Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 декември 2003 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 став 1 од Законот за сметководството за непрофитните организации (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/2003).
2. Асоцијацијата за демократска иницијатива (АДИ) – Невладина организација од Гостивар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од законот означен во точката 1 од ова решение.
Со оглед на тоа што во оспорената законска одредба се предвидувало непрофитните организации деловните книги да ги водат само на македонски јазик, подносителот на иницијативата смета дека таа не била во согласност со членот 7 од Уставот, при што не ја спротивставува посебно на ниеден од шесте ставови на овој член од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 5 став 1 од Законот е утврдено дека непрофитните организации ги водат деловните книги на македонски јазик, со арапски цифри и вредности изразени во денари. Ако се користат кратенки, кодови, знаци или симболи, мора јасно да се објасни нивното значење.
4. Според став 1 на точката 1 од Амандман В на Уставот на Република Македонија, на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Според став 2 на точката 1 од овој Амандман, друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.
Според ставот 3 на точката 1 од Амандман В , личните документи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се издаваат на македонски јазик и неговото писмо, како и на тој јазик и неговото писмо во согласност со закон.
Според ставот 4 на точката 1 од Амандман В , кој било граѓанин кој живее во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, во комуникацијата со подрачните единици на министерствата може да употреби кој било од службените јазици и неговото писмо. Подрачните единици надлежни за тие единици на локална самоуправа одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребува граѓанинот. Секој граѓанин во комуникација со министерствата може да употребува еден од службените јазици и неговото писмо, а министерствата одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот.
Според став 5 на точката 1 од Амандман В , во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон.
Според став 6 на точката 1 од Амандман В , во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа.
Според точката 2 на Амандман В , со овој амандман се заменува членот 7 од Уставот на Република Македонија.
Од содржината на Амандманот В на Уставот на Република Македонија произлегува дека тој се однесува на службените јазици во Република Македонија и нивното користење. Освен македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, во овој Амандман се предвидува дека во Република Македонија, исто така, службен јазик заедно со неговото писмо е и друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и тоа како што е определено со овој Амандман.
Во членот 4 став 1 од Законот е утврдено дека непрофитните организации се должни да водат деловни книги во согласност со одредбите на овој закон, прифатената стандардна сметководствена практика и сметководствени стандарди. Во ставот 2 на овој член утврдено е дека преку деловните книги се обезбедуваат еднообразни евиденции и други облици на евиденции со кои се обезбедуваат согледувања за состојбата и за движењата на средствата, обврските, изворите на средствата, приходите, расходите и резултатот од работењето.
Според член 5 став 2 од Законот, сите податоци регистрирани во деловните книги и во другите извештаи мораат да бидат целосни и комплетирани, навремени, ажурирани и да бидат презентирани хронолошки, односно точно да го одразуваат временскиот редослед на нивното настанување.
Според ставот 3 на член 9 од Законот, непрофитните организации, независно од начинот на водењето и чувањето на деловните книги, се должни во секое време да обезбедат достапност на истите, да ги чуваат и да ги заштитат во рокот утврден за тоа, и мораат да гарантираат дека тие можат да бидат презентирани во секое време.
Според членот 10 став 1 од Законот, внесувањето на податоците во деловните книги мора да се заснова на веродостојни, вистинити и уредни сметководствени документи, кои, пак, согласно ставот 4 на истиот член, служат истовремено и како основа за контрола и ревизија.
Разгледувајќи ја оспорената законска одредба во контекст на наведените и другите одредби од Законот за сметководството за непрофитните организации, Судот смета дека законодавецот при утврдувањето на решението во оспорениот член 5 став 1 од Законот се раководел пред се од практични причини, а не со намера да го уреди користењето на македонскиот јазик како службен посебно во оваа сфера, како што смета подносителот на иницијативата, затоа што неговото користење како службен јазик на целата територија на Република Македонија произлегува непосредно од самиот Амандман В на Уставот, а не од Законот.
Имено, според мислењето на Судот, оспорената одредба утврдувајќи ги елементите што треба и може да ги содржат деловните книги, како и јазикот на кои тие се водат, всушност уредува само техничко прашање во врска со водењето на сметководството на сите непрофитни организации што дејствуваат во Република Македонија, а со цел да се обезбеди еднообразна евиденција на податоците кои се внесуваат во деловните книги кои мора да бидат достапни и презентирани во секое време на надлежните органи за контрола и ревизија.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека со оспорената законска одредба не се повредува ниеден уставен принцип од Амандман В на Уставот на Република Македонија, поради што и не го постави прашањето за нејзината согласност со овој Амандман на Уставот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.137/2003
24 декември 2003 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова