79/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 28 јануари 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување на уставноста и законитоста на
– Заклучокот за прогласување на Буџетот на општина Маврови Анови за 2003 година,
– Буџетот на општина Маврови Анови за 2003 година,
– Заклучокот за прогласување на Одлуката за извршување на Буџетот на општина Маврови Анови за 2003 година,
– Одлуката за извршување на Буџетот на општина Маврови Анови за 2003 година,
– Заклучокот за прогласување на Одлуката за усвојување на Завршната сметка на Буџетот на општина Маврови Анови за 2002 година,
– Одлуката за усвојување на Завршната сметка на Буџетот на општина Маврови Анови за 2003 година,
– Заклучокот за прогласување на Заклучокот за усвојување на Програмата за работа на ЈП за комунални дејности – Маврово – Маврови Анови,
– Заклучокот за усвојување на Програмата за работа на ЈП за комунални дејности – Маврово – Маврови Анови,
– Заклучокот за прогласување на Заклучокот за усвојување на Извештајот за работа на ЈП за комунални дејности – Маврово – Маврови Анови,
– Заклучокот за усвојување на Извештајот за работа на ЈП за комунални дејности Маврово – Маврови Анови,
– Заклучокот за прогласување на Заклучокот за усвојување на Завршната сметка на ЈП за комунални дејности – Маврово – Маврови Анови,
– Заклучокот за усвојување на Завршната сметка на ЈП за комунални дејности – Маврово – Маврови Анови,
– Одлуката за разрешување на директорот на ЈП за уредување и употреба на градежно земјиште – Маврово – Маврови Анови,
– Одлуката за распуштање на одборот за контрола на материјалното и финансиското работење на ЈП за уредување и употреба на градежно земјиште на општина Маврови Анови,
– Одлуката за престанок со работа на ЈП за уредување и употреба на градежно земјиште – Маврово – Маврови Анови на општина Маврови Анови и Одлуката за верификација на мандатот на член на Советот на општина Маврови Анови.
2. Марија Лајкоска, Змејко Матески, Илија Јовановски, Трифе Којчески, Тодор Дингоски и Анѓелко Дамјановски, сите членови на Советот на општина Маврови Анови, претставувани од Владо Лазарески од општина Маврови Анови, на Уставниот суд му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата седницата на која биле донесени оспорените акти била одржана без потребното законско мнозинство.
Имено, истото било постигнато дури кога на почетокот на седницата бил верификуван мандатот на Османи Ибраим. Со тоа, на седницата присуствувале седум од тринаесте членови на Советот; седницата била итно закажана, а советниците биле повикани со телеграми без да им биде доставен дневниот ред; повеќето точки што биле разгледувани на седницата немале итен карактер (како на пример Одлуката за престанок на работа на ЈП за уредување и употреба на градежно земјиште Маврово – Маврови Анови и Одлуката за разрешување на директорот на Јавното претпријатие и др.); не било расправано од страна на верификационата комисија во смисла да се констатира дека советникот Хусни Џафери е починат и дека на негово место доаѓа советникот Османи Ибраими.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорените акти се уредуваат прашања во врска со вршењето на работата и финансирањето на општината.
Исто така, Судот утврди дека на 31 март 2003 година била одржана седница на советот на која присуствувале шест члена, а другите шест члена биле отсутни. Седмиот отсутен член бил Хусни Џафери кој претходно починал.
На почетокот на седницата, бил верификуван мандатот на Османи Ибраим по претходно доставено уверение од општинската изборна комисија. Тој го зазел испразнетото место на Хусни Џафери.
Според тоа, постапката за избор на Османи Ибраим претходно течела според законот, а неговиот мандат бил верификуван на седница на советот на која присуствувале само шест члена, односно на седница на која, според Законот за локалната самоуправа, за да се одржи требало да присуствуваат најмалку седум членови.
Инаку, седницата е свикана по итна постапка, затоа што бил краен рок за донесувањето на Буџетот на општината Маврови Анови и Годишната сметка на истата (31 март 2003 година).
Во случајов, пред Судот, како спорно, се постави прашањето дали со така составеното мнозинство актите, меѓу кои, Буџетот и Годишната сметка на општината Маврови Анови ќе се сметаат за акти донесени во законски предвидената постапка.
Согласно член 41 став 1 од Законот за локалната самоуправа, советот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови на советот.
Согласно ставот 2 на овој член од Законот советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, ако со закон и со статутот на општината поинаку не е определено.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Согласно член 2 став 1 точка 2 од Законот за локалната самоуправа, прописи се акти со кои се уредуваат прашања од надлежностите на општините.
Во овој контекст, Судот имаше предвид дека Буџетот на општина Маврови Анови за 2003 година, Одлуката за извршување на Буџетот на општина Маврови Анови за 2003 година и Одлуката за усвојување на Завршната сметка на Буџетот на општина Маврови Анови за 2003 година, претставуваат прописи во смисла на член 42 став 1 и 2 од Законот за локалната самоуправа, меѓутоа не се впушти во оценување на законитоста на постапката за нивното донесување од причина што истите се акти со времен карактер и престанале да важат со истекот на годината за која се донесени.
Со оглед на тоа дека останатите оспорени акти не претставуваат прописи во смисла на посочените членови на Уставот и Законот тие, како такви, не се предмет на оценка и во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија, поради што Судот не се впушти во оценувањето на законитоста на постапката за нивното донесување и одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.79/2003
28 јануари 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова