Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 28 јануари 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на
а) Членот 64 во делот “за што се склучува посебен договор” од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/1994, 30/1996, 47/2000 и 73/2001),
б) Членот 88 во делот “за што се склучува посебен договор” од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/1995 и 11/1998) и
в) Членот 106 став 2 од Колективниот договор за уредување, односно доуредување на правата, обврските и одговорностите од работен однос во Министерството за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/2002).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби од: Општиот колективен договор за нестопанската дејност, Гранковиот колективен договор и Колективниот договор на ниво на работодавец содржеле посебен услов-додаток што не бил содржан во членот 54 од Законот за работните односи. Поточно, со оспорените одредби се предвидувало член на Синдикатот кој е избран, односно именуван во органите на Синдикатот, чие вршење бара привремено да престане да работи кај работодавецот има право да се врати кај работодавецот на работа и работно место кое одговара на неговата стручна подготовка, за што се склучува посебен договор.
Овој услов не бил предвиден во членот 54 од Законот за работните односи и со додавањето на вака предвидениот услов во оспорените одредби се доведувале во прашање: владеењето на правото, еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите и правото на учество во вршење на јавните функции. Потоа, се одземале или ограничувале правата од работен однос утврдени со Уставот и закон и за работниците се предвидувале помали права и понеповолни услови за работа, од правата и условите утврдени со закон.
Воедно за работодавецот била дадена можност да одбие да го склучи договорот, а такви појави биле присутни во практиката, што било повод за поднесување на иницијативата.
Бидејќи оспорените одредби ги повредувале: член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 23, член 32 став 2 и член 51 од Уставот, како и член 54 од Законот за работните односи, се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од споменатите колективни договори.
3. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 64 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност, член на Синдикатот што е избран, односно именуван во органите на Синдикатот, чие вршење бара привремено да престане да работи кај работодавецот има право по престанувањето на функцијата што ја вршел да се врати кај работодавецот на работа и работно место кое одговара на неговата стручна подготовка, за што се склучува посебен договор.
Иста содржина има и членот 88 од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија.
Согласно член 106 став 1 од Колективниот договор за уредување, односно доуредување на правата, обврските и одговорностите од работен однос во Министерството за одбрана, член на ССВО кој е избран, односно именуван во органите на Синдикатот, чие вршење бара привремено да престане да работи во Министерството, има право по престанувањето на функцијата да се врати во Министеството на работно место кое одговара на неговата стручна подготовка.
Во оспорениот став 2 на истата одредба е предвидено дека, за работата од став 1 на овој член се склучува посебен договор во писмена форма.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавните функции.
Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Според член 37 став 1 од Уставот, заради остварување на економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикат, а синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации. Според содржината на став 2 од истата одредба, со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата.
Согласно член 54 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 53/ 1997, 59/1997, 21/1998, 25/2000, 34/2000, 3/2001, 50/2001, 25/2003 и 40/ 2003) работникот кој е избран или именуван на државна или јавна функција, утврдена со закон, а чие вршење бара привремено да престане да работи кај работодавецот, има право, во рок од 30 дена по престанувањето на функцијата што ја вршел, да се врати на работно место кое одговара на неговиот степен на стручна подготовка.
5. Од цитираните уставни одредби, како и од целината на уставниот концепт, произлегува дека Уставот не содржи дефиниција ниту критериум од кој би можело да се утврди која функција е државна или јавна, освен што содржи одредби за неспојливост на конкретна функција со вршењето на друга јавна функција или професија или со членувањето во политичка партија. Инаку, во основа помеѓу јавните функции спаѓаат функциите во трите гранки на власт (законодавна, извршна и судска), односно сите функции со кои се врши власта.
За да се утврди фактот дали изборот односно именувањето на работникот во органите на Синдикатот претставува вршење на државна односно јавна функција утврдена со закон, како што тоа го предвидела цитираната одредба на Закон за работните односи, Судот направи увид во Регистарот на прописи во Република Македонија издаден во 2003 година. Од увидот Судот утврди дека материјата за конституирање, надлежност и функционирање на Синдикатот и неговите органи не претставува законски акти, туку оваа област се регулира со статутарни одредби и други акти, кои по својата правна природа не претставуваат законска материја, а формата на организирање на Синдикатот подлежи на правилата за основање на здруженија на граѓани и фондации.
Синдикатот претставува доброволна, самостојна и интересна организација на вработените во стопанската и нестопанската дејност. Според поставеноста што ја има оваа организација во системот на државата, истата не врши функција на државна власт, па оттука, според оценка на Судот, изборот и именувањето на вработените во органите на Синдикатот не би можело да добие третман на вршење на државна или јавна функција, утврдена со закон, туку истата има третман на функција во рамките на Синдикатот како непрофитна организација.
Тргнувајќи од анализата на содржината на 54 од Законот за работните односи произлегува дека оваа одредба го регулира отсуството од работа поради изборот или именувањето на работникот на државна или јавна функција утврдена со закон, а карактерот на функцијата бара работникот привремено да престане да работи кај работодавецот. По престанокот на функцијата на која бил избран односно именуван работникот има право да се врати на работното место кое одговара на неговиот степен на стручна подготовка.
Оттука, произлегува дека извршувањето на функција во органите на Синдикатот не претставува државна или јавна функција утврдена со закон, туку претставува посебна синдикална функција.
Според тоа, помеѓу изборот и именувањето на државната односно јавната функција во смисла на членот 54 од Законот за работни односи и изборот и именувањето во органите на Синдикатот во смисла на оспорените одредби, според мислењето на Судот, не може да се стави знак на еднаквост, на начин како што се обидува да го презентира подносителот на иницијативата.
Околноста што оспорените одредби од споменатите колективни договори предвиделе како посебен услов да се склучи договор за ваков случај на отсуство од работа, според мислењето на Судот, не би можела да добие карактер на ограничувачки услов, а при состојба кога не станува збор за државна, односно јавна функција утврдена со закон. Напротив, вака поставениот услов е од императивен карактер, без оставена можност работодавецот или пак работникот да избираат дали таков договор ќе склучат.
Притоа, пристапувањето кон таков договор претставува правна сигурност дека по престанокот на синдикалната функција работодавецот нема да го изгуби работникот, односно дека работникот нема да го изгуби работното место на кое работел пред да биде избран односно именуван во органите на Синдикатот.
Според тоа, несновано е тврдењето во иницијативата дека со оспорените делови од одредбите на колективните договори се создавале помали права и понеповолни услови од правата и условите утврдени со закон.
Од друга страна, доколку во практиката има појави на одбивање на работодавците да склучат таков договор, тоа не може да биде основ за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од колективните договори. За такви случаи на работниците и работодавците им стојат на располагање други правни механизми.
Со оглед на тоа што извршувањето на синдикалната функција, според мислењето на Судот, не претставува државна односно јавна функција утврдена со закон, а условот да се склучи договор за мирување на работното место, до престанокот на функцијата не е ограничувачки услов, туку напротив претставува услов кој дава правна сигурност како за работникот, така и за работодавецот, пред Судот не се постави прашањето за повреда на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Работниот однос по својот правен карактер е договорен однос. Според тоа, определбата на учесниците во колективното договарање да предвидат посебен услов да се склучи договор за ваков вид на отсуство од работа, според мислењето на Судот е токму на линија на владеењето на правото, со правната сигурност како негова компонента.
Понатаму, оспорените делови на одредбите не можат, исто така, да се стават под сомнение и заради повреда на принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, од причина што синдикалната функција, најнапред не е утврдена како таква со закон и воедно еднаквоста подразбира лицата на кои таа функција се однесува да се наоѓаат во иста положба.
Од истите причини не може да се прифати и посочувањето од иницијативата за повреда на членот 23 од Уставот или правото на граѓаните да учествуваат во вршењето на јавните функции.
Конечно, Судот оцени дека нема повреда ниту на членот 32 став 2 од Уставот, од причина што оспорените делови од одредбите, или предвидениот услов да се склучи посебен договор за ваков вид на отсуство од работа, ја прават достапна синдикалната функција за секој работник под еднакви услови.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова–Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.93/2003
28 јануари 2004 год.
С к о п ј е
л.а
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова