Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 28 јануари 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 32 од Законот за даноците на имот (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 71/1996, 54/2000 и 24/2003) и член 90 став 3 од Законот за персоналниот данок на доход (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 70/1994, 71/1996, 28/1997, 8/2001, 50/2001, 52/2001 и 2/2002).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на решението бр.1409-1401/36-1 од 24 февруари 2003 година донесено од Министерството за финансии – Управа за јавни приходи – дирекција во Штип и решението У.бр.18-1612/1 од 18 јануари 2003 година донесено од министерот за финансии.
3. Јордан Донев од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 32 од Законот за даноците на имот и членот 90 став 3 од Законот за персоналниот данок на доход и за оценување на уставноста и законитоста на решенијата означени во точката 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорените законски одредби биле спротивни на членот 52 од Уставот, бидејќи предвидувале органот за јавни приходи да донесува решенија најдоцна до 31 март, односно 30 април во годината, со кои се задолжувале даночните обврзници да плаќаат данок за изминатиот период поради што овие одредби и мале ретроактивна важност, која била спротивна на наведената уставна норма. Исто така, се наведува дека од примената на оспорените законски одредби подносителот на иницијативата бил задолжен со управни решенија бр.1409-1401/36-1 од 24 февруари 2003 година и У.бр.18-1612/1 од 18 јануари 2003 година, да плати данок на државата за 2002 година, и на тој начин неосновано му биле создадени даночни обврски за период од 2002 година со решенија донесени во 2003 година.
Од овие причини, со иницијативата се предлага за оспорените законски одредби и донесените управни решенија Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста.
4. Судот на седницата утврди дека според членот 32 од Законот за даноците на имот (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 71/1996, 54/2000 и 24/2003), органот за јавни приходи е должен да донесе решение за висината на данокот на имот најдоцна до 31 март во годината за која се утврдува данокот на имот и да му достави решение на даночниот обврзник за утврдениот данок.
Исто така, Судот утврди дека според членот 90 став 3 од Законот за пресоналниот данок на доход (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 70/1994, 71/1996, 28/1997, 8/2001, 50/2001, 52/2001 и 2/2002), решение за утврдување на аконтативниот данок на приходите од земјоделска дејност, органот за јавни приходи е должен да донесе најдоцна до 30 април во годината за која се утврдува данокот.
5. Согласно членот 33 од Уставот на Република Македонија, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, а според членот 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.
Согласно членот 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Според членот 1 од Законот за даноците на имот, како даноци на имот се пропишани данокот на имот, данокот на наследство и промет и данокот на промет на недвижности и права.
Со одредбите на членовите 2 до 8 од овој Закон, се уредени прашањата за предметот на оданочување, даночниот обврзник, даночната основа, даночните стапки и даночните ослободувања и олеснувања од данокот на имот.
Според членот 27 од овој Закон, во поглед на начинот на утврдување на данокот, жалбата, присилната наплата, постапката за казните и другите прашања што не се уредени со овој закон, соодветно се применуваат одредбите од Законот за персоналниот данок на доход со кои се уредува утврдувањето и наплатата на данокот.
Исто така, со одредбите од членовите 28 до 40 од овој Закон, е пропишано дека утврдувањето на наплатата на даноците на имот го врши органот за јавни приходи на чие подрачје се наоѓа имотот; данокот на имот се утврдува врз основа на податоците од даночната пријава, деловните книги на обврзниците и други податоци со кои располага органот за јавни приходи, а обврзникот на данокот на имот е должен да поднесе даночна пријава до 31 јануари во годината за која се врши утврдувањето на данокот. Со членот 32, кој е предмет на оспорување со иницијативата е пропишано дека органот за јавни приходи е должен да донесе решение за висината на данокот на имот најдоцна до 31 март во годината за која се утврдува данокот на имот и да му достави решение на даночниот обврзник за утврдениот данок.
Оттука, поаѓајќи од содржината на оваа законска одредба, не е спорно дека во годината за која се утврдува данокот се донесува решение од надлежниот орган, поради што Судот оцени дека подносителот на иницијативата неправилно ја интерпретира одредбата кога тврди дека со неа било пропишано надлежниот орган да донесува решение за утврдување на даночна обврска за поранешен период, па поради тоа таа имала повратно правно дејство.
Со оглед на тоа според Судот наведениот член од Законот нема ретроактивно дејство односно не регулира на поинаков начин настанати правни состојби во друг правен режим, на што се однесува забраната на повратното дејство на законите и другите прописи предвидена во членот 52 став 4 од Уставот, па оттука оспорената законска одредба не е во спротивност со оваа уставна норма.
6. Судот исто така, утврди дека според членот 1 од Законот за пресоналниот данок на доход, со овој закон се воведува персоналниот данок на доход и се утврдува начинот на оданочувањето на доходот на граѓаните.
Во делот на одредбите од овој Закон, кои се однесуваат на утврдувањето, пресметувањето и наплатата на персоналниот данок на доход е пропишано дека органот за јавни приходи врши утврдување и наплата на данокот на доход. Обврзникот на данокот на доход е должен да поднесе годишна даночна пријава за доходот што го остварил, бидејќи предмет на оданочување е доход кој бил остварен од страна на даночниот обврзник.
Имено, според членот 69, обврзникот на данокот на доход е должен да поднесе годишна даночна пријава за остварениот доход по истекот на годината з а која се утврдува данокот најдоцна до 15 март наредната година. Основот за утврдување на данокот е всушност остварениот доход во годината за која се однесува данокот, при што е разработен систем на пресметување на аконтацијата на данокот на доход во текот на годината. За предвидените два вида аконтации и тоа аконтација на данокот по одбивка и аконтаци ја на данокот по решение, Законот ги пропишал начинот на утврдување и наплата на данокот.
Притоа, за видовите приходи кои се определени со Законот за персоналниот данок на доход за кои се наплатува аконтација на данокот по одбивка, аконтацијата ја пресметува исплатувачот за секој обврзник и за секој поединечно исплатен приход, според критериуми утврдени со Законот, а се пресметува на начин кој е пропишан од министерот за финансии. За видовите приходи од земјоделска дејност, од самостојна дејност, од капитални добивки и од други приходи аконтацијата на данокот на доходот се утврдува со решение на органот за јавни приходи, врз основа на критериумите пропишани со Законот.
Со оспорената одредба од членот 90 став 3 од овој Закон, е предвидено дека решение за утврдување на аконтативниот данок на приходите од земјоделска дејност, органот за јавни приходи е должен да донесе најдоцна до 30 април во годината за која се утврдува данокот.
Меѓутоа, во однос на изнесената законска одредба треба да се има предвид дека обврзникот кој во текот на годината остварува само приход од плата и пензија, односно од земјоделска дејност кој се оданочува според катастарски приход, не е должен да поднесува годишна даночна пријава, ова согласно членот 70 од Законот.
Според членот 83 од Законот, аконтацијата на данокот на доход за приходите од земјоделска дејност ја утврдува со решение органот за јавни приходи: – врз основа на податоците од катастарот и другите податоци што се од значење за утврдување на даночната обврска; и – врз основа на податоци од даночната пријава, даночниот биланс, деловните книги и други податоци што се од значење за утврдување на даночната обврска ако обврзникот се оданочува според вистинскиот доход. Данокот според овој член се пресметува со примена на стапките од член 12 од овој Закон. Платената аконтација според овој член, се смета за конечно намирена даночна обврска.
Од анализата на оспорената одредба од членот 90 став 3, а во врска и со останатите законски решенија. Во одредбите од Законот за пресоналниот данок на доход, Судот оцени дека согласно член 33 од Уставот на Република Македонија, законодавецот има уставен основ со закон да го воспостави данокот и да го определи начинот на намирувањето на јавните расходи, па во согласност со ваквата уставна определба со Законот за пресоналниот данок на доход е припишан персоналниот данок на доход и начинот на оданичувањето на доходот на граѓаните.
Оспорената одредба од овој Закон, посебно го третира прашањето на рокот во кој органот за јавни приходи треба да го донесе решението за утврдување на аконтативниот данок на приходите од земјоделска дејност при што е уредено дека решението се донесува до определен датум во годината за која данокот се утврдува.
Со оглед на тоа, Судот утврди дека во случајов и оспорената одредба од членот 90 став 3 од Законот за пресоналниот данок на доход нема повратно правно дејство и на поинаков начин не регулира настанати правни состојби во друг правен режим, поради што не може да се постави прашањето за согласноста со уставната определба во членот 52 став 4 од Уставот според која законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, на што се повикува подносителот во иницијативата.
7. Согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според наведената уставна норма, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примената на законите и да ја оценува уставноста и законитоста на поединечните акти и решенија со кои се одлучува за конкретни права и обврски на граѓаните.
Согласно членот 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата меѓу другото и ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Поради наведеното, во однос на делот од иницијативата со кој се оспоруваат конкретните управни решенија бр.1409-1401/36-1 од 24 февруари 2003 година и У.бр.18-1612/1 од 18 јануари 2003 година, а со кои на подносителот на иницијативата му била опр еделена даночна обврска, Судот оцени дека во овој дел иницијативата треба да се отфрли поради ненадлежност на Судот да одлучува.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.124/2003
28 јануари 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова