Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 28 јануари 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 95 и 96 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000 и 50/2001).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорените одредби од Законот му давале можност на работодавецот, по сопствена волја, да одлучува за престанок на работниот однос на вработените во Министерството за одбрана и во Армијата на Република Македонија, што ги правело несогласни со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8, како и со членовите 9, 32 став 1 и 5, 34, 35 став 1 и член 51 од Уставот на Република Македонија.
Едновремено, со иницијативата се бара Судот до донесување на конечна одлука да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорениот закон.
3. Судот на седницата утврди дека согласно член 95 од Законот на осигуреник во Министерството за одбрана и на служба во постојаниот состав на Армијата на Република Македонија кој има најмалку 25 години пензиски стаж од кои најмалку 15 години ефективно поминати на работни места за кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење и 55 години (маж), односно 50 години живот (жена) ако работниот однос му престане по потреба на службата, може да оствари право на старосна пензија.
Исто така, согласно оспорениот член 96 од Законот на осигурниците во Министерството за одбрана и на служба во постојаниот состав на Армијата на Република Македонија им се определува старосна пензија која за 25 години пензиски стаж изнесува 62% од пензиската основа за маж односно 65,6% од пензиската основа за жена и се зголемува за 1,2% од пензиската основа за секоја натамошна навршена година до 40 години пензиски стаж (маж), односно за по 1,44% од пензиската основа за секоја натамошна навршена година до 35 години пензиски стаж (жена), така што старосната пензија на може да изнесува повеќе од 80% од пензиската основа.
4. Согласно член 8 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот.
Алинеите 3 и 8 на став 1 од овој член од Уставот го гарантираат принципот на владеењето на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.
Во членот 9 од Уставот е предвидено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Според ставот 2 на овој член граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Членот 51 од Уставот предвидува законите да мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според ставот 2 на овој член секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.
Како што се гледа од содржината на наведените одредби, Уставот упатува со закон и со колективен договор да се уредат правата на вработените и нивната положба.
Врз основа на оваа уставна одредба е донесен Законот за работни односи, Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Законот за одбрана, Законот за служба во Армијата на Република Македонија и ред други закони што регулираат прашања од оваа област.
Оспорените одредби од членовите 95 и 96 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, спаѓаат во главата ИВ насловена како “Стекнување и остварување на правата на определени категории осигуреници под посебни услови”.
Оваа глава се однесува, меѓу другите, и на осигурениците во Министерството за одбрана и на служба во постојаниот состав на Армијата на Република Македонија, на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење.
Согласно член 2 од Законот за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.71/2003), кој влезе во сила на 14 ноември 2003 година, дополнет со ставот 4 на член 225 од Законот, е предвидено работниот однос на осигуреникот да престанува по потреба на службата кога ќе настанат промени во актот за формација на Армијата кои предизвикуваат укинување на единицата, командата, штабот или установата или укинување на формациското место, а воениот старешина нема можност да биде поставен на друго формациско место.
Имајќи ја предвид содржината на оваа законска одредба, Судот оцени дека наводот во иницијативата според кој волјата на работодавецот е единствен критериум за престанување на работниот однос по основот “по потреба на службата” не држи, затоа што Законот како критериум за престанување на работниот однос по потреба на службата го предвидува настанувањето на промени во актот за формација во Армијата и едновремената неможност за поставувањето на воениот старешина на друго формациско место.
Понатаму, според мислењето на Судот определбата од оспорените одредби дека на осигурениците во Министерството за одбрана и на служба во постојаниот состав на Армијата на Република Македонија, како на посебна категорија под посебни услови им се определува право на старосна пензија, не значи утврдувањее и примена на институтот престанок на работниот однос по потреба на службата, кое прашање е уредено со посебен закон, туку ја утврдува грижата на државата за социјална заштита и социјално осигурување на граѓаните согласно начелото на социјална праведност.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека со предвидувањето на можноста за остварување право на старосна пензија ако му престане работниот однос “по потреба на службата” и определувањето на процентуалниот износ од пензиската основа што треба да ја добива осигуреникот, законодавецот се движел во рамките на неговите уставни овластувања во оваа сфера, поради што не го постави прашањето за согласноста на одредбите од членовите 95 и 96 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување со напред наведените одредби од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.54/2003
28 јануари 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова