Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 декември 2003 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 199, 203 и 205 од Колективниот договор на Јавното претпријатие за производство, пренесување и дистрибуција на електрична енергија ” Електростопанство на Македонија” Скопје, потпишан од претседателот на Самостојниот синдикат на работниците и претседателот на Управниот одбор на 27 октомври 1998 година.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот што се однесува на согласноста на член 199 точка 1 алинеја 3, точка 2 алинеја 3 и точка 3 алинеја 3 од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение со членот 115 став 1 точка 2 од Законот за работните односи, како и во делот што се однесува на меѓусебната согласност на Колективниот договор на “Електростопанство на Македонија” со Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија.
3. Томе Аџиев од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби од Колективниот договор не се во согласност со член 9 и член 32 од Уставот на Република Македонија, член 115 став 1 точка 2 од Законот за работните односи и член 68 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, бидејќи во цитираните членови (член 199) предвидените критериуми за вршење на бодирање на работниците како основ за отказ од работа поради економски, структурални или слични промени не е предвиден објективизиран начин на оценка на тие критериуми, односно, кога и во кое време (со која брзина на работењето), работникот постигнува натпросечен или просечен квалитет во работата, што претставува натпросечен квалитет и квантитет во работата, односно кој е квантумот на просечен квалитет и квантумот на просечен квантитет, и врз основа на тоа да се определи дека некој во определен временски период остварил натпросечни резултати, или не постигнал ниту просечен квалитет и квантитет, потоа, кој го следи тоа во работата и во кој период треба да биде следено работењето на работникот. Еднаков случај е и со критериумот навремено извршување на работите (точка 2 од цитираниот член), односно рационално и економично користење на средствата за работа и работното време (точка 3 од истиот член), како и видот и значењето на работното место (член 203). И овие критериуми на ист начин се лишени од објективизирана оценка и вреднување и можност на најгруб начин работниците со субјективна оценка да бидат дисквалификувани од еднаквите услови за работа и диференцирани според одредена, било, политичка, верска, полова или друга припадност.
Понатаму, според подносителот на иницијативата во член 115 став 1 точка 2 од Законот за работните односи, предв идено е дека: “… работниот однос на работникот му престанува со отказ од страна на работодавецот поради кршење на работната дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор и договор за работа особено ако не ги извршува или несовесно и ненавремено ги извршува работните обврски…, што ќе рече критериумот: работникот не постигнува просечен квалитет и квантитет во работата ; работникот не ги извршува на време работите; работникот не ги користи рационално и економично средствата за работа, не можат да бидат бодувани кога се законски основ за престанок на работниот однос со отказ. Значи, предвидувањето и бодирањето на вакви критериуми во Колективниот договор се во спротивност и со членот 115 од Законот за работните односи.
Членот 205 од Колективниот договор на Електростопанство на Македонија, кој предвидува дека: “според работниот стаж во претпријатието работникот добива по еден бод за секоја измината година во претпријатието” е спротивен на членот 68 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија и со членовите 9 и 32 од Уставот на Република Македонија, бидејќи во Колективниот договор на ниво на работодавец за одредени работници се утврдуваат помали права од правата утврдени во Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, каде во цитираниот член е предвидено дека бројот и структурата на работниците на кои им престанува работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени се утврдува врз основа на критериуми (меѓу другите и работниот стаж), не предвидувајќи работниот стаж да се дели како работен стаж остварен кај друг работодавец, како помалку вреден и оној остварен во Електростопанство на Македонија, како повеќе вреден. Со ова се дерогира Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија и се овозможува воспоставување неусогласен однос меѓу овие два вида на колективни договори, што не е во согласност со уставната интенција за колективно договарање, со концепцијата на Законот за работните односи за колективните односи во целина, ниту пак со определбата на законодавецот за односот на колективните договори на работодавците спрема Општиот колективен договор. Оспорениот дел од член 205 од Колективниот договор на Електростопанство на Македонија, во кој се утврдуваат помали права од правата утврдени во член 68 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, не е во согласност и со член 32 став 5 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според членот 199 од Колективниот договор, критериумот успешност на работењето на работникот се вреднува според следните мерила:
Според квалитетот и квантитетот: работникот постигнува натпросечен квалитет и квантитет во работата 90 бодови; работникот постигнува просечен квалитет и квантитет во работата 45 бодови; работникот не постигнува просечен квалитет и квантитет во работата 0 бодови.
Според навременото извршување на работите: работникот предвремено ги извршува работите 60 бодови; работникот навреме ги извршува работите 20 бодови и работникот не ги извршува на време работите 0 бодови.
Според рационалното и економичното користење на средствата за работа и работното време: работникот рационално и економично ги користи средствата за работа 20 бодови и работникот не ги користи рационално и економично средствата за работа 0 бодови.
Според членот 203 од Колективниот договор, критериумот вид и значење на работното место се вреднува според следните мерила: работното место е од особено значење 46 бодови; работното место е од помало значење 23 бодови и работното место е со најмало значење 5 бодови.
Со Програмата со која се утврдува бројот и структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални и слични промени, се определува кои работни места се од особено, помало и најмало значење.
Согласно членот 205 од Колективниот договор според работниот стаж во претпријатието работникот добива по еден бод за секоја измината година во претпријатието.
5. Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Во член 129 став 1 од Законот за работните односи е определено дека структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени се утврдува врз основа на критериумите утврдени во колективниот договор на ниво на работодавец, односно со колективен договор на ниво на гранка, доколку работодавецот има потпишано таков договор.
Според член 68 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/94), бројот и структурата на работниците на кои им престанува работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени, се утврдува врз основа на следните критериуми: потреба за ефикасно функционирање на работата на работодавецот; стручна подготовка и квалификација; работно искуство; успешност во работењето; видот и значењето на работното место; работниот стаж; возраст; здравствена состојба и економско – социјална состојба.
Согласно членот 70 од истиот Општ колективен договор, со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавец, се утврдуваат и други критериуми и нивно вреднување со бодови, преку кои се утврдува приоритет за задржување на работното место на работниците од член 68.
Во конкретниот случај, според членот 198 од Колективниот договор на ” Електростопанство на Македонија”, определувањето на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или сични промени се утврдува врз основа на следните критериуми: успешноста на работењето; стручната подготовка и квалификацијата; работниот стаж; работното искуство; видот и значењето на работното место; возраста; работниот стаж во претпријатието; здравствената состојба – инвалидност и економско-социјалната состојба.
Понатаму во членовите 199 до 207 од овој колективен договор се разработени наведените критериуми и се вреднувани со соодветен број на бодови.
Врз основа на наведеното произлегува дека прашањата за престанок на работниот однос поради економски, технолошки, структурални и слични промени се уредуваат со Законот за работните односи и со колективните договори. Притоа, покрај критериумите утврдени со закон, со колективен договор можат да се утврдат и други критериуми во зависност од природата на работата кај конкретниот работодавец, врз основа на кои ќе се определи приоритетот за задржување на работниците на работното место.
Предвидувањето на определени односи со колективен договор, како и обемот на правата на учесниците во колективното договарање зависат од волјата на учесниците, при што колективниот договор не може да пропише помали права, ниту, пак, да ги менува односите утврдени со закон. Меѓутоа со колективен договор можат да се разработуваат односи кои претходно се утврдени со закон, како и да се уредуваат права што претходно воопшто не биле предмет на законско регулирање.
Со Законот за работните односи, работниот однос е дефиниран како договорен однос меѓу работникот и работодавецот заради вршење на определени работи. Сите права и обврски за работодавецот и за работникот нас тануваат од моментот на воспоставувањето на договорниот однос, под услови утврдени со закон и со колективен договор.
Оттука, според мислењето на Судот, одредбите од оспорениот колективен договор на ниво на работодавец претставуваат операционализација н а критериумите содржани во Законот за работните односи и во Општиот колективен договор, тие се однесуваат на сите вработени подеднакво и со нив не се повредува уставниот принцип за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, ниту, пак, се во спротивност со принципот дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, поради што пред Судот не се постави прашањето за согласноста на членовите 199, 203 и 205 од Колективниот договор со членовите 9 и 32 од Уставот, како и со одредбите од Законот за работните односи кои ја регулираат материјата за престанок на работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени.
Судот исто така оцени дека утврдувањето на критериумот работен стаж во претпријатието, покрај утврдениот критериум вкупен работен стаж, не го повредува уставниот принцип за еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, поради тоа што секој работник добива еднаков број на бодови за секоја измината година во претпријатието, а во интерес на работодавецот е да ги задржи на работа работниците со подолг работен стаж во претпријатието кои имаат поголемо работно искуство на конкретни работни места.
6. Понатаму, подносителот на иницијативата смета дека критериумите наведени во членот 199 се законски основ за престанок на работниот однос согласно членот 115 став 1 точка 2 од Законот за работните односи и дека не треба да бидат содржани во колективниот договор.
Согласно член 115 став 1 точка 2 од Законот за работните одн оси, работниот однос на работникот му престанува со отказ од страна на работодавецот поради кршење на работната дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор и договор за работа ако не ги извршува или несовесно и ненавремено ги извршува работните обврски.
Меѓутоа, овој член од Законот за работните односи е во делот кој се однесува на престанок на работниот однос со отказ, додека пак оспорените делови од членот 199 од Колективниот договор се однесуваат на бодирање во случај на престанок на работен однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени.
Оттука, произлегува дека правната природа на двата видови откази е различна поради што неможе да се заклучи дека непостигнувањето на просечен квалитет во работата, ненавременото извршување на работите и нерационалното и неекономично користење на средствата за работа, неможат да бидат критериуми за бодирање на работникот при утврдувањето на неговата успешност во работењето. Според мислењето на Судот, тоа значи дека членот 199 точка 1 алинеја 3, точка 2 алинеја 3 и точка 3 алинеја 3 од Колективниот договор не може да се цени во однос на членот 115 став 1 точка 2 од Законот за работните односи кој го обработува престанокот на работниот однос со отказ од сосема други причини, поради што во овој дел иницијативата ја отфрли.
7. На крајот подносителот на иницијативата бара Судот да ја цени согласноста на оспорените одредби од Колективниот договор на “Електростпанство на Македонија” со членот 68 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија.
Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според тоа, Уставниот суд не е надлежен да ја цени меѓусебната согласност на колективните договори, поради што Судот ја отфрли иницијативата во овој дел,согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.162/2003
24 декември 2003 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова