30/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 28 јануари 2004 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 6 став 1 точка 4 од Уредбата за определување на случаите и начинот на одобрување на примената на поедноставена постапка во врска со царинските декларации (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/2000).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Ката Бајлозова од Скопје, со решение У.бр.30/2003 на 17 декември 2003 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот, со Законот за кривичната постапка и со Законот за прекршоци.
4. Судот на седницата утврди дека согласно став 1 на точка 4 од членот 6 од Уредбата, Царинската управа може да одобори поедноставена постапка ако покрај посебните услови пропишани со Уредбата, меѓу општите критериуми е предвидено против подносителот на барањето, во моментот на неговото поднесување, да не се води постапка за прекршок односно кривично дело, извршено во врска со неговата дејност.
5. Основ за донесување на оспорената уредба е одредбата од членот 72 од Царинскиот закон според кој царинскиот орган во случаи и на начин што ќе ги определи Владата на Република Македонија, може да одобри примена на поедноставна постапка во врска со царинската декларација.
Врз основа на ова законско овластување, Владата на Република Македонија ја донела оспорената уредба.
Согласно член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Согласно член 2 став 1 од Законот за кривичната постапка лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.
Истото се однесува и за Законот за прекршоците кој во ставот 2 на член 2 предвидува на прекршочната постапка да се применуваат одредбите од Законот за кривичната постапка, доколку со овој закон поинаку не е определено.
6. Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека Владата на Република Македонија, со предвидувањето Царинската управа да може да дозволи примена на поедноставена постапка со која подносителот на декларацијата ќе го ослободи од наведување на определени податоци во истата, при што, меѓу другото, ќе го услови во моментот на поднесувањето на барањето да не се води против него постапка поради прекршок, односно кривично дело поврзано со вршењето на неговата дејност, излегла надвор од границите на нејзините овластувања определени со Уставот и законот ограничувајќи го остварувањето на определени права во управната постапка поради правно нерелевантни околности.
Имено, со овој дел од Уредбата, Владата на Република Македонија всушност, го прекршила начелото на презумција на невиноста, кое е предвидено и во Уставот и во Законот за кривичната постапка и во Законот за прекршоци, поради што Судот оцени дека член 6 став 1 точка 4 од оспорената Уредба не е во согласност со Устав и со закон.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.30/2003
28 јануари 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова