на свое име или на име на членовите на неговото семејство (брачен другар, деца или родители)” ; се нарушувало загарантираното уставно право дека секој има право на работа, слободен избор на вработување и дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место во смисла на член 32 од Уставот. Со оспорениот член во практиката се создале многу проблеми и контрадикторности. Имено, во ставот 3 на член 3 од Законот биле наброени условите што треба да ги исполнува лицето кое може да ги користи бенефициите од законот, а веќе со членот 11 став 1 се отстапувало од предвидените услови.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека со одредбата не е прецизно определено дали членовите на семејството на лицето кое бара вработување и може да се вработи по основ на овој закон имаат на свое име фирма која ги вршии истите дејности во кои невработеното лице бара вработување или тоа се однесува за која било дејност ја врши фирмата на членовите на семејството, а истата би била пречка за искористување на поволностите кои ги дава законот.
3. Судот на седницата утврди дека со членот 1 од Законот за поттикнување на вработувањето се создавале услови за поттикнување на вработувањето преку надоместување на средства на работодавецот за плаќање на придонесите на плата, и други средства за нововработени работници под услови и на начин утврдени со овој закон.
Одредбите на овој закон не се применувале ако работодавецот е државен орган, орган на единица на локалната самоуправа и град Скопје, јавна установа, јавно претпријатие и на други корисници на средства од Буџетот (член 2 став 1).
Според член 3 став 1 од наведениот закон на работодавецот кој ќе вработи невработено лице на неопределено време над бројот на вработените, му се надоместувале средствата за платениот придонес за пензиско и инвалидско осигурување, придонесот за вработување за нововработено лице за период од 24 месеци од вработување под услови и на начин утврден со овој закон.
Во став 3 на член 3 од овој закон било предвидено дека како невработено лице за кое ќе се применуваат одредби на овој закон се смета: невработено лице евидентирано во Заводот за вработување најмалку 1 година; невработено лице на кое претходно му престанал работниот однос со отказ поради економски, технолшки, структурални или слични промени; невработеното лице на кое му престанал работниот однос по основ на стечај и невработеното лице користи социјална парична помош а е способно за работа како и социјално необезбедено, согласно со Законот за социјална заштита.
Во членовите 4 и 5 од Законот биле утврдени и други погодности за работодавецот кој ќе вработи невработено лице корисник на паричен надоместок по основ на невработеност и корисник на социјална парична помош.
Во член 6, пак, биле утврдена обврска за работодавецот дека тој е должен вработеното лице од членот 3 на овој закон, да го задржи на работа најмалку двојно повеќе од времето за кое користел надоместок на средствата за придонеси на плата.
Во оспорениот член 11 став 1 било предвидено дека невработените лица од член 3 на овој закон, ако отпочнат со вршење на дејност како трговец поединец, трговско друштво и физичко лице кое врши дејност во согласност со закон, имаат право на надоместување на средствата за придонесите на плата и други средства согласно со овој закон, доколку достават доказ од надлежниот регистарски орган дека пред отпочнувањето на вршење на дејноста не биле регистрирани за вршење на дејност на свое име или на име на членовите на неговото семејство (брачен другар, деца или родители).
Судот исто така утврди дека според членот 17 од Законот тој ќе се применува до 31 декември 2003 година.
4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, што подразбира закон или негова одредба што е во правниот поредок на Републиката.
Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни преки за одлучување по иницијативата.
Имајќи ја предвид изнесената фактичка состојба според која оспорениот закон имал темпорален карактер (член 17) и тој престанал да се применува со протекот на времето утврдено во самиот закон, Судот смета дека согласно член 28 од Деловникот постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.136/2003
4 февруари 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова